Собранието на Република Македонија не успеа да го усвои дневниот ред на 53. седница бидејќи пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, еден по еден, бараат промени во редоследот на дневниот ред откако владејчкото мнозинство ја изгласа потребата за носење на измените на Изборниот законик, во делот на избор на членови на Државната изборна комисија (ДИК).
Претседателот на Собранието ја прекина седницата кога веќе немаше кворум за работа и продолжението го закажа за утре во 11:00 часот.
Владата денеска предложи измени на Изборниот законик, по скратена постапка со кои се бара ДИК да се бира со 61 пратеник, наместо со двотретинско мнозинство и бришење на ставот со којшто се предвидува Комисијата за прашања на изборите и именувањата да го гледа предлог-законот. Измените се предложени со европско знаменце. Власта, како што беше потенцирано, сака да се надмине блокадата на процесот за избор на членови на ДИК од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од опозицијата најнапред побараа 12. точка на дневен ред, односно измените на Изборниот законик да биде тргната од дневниот ред, што не беше прифатено од владејачкото мнозинство, а потоа почнаа со другите барања за промени одолговлекувајќи го на тој начин почетокот на расправата на седницата.
Пратеникот Трајко Велјановски предложи измените на Изборниот зкаоник да бидат тргнати од дневен ред, укажувајќи дека никогаш Изборен законик не бил носен без опозицијата. Пред пратениците тој исто така предложи, како што рече, една од шестте сали за комисии во Собранието да биде со европско знаменце и именувана Артан Груби и секогаш таму да се носат закони со европско знаменце по желба на Владата.
– Владата се наоѓа во една сопка бидејќи не го заменила членот кој вели дека од рок од еден месец од постапување на Изборниот законик треба да се избере ДИК, а тоа е 29 јуни. Како ќе се избере тој нов состав. Пак ќе го кршите законот. Како мислите да учествува опозицијата доколку на сила го носите овој закон и каква порака им давате на граѓаните во изборните процеси, вклучувајќи го референдумот, кој треба да се спроведе по вољата на граѓаните кога на сила го менувате законот, рече Вељановски.
Дафина Стојановска побара, пак, измените на Изборниот законик да бидат 1 точка на дневен ред, бидејќи, како што кажа, на Владата и се брза да ги донесе. Емилија Александрова побара точката 4 да биде 20 точка, а Иван Иванов 12. точка побара да биде 22-ра…
Претходно, Собранието со 62 гласа „за“ ја утврди потребата за донесување по скратена постапка на измени на Изборниот законик.
Претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, врз основа на член 117, став 1 од Деловникот на Собранието на РМ, ја задолжи Комисијата за европски прашања, како што рече, како матично работно тело, и Законодавно правната комисија, да расправаат за законот. Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби засега не кажува кога ќе ја закаже седницата.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев апелираше да се повлечат предложените измени, Џафери рече дека нема процедурални пречки парламентарното мнозинство да се изјасни за предложениот закон.
Како што појасни Данев, и претходно побарал едночасовна пауза затоа што биле убедени дека предлог законот ќе биде повлечен затоа што се носи без консултации и поддршка од опозицијата.
– Ова е тажен ден за демократијата во Република Македонија, и лош ден за демократијата и интересите на граѓаните. Тоа што беше до ВМРО-ДПМНЕ во овие четири месеци е исполнето, учествуваме во сите реформски закони, бевме критикувани и од нашите членови дека гласаме двотретински закони но на прво место ни беше партискиот интерес, рече Данев апелирајќи да преовладаат разумот и државничкото однесување за државниот и граѓанскиот интерес во Македонија.
Џафери појаснувајќи дека нема процедурална пречка за изјаснување за законот, наведе дека политичките партии презеле обврска за измена на Изборниот законик во делот на ДИК, но и дека дека нема да го блокираат изборот на ДИК за што се воспоставил инструментот двотретинско мнозинство за да биде и гарант дека тоа е консензуално решено.
– Од кои причини не се познати, досега политичките партии тактизираа околу изборот на ДИК и со тоа се доведува во прашање правото на граѓаните да се изјаснат по она што е најавено и побарано од сите политички партии дека по однос на договорот ќе има и референдум. Исправени пред ова, Собранието не може да биде заробеник на однесувањето на политичките партии по однос на обврските и надлежностите што ги има, рече Џафери.
Појасни дека Владата е една од надлежните институции за предлагање закони, и потенцираше дека во тој контекст процедурално нема никаква пречка да се излезе пред Собранието со предлог закон без оглед како ќе се толкува и каква ќе биде содржината на законот.
– Во тој контекс нема никаква пречка Собранието да се изјасни по предлогот на Владата како надлежен и овластен орган за предлагање соодветни материјали пред Собранието. Тука не би требало да спориме оклу процедурата. Политичкото – да, сите треба да си мислиме, а првенствено опозицијата која се противи на сето ова, рече Џафери.
Тој нагласи и дека нема пречка политичките партии да продолжат со дијалогот и да изнајдат консензус, а според Деловникот, во фаза на расправа законот може да се повлече.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев праша како ВМРО-ДПМНЕ сега не сака референдум ако десет години претходно се изјаснувале дека тоа е највисокото демократско средство за изјаснување за прашањето за името.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара, но не му беше дозволено процедурално изјаснување, со образложение дека не е координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а повикувајќи се на известувањето што го добиле собраниските служби.
Предлог-законот за измени и дополнувања на Изборниот законик е предложен како 12. точка на дневниот ред на 53. седница.