Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најновите статистички податоци за негативна стапка на прираст на населението покажуваат драматичен отклон од тежиштето врз кое се градела државната политика во претходните декади. Експертите сметаат дека бројките од пописот од 2002 година, не соодветствуваат со сегашната состојба и на принципот на бројки му треба рефреширање, кое може да биде само со нов попис. Тоа, практично, значи дека рамковниот договор, но и Законот за употреба на јазиците, се темелат на претпоставки и бројки што се далеку од реалноста

Податоците од пописот во 2002 година, кои беа основа за политиките на државата, меѓу кои и рамковниот договор и носењето на законот за јазиците, се сериозно доведени во прашање по последните статистички податоци, според кои Македонија влезе во негативна ставка на природен прираст на населението. Наталитетот, кој последните години го одржуваа, пред сѐ, средините со албанско население, според последните податоци покажува сериозен пад и во овие делови од држава, што е индикатор дека голем дел од албанското население последните години ја напуштило Македонија.
Ако во 2002 година Македонија имаше население во кое над 20 отсто беа Албанци, овој тренд сега покажува дека пирамидата на бројноста на Албанците сега, веројатно, е свртена наопаку и наместо раст, во државата има пад на процентот на албанската заедница. Тоа точно може да се утврди само со нов попис спроведен по европските стандарди.

Дали отпорот што доаѓа од албанските политички партии за регуларен попис е поврзан со стравот дека тој ќе открие драстично намален процент на албанско население е причината што токму неодамна Али Ахмети, претседателот на ДУИ, побара државните политики да се раководат според пописот од 2002 година и врз основа на тие податоци да се воведат и загарантирани пратенички мандати за Албанците и за другите малцински заедници?
Од друга страна, многумина од експертите посочуваат дека барањата на лидерот на ДУИ Али Ахмети за распределба на влијанието во власта, според податоците од пописот во 2002 година, се невозможни и нереални.

Експертите сметаат дека бројките од 2002 година, денес, не соодветствуваат со реалната состојба и затоа треба да се напушти принципот на градење политики по тие бројки. Тоа, практично, значи дека предмет на ревизија, промени па и укинување треба да бидат и рамковниот договор, но и Законот за употреба на јазиците, кои се темелат на претпоставки и бројки што не соодветствуваат со реалноста.
Посочуваат дека сега има сериозна промена на структурата на населението и доколку не се спроведе попис, невозможно е да се повикуваме на бројките од пред 17 години.
Политичките аналитичари немаат дилема дека овие бројки можат да се рефлектираат на внатрешен политички план, кога станува збор за колективните права стекнати по основа на етничка припадност на 20 отсто од населението.
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека податоците со негативен природен прираст и посочувањата на демографите да се спроведе попис на населението има две точки на значење, кои можат да се одразат на политиката во земјава.

– Првата е на колективните прашања за кои се потребни 20 отсто од населението, а втората е при изборите кога е потребен цензус. Сметам дека промените во популацијата на населението нема да смени ништо, зашто еднаш дадени права, тешко се одземаат. Кој е тој што ќе го менува Уставот на државата – посочува Арсовски.
И аналитичарот Владимир Божиновски смета дека овој остар пад на наталитетот ќе се одрази на многу сфери во социоекономското живеење на земјата. Според него, попис мора да се спроведе, но тоа нема да смени многу во политичка смисла.
– Правата што досега се дадени не можат да се одземат. Сето друго што сега го бара Ахмети се фантомски барања. ДУИ е партија што е заглавена во стапица на етничка, а не граѓанска партија. За законот за јазици имаме укажувања од Венецијанската комисија, кои мора да се имплементираат – објаснува Божиновски.

Бројките од 2002 година се историја

Демографот Дончо Герасимовски посочува дека последните статистички податоци говорат дека повеќе не можеме да ги користиме податоците од последниот попис на населението во 2002 година и да ги сметаме за веродостојни. Според него, неопходно е да се спроведе попис на населението и да се искристализираат позициите на популацијата во земјава.
– Бројките до крајот на годината може да бидат погубни, а во 2020 година да бидат уште поизразени. Поради тоа, потребно е да се преземат итни, директни и конкретни мерки, зашто очигледно е дека сето она што се преземаше со години како популациска стратегија не дало плод. Потребна ни е популациска политика. Неминовно е Владата да го отвори прашањето за стратегија за демографската и популациска политика во државата. На пример, во Србија, тамошниот претседател Александар Вучиќ поведе постапка, односно назначи министер без ресор за популациска политика и формира комисија што ќе работи на ова прашање. И многу други земји имаат почнато низа активности – објаснува Герасимовски.

Според податоците за 2019 година, за девет месеци од годинава во земјава се живородени 14.622 деца, а во истиот период во 2018 година биле родени 16.069 деца. Анализата покажува дека во првите девет месеци од годинава имало 1.447 помалку живородени деца отколку во истиот период лани. За разлика од наталитетот, морталитетот или бројот на умрените лица е во пораст. Така, во периодот од првите девет месеци во 2019 година се умрени 730 повеќе лица од лани, или во 2019 се умрени 15.260, а во 2018 година биле умрени 14.530 лица.

Албанците се иселуваат и сѐ помалку раѓаат деца

Герасимовски посочува и дека ако се гледа наталитетот по етнички заедници, се забележува пад на раѓањето деца и кај Албанците и кај помалите етнички заедници. Вели дека има и општини каде што има повеќе живородени деца или повисок наталитет во странство отколку во земјава. Такви се Маврово Ростуша, Ново Село, Пласница, Центар Жупа итн.
– Оваа година интересни се состојбите и во поединечни општини што со години имале висок наталитет, а сега намален или дури и негативен. Такви општини се: Гостивар, Куманово, Боговиње, Врапчиште, Кичево, Гази Баба, Аеродром, Струмица и поголем дел од руралните општини. За разлика од нив, има општини што константно се со висок природен прираст како Чаир, Студеничани, Сарај, Тетово, Центар, Шуто Оризари, Бутел, Липково, Струга, Арачиново итн.

За обележување е и тоа што во поединечни општини е карактеристично што бројот на живородени деца е помал од бројот на населени места или тоа значи дека нема ни по едно живородено дете во секое населено место како во Дебрца, Старо Нагоричани, Маврово Ростуша, Новаци, Демир Хисар – посочува Герасимовски.
Заклучува дека од осумте региони што постојат во земјава, во шест има појава на негативен природен прираст, а само во два тој е позитивен.
Социолозите сметаат дека треба да се преземат мерки за стимулација на наталитетот, преку разни бенефиции за жената, за да има таа можности и услови за репродукција, наспроти мерките за стимулирање трето и четврто дете, кои не дале плод.

Укажувања и од Венецијанската комисија

Венецијанската комисија вторпат укажа на нефункционалноста од употребата на законот за јазиците и ги повика сите засегнати страни да го преиспитаат законот и да се напуштат одредбите за двојазичност, особено во судските постапки. Правните експерти од Советот на Европа подвлекоа дека во споредба со законот од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во некои случаи оди подалеку од европските стандарди поставени со Конвенцијата за заштита на малцинствата и Европската повелба за малцинските и регионалните јазици.


Општини што со години имале висок наталитет, а сега намален или негативен

Гостивар
Куманово
Боговиње
Врапчиште
Кичево
Гази Баба
Аеродром
Струмица


Општини што константно се со висок природен прираст

Чаир
Студеничани
Сарај
Тетово
Центар,
Шуто Оризари
Бутел
Липково
Струга
Арачиново

[email protected]