Првичните изборни резултати што ги објави ДИК од првиот круг од претседателските избори, одржани викендов, на површина извадија три интересни параметри, кои „Нова Македонија“ реши да ги вкрсти и да направи аналитичка споредба со изминатите изборни циклуси. Имено, се работи најпрво за бројот на освоени гласови кај политичките партии низ годините за време на изборите. Вториот е одзивот кај граѓаните за избори во минатото и сега, кој значително е во опаѓање. Третиот параметар, кој е можеби најинтересен за јавноста, е порастот на бројот на неважечки ливчиња во гласачките кутии низ годините. Целта на оваа анализа е да се добие една пореална слика какво е расположението кај гласачкиот електорат. Дотолку повеќе што бројките од овој прв круг од претседателските избори покажуваат најмал одзив кај гласачите, но и помалку гласови на контото на двете највлијателни политички партии во македонскиот политички блок СДСМ и ВМРО -ДПМНЕ. Доколку се споредат податоците што „Нова Македонија“ ги анализираше од официјалните страници на ДИК, но и од институтот за демократија „Социетас цивилис“, овој прв круг на претседателски избори со претходните претседателски избори од 2014 година, кандидатот на власта за претседател Стево Пендаровски освои 323 илјади гласа, што е за 2 илјади помалку отколку што освои пред пет години на избори што СДСМ жестоко ги критикуваше како нефер. Неговата противкандидатка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, во исто време, со освоени 319 илјади гласа, доби за 130 илјади доби помалку гласови од тоа што го освои претседателот Ѓорге Иванов во првиот круг во 2014 година. Во однос на парламентарните избори, треба да се спомене најголемиот прилив на гласачи што ги доби СДСМ, вкупно 436.981 на последните избори во 2016 година, во споредба со изборите во 2014 година, кога бројката на оние кои гласале за СДСМ изнесуваше 283.955.
Тренд на помалку гласови има и кај ВМРО -ДПМНЕ. Генералните податоци на ДИК низ годините го отвораат и третиот показател на изборите во земјава, кој е во пораст, а тоа е феноменот со неважечките ливчиња. Имено, според ДИК, во првиот круг од претседателските избори што се одржаа викендов има неверојатни 32.275 неважечки ливчиња. Ваквиот развој на околностите анализирани низ бројки со минатите изборни циклуси во земјава говори дека граѓаните сѐ повеќе стануваат аполитични, односно се незаинтересирани да излезат и да го остварат своето уставно загарантирано право на глас.