Игор Есмеров, доскорашен македонски амбасадор во Унгарија и поранешен член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ
На политичката сцена во Македонија деновиве станува актуелно уште едно познато име. Игор Есмеров, поранешен член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, своевремено, од 2014 до 2018 година, амбасадор на земјава во Унгарија, инаку доктор по природни науки, сѐ почесто се споменува во врска со случувањата во ВМРО-ДПМНЕ, при што тој отворено ги изразува своите ставови, кои не се секогаш на линија на раководството. Попрецизно, тој отворено се појавува како еден од иницијаторите за вонредни партиски избори и смена на раководството на партијата.
Како ја оценувате актуелната политичка ситуација во Македонија?
– Евидентно е дека е направен огромен исчекор во надворешните односи и пробивот кон евроатлантските интеграции, но поразително е тоа што ВМРО не учествуваше во овие значајни процеси, набљудувајќи ги процесите збунето, од страна, без да има став. На некој начин, заличува дека ги отспаа овие процеси. Лидерот на опозицијата сѐ уште има променлив став по однос на Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, во зависност од политичкиот момент и соговорникот. Состојбите на планот на внатрешните реформи се поразителни и тука се забележува ретрограден процес. Некои состојби се вратени назад.
Каде го гледате излезот? Но и како ја оценувате улогата на опозицијата во сите овие околности?
– Голем проблем е што власта нема коректив. ВМРО е многу слаба опозиција, со исклучително слабо лидерство, а резултатот од тоа се поразот на парламентарните избори и стравот да се излезе на локалните избори во Штип. Забележително е тоа што настанува одредено регрупирање на членството во ВМРО. Имено, некои радикални структури како полека да преминуваат во партијата Левица токму поради тоа што се чувствуваат излажано и изневерено. Мицкоски сѐ уште нема став по ниту едно прашање, не нуди алтернативи и во отсуство на каква било визија за иднината, членовите на ВМРО сѐ повеќе се идентификуваат со ставовите на Левица.
Излезот е во оставката на Мицкоски, кој вети дека ќе ја даде, но не се случи тоа. Деновиве бевме сведоци дека опозицијата во страв од пораз ги бојкотираше локалните избори во Штип, но не се откажа од државното финансирање. Тоа јасно укажува на лукративните причини поради кои Мицкоски не прифаќа никаква одговорност за шестиот последователен пораз на ВМРО. Првиот потег на ВМРО што би требало да го повлече Мицкоски во овој момент треба да биде откажувањето од буџетското финансирање на партијата.
Имаме ли ние генерално зрела опозиција за предизвиците на ова време, која би била опонент на власта?
– Одговорот лежи во стравот на ВМРО да бега од изборното соочување во Штип. Наутро Мицкоски бара предвремени избори, навечер најавува бојкот на локални избори. До толку е зрела опозицијата што ги менува ставовите во еден ден. Така беше и при потпишувањето на Преспанскиот договор, па на Договорот со Бугарија, истото тоа се случуваше и при енормното задолжување на државата во предизборниот период, за кое задолжување беше потребен потписот на тогашниот заменски министер за финансии, поставен од ВМРО. Тоа се случува и во овие моменти. Имено, бевме сведоци дека Мицкоски подолго време бараше лидерска средба. Откако му беше понудена лидерската средба, почна да бара смешни изговори, па ја префрли вината на претседателот на државата, за на крајот да каже дека Пендаровски бил нелегитимен. Во овие моменти, ВМРО на чело со Мицкоски повеќе личи на министерство за опозиција, а Мицкоски личи на министер за опозиција, кој е финансиран од буџетот на државата за да губи на избори. Таков впечаток остава.
Како ја толкувате апстиненцијата од последните вонредни локални избори, а како резултатите од последните неколку избори кај нас, каде што вашата партија помина како што помина?
– Во основата на апстиненцијата лежи огромниот страв на лидерот на опозицијата, на кој лидер граѓаните пет пати по ред му даваат до знаење дека не го сакаат и сосема нормално е шестиот пат да биде уплашен. Проблемот што Мицкоски не сака да го разбере е тоа што неговата непопуларност веќе прераснува во потсмев и презир на граѓанството кон самиот Мицкоски, но и кон ВМРО. Ако направите паралела помеѓу двајцата опозициски лидери, Мицкоски и Апасиев, лесно ќе дојдете до заклучок дека доколку Апасиев е лидер на ВМРО, таквото ВМРО би победило уште утре на избори, а со Мицкоски на чело резултатот е очекуван пораз по секоја цена.
Вие и досега во повеќе наврати јавно се деклариравте дека не се согласувате со одлуките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Сега и официјално барате вонредни партиски избори?
– На секое барање вонреден конгрес, одговорот на Мицкоски е „да се обединиме“. Мојот одговор е дека сите ние сме обединети во ставот дека треба да се испочитува практиката, која стана и демократско партиско начело, а тоа е дека по изгубени парламентарни избори, лидерот на партијата си заминува од таа позиција. Непринципиелниот однос на Мицкоски создава впечаток дека сме разединети.
Иницијативи за смена на Мицковски имаше и досега. Зошто не се приклучивте кон овие иницијативи или станува збор за сосема независна група партиски членови што имаат свои барања?
– Верувајте дека 95 отсто од членството нема никакви симпатии кон ова раководство, на чело со Мицкоски. Мене ме плаши што кај некои партиски членови тоа полека прераснува во омраза и инает, што резултира со апстиненција од гласање на избори. Дополнителен проблем е што членството не се идентификува со лидерот на партијата, а тој едноставно не успеа да се наметне како алтернатива. Јас ги поддржувам сите иницијативи за вонреден конгрес.
Кои се вашите клучни забелешки за раководењето на Мицковски?
– Од тоа што го вети при неговиот избор за претседател на ВМРО, апсолутно ништо не исполни. Состојбата во партијата е катастрофална, а тоа го признава и раководството на партијата, поради што секојдневно повикува на обединување, што значи дека постои разединетост, која и самите ја детектираат. Меѓународниот углед на партијата е целосно срушен и тука нема никаква промена на позитивно. ВМРО во моментов нема никаков коалициски капацитет по однос на коалиција со некоја од албанските партии. Несоборлив аргумент е дека на чело со Мицкоски забележуваме шест изборни порази по ред.