Владата денеска ќе ја одржи својата редовна 146-та седница, на која на предлог на Министерството за правда ќе биде разгледан Предлог-законот за јавното обвинителство, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители.
На редовната седница на Владата ќе биде разгледана и Информација за започнување постапка за воспоставување на јавно приватно партнерство за реконструкција на МХЕЦ „Глажња” и МХЕЦ „Липково”.
Министрите во Владата денеска ќе донесат одлука и за Предлог – законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Македонија и Европската Унија за учество на Македонија во “Европскиот корпус на солидарност”.
Министерството за надворешни работи како точка на дневниот ред на денешната седница го предлага Предлог – законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце (Македонија) – Прешево (Република Србија).
На предлог на Министерството за внатрешни работи за оваа седница доаѓа Информацијата во врска со потребата од спроведување процес на проверка (ветинг) на вработените во Министерството за внатрешни работи во Македонија.
Министерството за информатичко општество и администрација за оваа седница ќе ја презентира информацијата за модернизација на единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР и воведување на нови форми за вклучување во процесот на креирање на политики.
Редовната, 146-та седница на Владата е предвидено да започне во 12.00 часот.