Септемвриските избори во Германија и најавеното заминување на канцеларката Ангела Меркел ќе ја одредат насоката во која ќе се движи германската политика во следниве години, но, без сомнеж, тие ќе ја исцртаат и идната слика на ЕУ и на цела Европа. Наследниците на Меркел се исправени пред голем број дилеми. Треба ли да се одржуваат германските позиции и влијание со продолжена употреба на т.н. мека моќ на Германија како индустриска и трговска сила под воениот (вклучувајќи и нуклеарен) чадор на САД и трансатлантската интеграција, или пак (и во колкава мера) Берлин ќе се врати кон користењето на „тврдата моќ“, базирана врз воена моќ – значи, кон политиката што Германија ја напушти по двете светски војни, во кои доживеа воени порази и уништување?

Анализа

Еден од најмоќните и највлијателни германски професионални дипломати, Волфганг Ишингер, претседател на Минхенската безбедносна конференција, редовна годишна конференција за меѓународна безбедносна политика, уште на средината на 2018 година, во отворена изјава за германскиот весник „Дер шпигел“ го поврза јакнењето на германската и европската моќ со јакнењето на германските вооружени сили. Ишингер рече: „Кризната дипломатија дејствува многу подобро кога има воена подлога. Не заговарам воени интервенции, но врз основа на моето 40-годишно дипломатско искуство, сфатив дека дипломатијата што одбива да користи воени средства промовира само неуверлива и симболична политика. Тоа можеби може да си го дозволи некоја малечка европска држава, но не и Германија“.

Редефинирање на стратегискиот германски настап на меѓународната сцена?

Потребата од редефинирање на стратегискиот германски настап на меѓународната сцена не е од денес. Таа има свој историски развој, а во поново време се актуализира поради случувањата во германско-американските односи за време на мандатот на Доналд Трамп. Така, уште во 2006 година, германската медиумска групација „Бертелсман“ повеќепати во своите публикации предупредуваше дека „униполарниот свет, во кој САД се центарот на светската политика, дојде до својот крај, а идните констелации на меѓународни односи на светско ниво во сè ќе потсетуваат на борбата на водечките европски сили од 19 век“. Во ваквиот развој на настаните се наведува дека Германија и ЕУ мораат да ја редефинираат својата надворешна политика, да ги прифатат елементите на т.н. тврда моќ и да тргнат во жестока борба за сопствените интереси на глобалната сцена.
Во декември 2012 година се промовира проектот „Елементи на стратегијата за надворешна политика на Германија“, спонзориран од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП) и германскиот Маршалов фонд на САД (ГМФ). Така создадениот аналитички центар насобра повеќе од 50 високи функционери од германскиот политички и економски естаблишмент, за дефинирање на темелите на идната германска надворешна политика.
Овде беа вклучени аналитичари од СВП и ГМФ, германски надворешнополитички аналитички мрежи со силно влијание врз официјалната политика на државата, членови на Бундестагот, претставници на фондациите „Конрад Аденауер“, „Фридрих Еберт“ и „Бертелсман“, голем број универзитетски професори, индустриски претставници (меѓу кои и од концернот „Дајмлер АГ“), како и членови на извршниот одбор на Германската индустриска федерација. Исто така, во работата учествуваа Јохен Битнер од весникот „Ди цајт“ и Николас Бусе, специјален известувач на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ од институциите на ЕУ и НАТО. Сепак, најголем дел од членовите на аналитичкиот центар беа оние од Министерството за надворешни работи, меѓу кои и Томас Бергер, шеф на Управата за стратегиско политичко планирање.
Проектот излезе со заклучок дека САД покажуваат знаци на слабеење и дека затоа Германија „чија моќ за креирање политики во моментов е во мирување, мора да развие посилни глобални активности доколку сака да стане сериозна сила на светската сцена“. Проектот утврди дека германската глобална политика мора да располага и со воени средства. Резултатите беа објавени во анализата на СВП и ГМФ, која излезе со процена дека „денешна Германија е помоќна и повлијателна од која било демократска Германија во историјата“.

