ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг пред Владата на Република Македонија.
– Од ова појасен став нема. Историјата ќе суди кој бил во право. Ова е историски период за сите нас, крстосница на која се наоѓаме во нашето битисување и во нашата историја, се решава прашањето за името. Многумина го очекуваат нашиот став за овој проблем и јас овде пред вас немам друга опција освен да бидам искрен и отворен, рече Мицкоски.
Тој обвини дека разговорите за името се водат тајно и нетранспарентно, а информациите за нивниот тек најчесто доаѓаат од грчките медиуми.
– Некој кој е власт во земјата си игра до достоинството и го распродава евтино иако е бесценето. Заев кажуваше дека нема промена на Уставот и дека ќе го заштитат идентитетот. Како поминува времето, сега вели дека промената на Уставот не е промена на идентитетот. Се договора промена на името и сите ќе не именуваат со новото име. Ќе се направи непоравлива штета за која ќе нема назад, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Скопје.