Работните групи на власта и опозицијата в петок треба повторно да се состанат во нов обид да се постигне согласност околу предлог-законот за Јавното обвинителство со кој се решава и статусот на Специјалното јавното обвинителство.
На првата средба во понеделникот не беше постигнат договор, но двете страни се согласија уште еднаш да ги разгледаат изнесените аргументи, да се преиспитаат ставовите и ако евентуално има одредени поместувања, повторно да се состанат в петок.
За власта е неприфатливо барањето СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал, ниту прекинување на истрагите и обвиненијата. Поддржуваат решение СЈО да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство.
За опозицијата, пак, неприфатливо е СЈО да не одговара пред никого и само да создава буџет, кој никој од надвор нема да го контролира. Друга клучна разлика е судбинатата на истрагите што се во тек од страна на СЈО, предистражните постапки и обвиненија што се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите.
Работната група на опозицијата најави дека до утре ќе поднесе амандмани на законот. Тони Менкиновски, кој ја предводи групата, вели дека имаат забелешки на 120 страници, но оти има простор за договор.
Премиерот Зоран Заев во интервју за МИА изјави дека се подготвени за разговори за секое прашање кое е аргументирано со опозицијата, но тоа да не биде на штета на државата и на институциите на системот. Се надева дека законот за јавното обвинителство ќе биде донесен навреме, пред извештајот на ЕК за земјава и очекуваната одлука за почеток на приспапните преговори
– Драго ми е што почнаа разговорите, знам дека до крајот на оваа недела веќе ќе има конкретни писмени материјали околу некои предлози, верувам дека е возможно навремено да го донесеме законот за јавно обвинителство, во кое што е инкорпорирано СЈО како создаден капацитет. Уште еднаш напоменувам, тоа јавно обвинителство веќе, како што е поставено и во новиот закон, ќе ја гони власта, сегашната власт. Тоа јавно обвинителство е капацитет кон кој ќе тежнеат и другите обвинителства, и материјален и финансиски и со опрема. Да дадеме шанса на еден ваков закон, и сите сме тука во државата со доверба кон институциите, да продолжиме да ги градиме реформите-изјави Заев.
Прашан дали е подготвен да прифати смена на Катица Јанева, Заве вели „апсолутно не, бидејќи со тоа би се испратила лоша порака до оние кои „опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во Уставот и законите, во тешко време“.
– Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои што опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Северна Македонија- вели Заев.
Владејачкото мнозинство очекува законот за јавното обвинителство да биде донесен до крајот на март,односно пред почетокот на кампањата за претседатеските избори. Тоа е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ на почетокот на јуни.