Анализирано низ повеќе изборни циклуси, повеќе од јасно е дека македонските партии на секои избори освојуваат повеќе од 70 отсто од вкупниот број гласови, така што со право се поставува прашањето зошто овој резултат да не се валоризира и во владиниот состав, наместо Владата и владините развојни политики да бидат предмет на политикантски, калкулаторски, дури и незаконски опструкции на коалицискиот партнер, кој својата партиципација во власта ја базира на некои непишани и ирационални правила врз база на етнички клуч
Зошто мнозинството гласови на секои избори да остануваат невалоризирани
Длабоката поделеност на општеството што се рефлектира во секој поглед, како и предизвиците пред кои е исправена државата, повторно ја наметнува потребата од т.н. политичка резултанта, кога станува збор за клучните национални интереси, кои токму поради поделбата во државотворното ткиво се сериозно загрозени.
Тука несомнено политичките партии во македонскиот блок треба да се издигнат над партиските интереси и да ја погледнат поголемата слика, која значи европска, економски силна и просперитетна Македонија, наспроти нефункционална држава во која забрзано се губи единствената нишка на споивост на Македонецот со својата татковина.
Анализирано низ повеќе изборни циклуси, повеќе од јасно е дека македонските партии на секои избори освојуваат повеќе од 70 отсто од вкупниот број гласови, така што со право се поставува прашањето зошто овој резултат да не се валоризира и во владиниот состав, наместо Владата и владините развојни политики да бидат предмет на политикантски, калкулаторски дури и незаконски опструкции на коалицискиот партнер, кој својата партиципација во власта ја базира на некои непишани и ирационални правила врз база на етнички клуч. Според многу домашни, но и странски политички аналитичари, станува сѐ посурова практика со флагрантни примери секоја влада и развојна политика да се предмет на уцени на албанските партии, кои сметаат дека нивно загарантирано право е да добиваат огромен дел од колачот.
Во спротивно ги ставаат и Владата и зафатите од политичките развојни програми, а и граѓаните и државата во заложништво. Тие исто така истакнуваат дека според принципите на демократското изјaснување, односно според процентот на освоени гласови на албанското малцинство, тие не би требало да раководат со повеќе од две до три министерства.
Нејасно е зошто и натаму се опстојува на инсистирањето на формирање влада меѓу победничките партии во македонскиот и албанскиот блок ако се има предвид премисата „Едно општество за сите“, што би значело дека е неважно каков е составот на Владата сè додека таа испорачува резултати за сите граѓани и се грижи за нивната благосостојба, без оглед на нивната етничка припадност.
Во таа насока пред извесно време премиерот Зоран Заев излезе со идеја за можна широка владина коалиција во која би влегла и опозицијата, образложувајќи ја својата намера со потребата од средување на државата на внатрешен план и постигнување единство за клучните работи од интерес на земјата.
– Многу пораки стигаат и до мене од граѓаните, кои порачуваат: де бре застанете зад една работа заедно, да ве видиме како заедно работите за државата. Ние ќе ве гласаме на избори, некој ќе губи, некој ќе победува, но заедно да одработите за државата… Јас сум да постигнеме консензус. За 10 отсто, за 20 отсто, за 30 отсто од прашањата. Тоа ќе ја забрза брзината на државата кон нејзината цел. Ако одиме со 100 км на час, зошто да не одиме со 150, со 200 километри на час – порача Заев.
Опозицијата, како и повеќето коалициски партнери во власта ја одбија оваа идеја, секој од различни причини. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не сака, како што вели, да биде соучесник во разнебитувањето на државата и да му дава легитимитет на лошото владеење претходно. Помалите коалициски партнери на власта се против оваа идеја бидејќи уште повеќе би се маргинализирала нивната улога на политичката сцена.
Во една ваква констелација на односите клучно прашање е дали партиите, особено од македонскиот блок, се способни да се издигнат над партиските интереси и конечно нешто заедно да одработат во интерес на државата и граѓаните.
– Иако од оваа перспектива ваквата соработка изгледа невозможна, таа опција повторно ќе се појави на политичката агенда, и тоа поскоро одошто мислиме… Притоа, во наредниов период на Македонија ѝ следува клучна година во смисла на шанса за пробив кон европските интеграции. На крајот на пролетта и почетокот на летото, ќе се отвори еден прозорец на можности за решение на проблемот со Бугарија (почнувајќи со формирањето влада кон крајот на април, па сѐ до самитот на ЕУ во јуни, а по потреба до КОРЕПЕР во јули), па со тоа на отворање на поглавјата и влегување суштински во европските преговори – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Според него, веќе наесен, би можело топката за европски реформи инстант да се врати кај нас дома.
– Во таква ситуација, соработката од ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе стане значаен фактор: ако продолжат со блокадите, Македонија само ќе каска зад реформите, да не зборуваме дека имаме потреба да ги надоместиме изгубените две години од блокадите на Франција и на Бугарија. Ова темпо на забрзани системски реформи е возможно само со некаков основен политички консензус за европската агенда, што повторно ќе ја врати во игра идејата за соработка помеѓу двете најголеми македонски партии – истакнува Арсовски.
Тој уште додава дека дури и да не се отвори европската агенда, соработката меѓу најголемите македонски партии е нужна.
– Соработката ќе остане нужна. Ако Македонија не ги почне преговорите, дотолку поважна ќе стане реформската агенда дома – како еден вид супститут за преговорите, односно како механизам да се реформираме во меѓувреме, за кога ќе ги отвориме преговорите тие да траат што пократко, односно да немаме загубено време. Тоа повторно ќе значи некаква политичка мобилизација околу заеднички приоритети за менување на општеството кон подобро – значи повторно натпартиска соработка – констатира Арсовски.