Враќање на елементите на германската „тврда моќ“

Пред наследниците на Ангела Меркел се поставува прашањето како да се спроведе можното, но и сè поизвесно враќање на елементите на германската „тврда моќ“. Дали тоа треба да се направи исклучиво на национално ниво или, пак, преку ЕУ и евроатлантската политичка и воена интеграција? Сите геополитички поставки, вклучувајќи ја и потребата за соработка со Франција како единствена нуклеарна сила во Унијата, упатуваат на втората опција. Освен тоа, денешната германска политика не сака со своите потези да потсетува на германскиот милитаризам од минатото, па во веќе започнатата обнова на моќта на Бундесверот ги користи ЕУ и НАТО како засолниште од потенцијални обвинувања за ремилитаризација на повторно обединетата Германија.
Стратегијата за јакнење на германската „тврда моќ“, вклучувајќи и на германските воени сили со поткрепа од ЕУ и НАТО, односно нивното користење како засолниште од очекуваните обвинувања за враќање кон старото, во однос на германската надворешна политика постојано ја заговара неизбежниот поранешен министер за надворешни прашања и вицеканцелар Јошка Фишер. Кон крајот на 2017 година, во својата колумна за „Проџект синдикејт“, насловена „Германија во ерата на Трамп“, Фишер, предупредувајќи на можните последици од најавената политика на тогашниот нов американски претседател Трамп, дава поширока слика за германските позиции на светската сцена, велејќи дека Германија е зависна од Унијата, зашто таа ѝ обезбедува геополитичка стабилност и моќ. Според него, поради комплицираниот европски политички пејзаж, германската држава е во таква историска позиција што, за разлика од, да речеме, Јапонија (исто така поразена во Втората светска војна), едноставно сè уште не може да го врати целокупниот опсег на одбрана и безбедност во својата национална политика. Германија не може да ја „национализира“ својата одбрана, како што тврди Фишер, туку мора да ја позиционира во рамките на ЕУ и НАТО, кои пак, од друга страна, ѝ обезбедуваат основа за изградба на геополитичка моќ и влијание во меѓународните односи.

Кај германските граѓани незапирливо расте незадоволството од ЕУ

Покрај тоа, Германците имаат и сè помалку доверба во ЕУ, а последните истражувања сосема јасно го покажуваат тоа. Според анкетата нарачана од Европскиот совет за надворешни односи, 55 отсто од Германците сметаат дека политичкиот систем на Унијата не функционира, што претставува скок од 11 отсто во однос на минатата година. Додека во ноември 2020 година речиси 50 отсто од германските жители верувале дека системот на ЕУ функционира, сега во тоа се уверени само 36 отсто. Дури 33 отсто Германци сметаат дека интеграцијата на Унијата е отидена предалеку – на штета на Германија.
Несомнено е дека кај германските граѓани незапирливо расте незадоволството од ЕУ и германската улога во неа, особено по дебаклот од почетокот на корона-кризата и катастрофалниот одговор на настанатата здравствена закана. Германците сè посилно се спротивставуваат и на јавната интернационализација на долговите во рамките на Унијата, сметајќи дека Германија го расфрла своето тешко стекнато богатство со тоа што се согласила да печати пари (што води кон настанок на должнички дубиози) за распределба помеѓу членките на ЕУ, кои ниту нешто произведуваат ниту, пак, создаваат.
Во секој случај, сосема е веројатно дека Германија (со одобрение речиси од сите политички сили во земјата) по заминувањето на Ангела Меркел постепено ќе воведува сè повеќе елементи на „тврда моќ“ во својот надворешен настап. Тоа ќе го прави во рамките на ЕУ, но истовремено ќе го подготвува својот план Б во случај на некој иден распад на структурата на Унијата. Во суштина, додека трае врската помеѓу Германија и Франција, секогаш ќе може да опстане некаква „стеснета“ формација на ЕУ.

Уште аргументи за афирмација на германските потенцијали за „тврда моќ“, вклучувајќи ја и воената сила

И самата можност за распаѓање на ЕУ и последователните меѓусебни пресметки на европските држави што би следувале околу границите исцртани пред повеќе од еден век – со Версајската спогодба меѓу победниците од Првата светска војна и со одлука на победниците по Втората светска војна – ја упатува Германија на јакнење на сопствената воена сила и создавање поробустен надворешнополитички механизам.
Треба да се води сметка и за многу веројатната реприза на воените судири на Балканот, што ќе зависи само од американската политика, зашто Европската Унија во тој поглед е немоќна да промени нешто. Таа – а со неа и Германија – е заложник на американската и руската геополитичка игра на Балканот. Заминувањето на државите надвор од кругот на Западна Европа и продолжувањето на војните на европската периферија, конечно би ја втурнале Германија во завршна и целосна афирмација на нејзините потенцијали за „тврда моќ“, вклучувајќи ја и воената сила. Силата на германското стопанство и економија веќе во овој момент го дозволува тоа. Берлин мора да смета на можноста за колапс на ЕУ, конфликти на европските простори (особено на исток и југоисток) и проблеми во рамките на трансатлантската заедница. Веќе и самите индикации за ваков развој на настаните ги поттикнуваат германските стратези на редефинирање на концептот за германските геополитички интереси во корист на поширока примена на инструментите на „тврда моќ“.

Од анализата на Марио Стефанов, „Геополитика њуз“