Фото: Игор Бансколиев

Европската комисија предложи нови мерки за координација на напорите за борба против пандемијата, особено за да се спречи ширењето на новиот вид на вирусот. Уште минатата недела беше најавено воспоставување темноцрвени зони. Во понеделникот, како критериум за таквите зони се споменуваше бројка на повеќе од 500 заразени на 100.000 жители во последните две недели. Овие зони не мора да бидат во рамките на националните граници, туку може да бидат во различни региони.

Европската комисија го заокружи пакетот нови мерки против пандемијата

Европската комисија предложи нови мерки за координација на напорите за борба против пандемијата, особено за да се спречи ширењето на новиот вид на вирусот. Уште минатата недела беше најавено воспоставување темноцрвени зони. Во понеделникот, како критериум за таквите зони се споменуваше бројка на повеќе од 500 заразени на 100.000 жители во последните две недели. Овие зони не мора да бидат во рамките на националните граници, туку може да бидат во различни региони.
Другата мерка што ја посакуваа некои држави, мерката за забрана на патување, не помина. Наместо тоа, Европската комисија само „силно препорачува да не се патува доколку не е неопходно“.
Белгија се обиде да ја протне забраната за патување како одлука за цела ЕУ, но откако тоа не помина, донесе еднострана одлука. Досега беше само препорака да не се патува доколку не е потребно, но тоа не ги спречи луѓето за време на празниците да одат на скијање, што се претпоставува дека доведе до ширење нова варијанта на вирусот.
Новинарите прашаа дали Белгија со тоа го прекршила принципот на слобода на движење, што е гарантирано и со договорите на ЕУ, особено затоа што тоа е „министерски указ“, а не одлука на Парламентот. Но Комисијата само истакна дека ова е мерка насочена кон заштита на здравјето на граѓаните.
Сепак, постои голема разлика помеѓу зборовите „забраната за патување“ и оние другите „патувањето воопшто не се препорачува“, што ги користи ЕУ. Европската комисија објасни дека забраната за патување не се однесува на новинари, чии активности исто така припаѓаат на основните професии. Комисијата е задоволна што Белгија има предвид дека во Брисел се наоѓаат клучни европски институции чиј персонал не е опфатен со забраната за патување.

Во Белгија, таканаречената британска варијанта веќе го достигна нивото од 25 проценти на новоинфицирани, а експертите претпоставуваат дека овој вид, кој е позаразен, наскоро ќе стане доминантен во Белгија. Затоа, оваа земја не е во можност да ги ублажи мерките, иако епидемиолошката слика е многу поволна и бројот на хоспитализирани е релативно мал во споредба со порано.
Сите овие мерки преземени од ЕУ имаат цел да го спречат ширењето на вирусот во време кога се очекува напредок во вакцината.
Во понеделникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, имаше телефонски разговор со извршниот директор на „Астра Зенека“, еден од производителите на вакцината против ковид-19, кој најави дека ќе испорача значително помалку отколку што се очекуваше во првиот квартал од оваа година. Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, изјави дека Фон дер Лејен во разговорот побарала производителот да стори сѐ што е можно поскоро за да ги испорача вакцините. Таа потсети дека Европската Унија исто така инвестирала во зголемување на капацитетот за производство на вакцини.
Меѓутоа, Европската комисија не сакаше да потврди какви правни средства има на располагање за да ги принуди производителите да се придржуваат кон договорот. Тоа им го препуштија на земјите-членки, од кои некои најавија дека ќе ги тужат производителите.

Европската комисија нарача дози на вакцини преку заедничка набавка во согласност со барањата на земјите-членки. Тие се договорени за сите 27 земји-членки на ЕУ. Но планот за испорака на вакцини секоја држава сама го договара со производителите.
Европската комисија инсистира дека тие „одлично управувале со процесот на набавка на вакцини“, предупредувајќи дека им обезбедиле вакцини на сите земји-членки еднакво и истовремено, што не би било можно ако секоја земја нарачуваше само за себе.
Во Брисел се одржа состанок на мешаниот комитет на ЕУ со претставниците на фармацевтските компании од кои се нарачани вакцините, на кој присуствуваа претставници од Европската комисија и од земјите-членки.
Тие побараа од „Астра Зенека“ одговори на многу прашања за да ја дознаат вистинската причина за ненавремената испорака на вакцините. До крајот на неделава, вакцината на „Астра Зенека“ требаше да биде одобрена од Европската агенција за лекови.
Поради доцнењето во испораката на вакцините, пропадна и планот за вакцинирање на 70 проценти од возрасната популација во сите земји-членки на ЕУ до почетокот на летото.

Фото: Игор Бансколиев

Откритие што фрла ново светло на епидемијата
Радовановиќ: „Првата европска жртва на коронавирусот била во Србија“

