Некои опсервации за состојбите со гасот како енергент во Европа за 2021 година
Уште на самиот почеток на годината, пазарот на гас во Европа почна да се соочува со сериозни турбуленции, со најава за тешка и беспоштедна борба меѓу најголемите производители и извозници што ја дистрибуираат својата „стока“ до европските купувачи.
Битката е веќе почната
Само во првите неколку дена од 2021 година, интересите на неколку клучни снабдувачи и конкуренти во гасниот бизнис дебело се вкрстија. Во прв ред тука се Русите, Американците и Азербејџанците – па, аналитичарите веќе почнаа да предвидуваат кој е тој што би можел да остане со кратки ракави. Имено, во Србија се пушти во употреба гасоводот „Балкански тек“, кој се протега од бугарската до унгарската граница. Тој е дел од руско-турскиот гасовод „Турски тек“, преку кој руски „Газпром“ ќе ги снабдува со гас Балканот и Централна Европа. Истовремено (буквално истиот ден) на ЛНГ-терминалот на островот Крк пристигна американски танкер со течен гас. Овој американски гас не е само за потребите на Хрватска туку него би го користеле и Унгарија и Украина, а наскоро и некои други земји во регионот. Унгарија годишно купува 11,2 милијарди кубни метри гас, а со „приклучување“ кон терминалот на Крк, државата значајно би ја намалила својата зависност од руски „Газпром“.
Диверзификација на пазарот на гас
Веднаш по отворањето на Трансјадранскиот гасовод (ТАП) како дел од Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП), кој ќе ја снабдува Европа со азербејџански гас (тука се Грузија, Турција, Бугарија, Грција, Албанија и Италија, која, по Германија, е вториот најголем купувач на руски гас во Европа), бугарскиот премиер Бојко Борисов откри тренд на „диверзификација на пазарот на гас“. Имено, на годишно ниво, Италија купува 22,1 милијарди кубни метри гас, но во иднина дури за една третина ќе ја намали својата зависност од рускиот енергент, со тоа што ќе набавува околу 8 милијарди кубни метри од Азербејџан. Ова го пишува и хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
Во периодот кога одредени фактори веќе најавуваа проблеми за „Газпром“ и удар врз рускиот гасен бизнис во Европа, излезе веста дека на 15 декември Данска почна со работи во врска со оспоруваниот руско-германски гасовод „Северен тек 2“. Данска сепак ги прекина активностите кон крајот на минатата година поради американските санкции, воведени за компаниите што работат на проектот.
Во исто време, владата на покраината Мекленбург – Западна Померанија (шеста по големина во Германија) донесе одлука за формирање фонд за завршување на „Северен тек 2“ (во случај на продолжени американски санкции), сакајќи на тој начин да ги „спаси“ 11-те милијарди долари што Германија и некои европски компании ги имаат вложено во досегашната изградба.
Имено, токму на територијата на оваа покраина гасот „излегува“ од море на копно, па логично е што тие се многу заинтересирани за успешно финализирање на овој проект. Речиси сто европски компании, од кои половината се германски, од 12 држави работат на овој профитабилен бизнис со гасоводот, а некои, како „Унипер“ и „Винтершал“, би можеле да изгубат и многу повеќе од досега вложените милијарда долари по компанија.
Германија првпат купува повеќе од 50 отсто гас (до 2016-та нејзиниот удел беше малку над 40 отсто, и тоа најмногу поради претходната приклученост на поранешната Источна Германија на советските гасоводи) и големи количества нафта и јаглен од Русија (го намали дури и сопственото производство на јаглен поради увоз од Русија). Па, оттука, од економски аспект таа најмногу би изгубила, бидејќи не би била, како што беше предвидено, главна „оска“ на рускиот гас за Западна и Централна Европа и единствен контролор во дистрибуцијата на руски гас низ европските простори. Поради сиве овие причини, тешко е да се поверува дека Германија лесно ќе се откаже од овој за неа многу важен проект.
Поголем колач од гасот значи и поголемо политичко влијание
Светот во новата година со нетрпение очекува да види како ќе се договори Берлин за ова прашање со новата американска администрација на Џо Бајден, која, барем така се чини, не најавува дека ќе има поголема наклоност кон „Северен тек 2“ од досегашната администрација на Доналд Трамп.
Во секој случај, ЕУ денес користи околу 40 отсто од рускиот гас, додека пред петнаесетина години учеството беше поголемо од 60 отсто, најмногу поради источноевропските земји, кои до неодамна беа речиси целосно зависни од руски гас. Според некои предвидувања, до 2025 година Полска ќе стане комплетно независна од руските енергенти, а истата цел ја имаат поставено и балтичките држави Летонија, Естонија и Литванија. Токму овие четири држави се најжестоките противници на „Северен тек 2“, кој целосно ги заобиколува, иако претходно им беше понудено учество во проектот.
Одредени аналитичари сметаат дека гасоводите „Северен тек 2“ и „Турски тек“, како два стратегиски руски политичко-економски проекти, претставуваат последна шанса Русите да се закотват во Европа во улога на главен снабдувач на гас. Покрај економската добивка, со ова Русија би ја зајакнала и својата политичка позиција на подрачјето што со години ѝ се стеснува поради проширувањето на ЕУ и НАТО.
Една од причините за активностите на Москва е намерата за заобиколување на Украина, низ која дури и денес, на патот кон Европа, поминува најголемиот дел од рускиот извоз на гас. Русија сака да го промени тоа, на начин со кој би го маргинализирала Киев, правејќи го така уште понепривлечен за западните интереси.
Дополнителна главоболка за Русија претставува фактот што во последно време САД и Азербејџан (а на Москва „во врат“ ѝ дишат и Катар и Алжир) сериозно навлегуваат на веќе „освоените“ руски пазари на гас.
Според податоците на германските медиуми, терминалот на островот Крк би можел во целост да го покрие хрватскиот увоз на руски гас – годишниот капацитет на ЛНГ Крк изнесува 2,6 милијарди кубни метри, а Хрватска увезува од Русија 2,82 милијарди кубни метри. Слична е ситуацијата и со другите балкански држави, имајќи предвид дека Грција и Бугарија за речиси 40 отсто ќе ја намалат идната понуда на „Газпром“.
На повидок политички отстапки на Балканот
Во моментов Грција увезува 2,41 милијарди, а Бугарија 2,39 милијарди кубни метри гас. Единствено Србија ќе го удвои рускиот увоз, но тоа се должи на фактот што Белград добива многу поволни услови од Москва – наместо 240 долари, Србите плаќаат 155 долари за илјада кубици, па оттука некои аналитичари во државата се прашуваат колкава ќе биде цената на српските политички отстапки.
Во секој случај, нема дилема дека 2021 година ќе биде обележена со „војна за гас“, во која силите ќе си ги одмеруваат најголемите производители за европскиот пазар, а некои дури предвидуваат дека „Газпром“ дополнително ќе ги намали цените, сакајќи да ги „оддалечи“ Европејците од и онака поскапиот американски течен гас. Но тогаш неизбежно се наметнува прашањето може ли Русија да го издржи ова темпо на намалување на цените во актуелната економска ситуација. Рускиот портал „Газета.ру“ своевремено објави дека во текот на 2020 година, Русија имала поголем извоз на гас (но со помали приходи) од оној во 2019 година, главно поради пандемијата, како и дека Русите се надеваат на нов пораст откако ќе се смири ситуацијата со ковид-19.