Зоран Радовановиќ, епидемиолог и пензиониран професор на Медицинскиот факултет во Белград, во својот напис за весникот „Данас“ откри дека првата жртва на ковид-19 во Европа била во Србија, на 5 февруари 2020 година. Радовановиќ, кој е ментор на повеќе негови колеги во кризниот антикорона-штаб, е еден од неколкуте епидемиолози што се критички настроени кон режимот на Вучиќ, а во својот текст презентираше податоци што фрлаат поинакво светло не само на текот на инфекцијата во нашето соседство туку и низ цела Европа.
Професорот посочува дека досега се знаеше за првиот случај на коронавирус во Србија што е дијагностициран на 1 или 6 март, во зависност од тоа кого прашувате. На 20 март официјално е регистриран првиот смртен случај од ковид-19.
Тој потоа објаснува дека во Србија (но и во многу други земји), по правило, не се вршат обдукции на смртни случаи од ковид-19, на што одговорот на експертите главно е дека епидемиолошките, лабораториските и клиничките дијагнози се доволни. Сепак, како што посочува, оваа принципиелна позиција не ја исклучува можноста да се откријат трагите од коронавирусот во ткивата од мртовец за кој не се претпоставува дека е заразен.
Според Радовановиќ, токму тоа се случило првпат на 5 февруари минатата година на Институтот за судска медицина при Медицинскиот факултет во Белград.
Имено, група од 12 експерти од оваа институција ги анализираа рутински земените примероци од ткиво на едно тело. Дијагнозата на ковид-19 потоа беше поставена со испитување течност од структурата на окото, позната како стаклесто тело. Правилото е да се докаже присуството на предизвикувачкиот агенс со употреба на две различни техники, што и било почитувано во овој случај, според Радовановиќ, кога биле користени хистопатолошки и молекуларни методи.
Странските рецензенти ги прифатија доказите на белградските експерти, па затоа еден напис за овој случај беше објавен во списанието „Фронтиерс ин медисин“.
Резимето на статијата посочува дека ова е всушност првата документирана смрт во Европа што може да се поврзе со ковид-19. Досега како прва жртва од коронавирусот во Европа се наведуваше постар кинески турист, кој почина во Франција на 15 февруари.
– Се чини дека САРС-КоВ-2 се ширеше побрзо и неговото ширење почна многу порано отколку што се сметаше претходно, а ковид-19 веројатно беше причина за многу пневмонии од непознато потекло забележани во јануари и февруари – заклучуваат авторите на студијата.

Радовановиќ посочува дека лицето што умрело на 5 февруари во Србија починало со коронавирус, но не и од него. Но јасно е дека човекот бил заразен уште кон крајот на јануари. Во секој случај, овој епидемиолог смета дека е можно некои од првите заразени „да се провлекле“ низ системот со дијагноза грип. На крајот, Радовановиќ малку цинично заклучува дека редоследот на заболувања од коронавирус го одржува и фактот колку се блиски некои земји со Кина, а познато е дека властите во Србија и претседателот Вучиќ често укажуваат на силни врски со Кина, од кои милион дози вакцини неодамна пристигнаа во Србија.
На крајот, да споменеме дека Републичкиот завод за статистика објави дека вкупниот број на смртни случаи во Србија во 2020 година изнесува 114.954, што е зголемено за 13.991 (13,9 проценти) во споредба со 2019 година, кога бројот на смртни случаи беше 100.963. Од тоа, само во декември 2020 година се регистрирани 17.321 смртен случај, што е двојно повеќе отколку во истиот месец минатата година, кога бројот на смртни случаи беше 8.803.
Првиот случај на инфекција со коронавирус во Европа е италијански државјанин, кој беше заразен на 10 ноември 2019 година, но тоа беше потврдено само со последователни анализи, откако светот навистина беше свесен за постоењето на новиот коронавирус.


„Инвестиравме милијарди во развој на вакцини, а сега ги нема“

Разговорите помеѓу мешаниот комитет на ЕУ со претставници на „Астра Зенека“ не дадоа резултати и тие продолжуваат.
Како што истакна комесарката за здравство при ЕУ, Стела Киријакидес, Унијата не е задоволна од одговорите дадени од „Астра Зенека“ на прашањата зошто ќе се одложи доставувањето вакцини.
– Изненадувачка беше веста дека во наредните недели тие ќе испорачаат значително помало количество од договореното. Беше ненајавено и неочекувано. ЕУ ги финансираше развојот и производството на вакцините и ние сакаме да добиеме корист од тоа за возврат. ЕУ сака да знае точно колку дози се произведени во која фабрика и каде отидоа. За овие прашања ќе разговараме во заедничкиот комитет. Одговорите на компаниите не ги исполнија нашите барања. Ние сакаме испорака на договорените дози што е можно поскоро – рече Киријакидес.
Таа најави дополнителни мерки за контрола на продажбата на вакцините што ќе се произведуваат во ЕУ.
– Ние им предложивме на земјите-членки да се постави механизам за транспарентност на извозот што е можно поскоро – истакна таа.
Стела Киријакидес рече дека ЕУ ги поддржа развојот и производството на вакцини против ковид-19 со над две милијарди евра и сака транспарентност на трансакциите и целосна транспарентност за извозот на вакцини надвор од Европската Унија.
– Во иднина, сите компании што произведуваат вакцини во ЕУ ќе треба однапред да објават кога сакаат да извезуваат вакцини надвор од ЕУ. Дозите испорачани за хуманитарни цели нема да потпаѓаат под оваа обврска – рече комесарката Киријакидес.


Вакцината на „Модерна“ дејствува против новите варијанти на коронавирусот?

Вакцината на „Модерна“ дејствува против новите варијанти на коронавирусот пронајдени во Велика Британија и во Јужна Африка, тврдат научници од таа фармацевтска компанија, пренесува Би-би-си.
Раните лабораториски тестови сугерираат дека антителата произведени како резултат од вакцината ги препознаваат и се борат против новите видови на вирусот.
Сепак, потребни се повеќе студии за да се докаже дека ова е вистина, особено за луѓето што се веќе вакцинирани.
Новите видови на коронавирусот се шират побрзо и во голем број земји се мутирани, што значи дека може полесно да заразат луѓе отколку изворната верзија на коронавирусот.
Експертите проценуваат дека вирусот што во септември се појави во Велика Британија можеби е до 70 проценти позаразен.
Тековните вакцини се дизајнирани според претходните верзии на вирусот, но научниците веруваат дека тие сепак треба да работат и против новите видови, иако можеби и не толку добро.