Според политиколозите, врската меѓу граѓанските движења и политичките партии е многу тесна и тие меѓусебно си се употребуваат и злоупотребуваат во зависност од околностите како во светот така и во Македонија
Има ли и каква е врската меѓу граѓанските движења и политичките партии, колку едните се зависни од вторите и дали постои заемен однос, антагонизам или симбиоза на целите меѓу приврзаниците на организации и политичарите.
Оваа дилема стана актуелна во домашната јавност откога во етерот проструи веста дека „жолтите елеци“, кои неколку месеци маршираат и организираат протести во Франција, најавија дека тие формираат своја политичка партија, со која ќе се обидат да ја освојат власта во земјата. Токму овие актуелни случувања во Европа пронаоѓаат и свој „одраз во огледалото“ и на политичката сцена во Македонија.
Политикологот Милан Стефаноски вели дека денес живееме во време во кое во политиката самоорганизираните движења со своето дејствување ги укинуваат или ги заменуваат традиционалните политички партии.
Тој вели дека поради актуелноста на глобалните политики, нашата политичка сцена по ништо не се разликува и не заостанува од трендовите на оние од европските држави.
– Низ Европа сѐ повеќе гласачи сметаат дека традиционалните политички партии се преокупирани со сопствените интереси и гладни за моќ, па поради таа причина тие сѐ помалку ги одржуваат ветувањата дадени кон електоратот. Најверојатно поради оваа причина се чини дека особено младите гласачи сѐ помалку се заинтересирани за традиционалните партии, затоа што ги гледаат како премногу бирократски, здодевни и корумпирани и сѐ повеќе се одлучуваат демократски и политички да ги поддржат разните движења што дејствуваат – вели Стефаноски.
Тој истакнува дека често, како во францускиот пример со „жолтите елеци“, граѓанските движења прераснуваат во партии.
– Такви примери има многу. Тука може да се вброи движењето на францускиот претседател Емануел Макрон, „Републиката напред!“, кое убедливо победи на претседателските и парламентарните избори во таа земја, или австриското движење наречено „Листа на Себастијан Курц – Нова народна партија“, кое владее сега со земјата. Потоа и шпанското левичарско движење „Подемос“, кое настана по масовните демонстрации на незадоволните граѓани во 2011 година во оваа земја, како и италијанското популистичко движење „Пет ѕвезди“ (М5С), кое се искачи на првото место на парламентарните избори во 2013 година. Ова движење изникна од големите протести што ги организира комичарот Бепе Грило против кастата – што е негов погрден термин за владејачката класа на професионалните политичари во Италија и така натаму. Токму затоа, ако се знае сета оваа заднина, ќе се сфати зошто во Македонија се активни овие случувања – вели Стефаноски.
Политикологот резимира дека врската меѓу граѓанските движења и политичките партии е многу тесна и тие меѓусебно си се употребуваат и злоупотребуваат, во зависност од околностите како во светот така и во Македонија.
Во меѓувреме, како сега во Франција, низ годините на македонската политичка сцена, почнувајќи од плурализмот во 1990-тите години до денес, медиумите регистрираа голем број примери на граѓански движења што се формираа, па исчезнуваа и повторно се појавуваа во зависност од случувањата и потребите на политиката во земјата и регионот. Хронолошки гледано, Македонија памети редица граѓански движења што го следеа развојот како сега актуелните француски „жолти елеци“. Меѓу попознатите таков пример беше регистриран со движењето во 1990-тите години, познато под името „Движење за семакедонска акција – МААК“, кое прерасна во партија во 1995 година, која последен пат учествуваше на изборите во 2002 година, откога практично и запре нејзината активност во најголем дел. Слични примери низ годините во плурализмот имаше неколку, како на пример движењето „Форум за човекови права“ на Томислав Чокревски, кое прерасна во партија, потоа движењето-партија „Балканска федерација – Балкан без граници“, „Млади европски федералисти“ и други. Од движењата што прераснаа во партии, а кои истовремено го преживеаја налетот на новото време, останаа активни единствено почитувачите на Маршалот, кои редовно под називот на нивната партија Сојуз на Титови леви сили си ја испробуваат среќата на изборите во земјата.
Во меѓувреме, од актуелната политичка сцена, свеж пример за партија што директно потекнува од некои граѓански движења е Левица. Ова партија, според податоците објавени на нејзината интернет-страница, е формирана во 2015 година, како резултат на иницијативата за нејзино основање од членови на две граѓански движења, „Ленка“ и „Солидарност“, но и од членови на различни синдикални организации. Во албанскиот табор на партии, пак, таков пример е Беса, која од движење прерасна во партија. На интернет-енциклопедијата „Википедија“ пишува дека движењето Беса е основано во 2014 година, кое две години подоцна прерасна во партија и учествуваше на изборите во 2016 година.
Сепак како најадекватен пример за дејствувања на граѓански организации, со сигурност треба да се посочи и времето на одвивањето на двегодишната политичка криза во државата, кога низ улиците и плоштадите низ градовите во земјата протестираа приврзаниците на т.н. „Шарена револуција“, кои дејствуваа во правец да се собори власта на тогашниот премиер Никола Груевски, но и оние на граѓанското движење „За заедничка Македонија“, кои, пак, ги оспоруваа политиките водени од СДСМ. Овие движења не прераснаа во посебни политички партии, но нивните членови или станаа дел или отворено се поврзуваа со дејствувањата на актуелните естаблишменти на двете најголеми партии во земјата. Но и по престанокот на „Шарена револуција“ и „За заедничка Македонија“, активноста на граѓанските движења што дејствуваат и протестираат во земјава не стивна, туку во јавноста излегоа на површина сосема нови субјекти, кои сега дејствуваат во моменти кога се спроведува процесот за договорот со Грција, а такви се „Македонија блокира“, „Тврдокорни“, „Сите за унитарна Македонија“ (СУМ), „Ти си Македонија“, „Татковината повикува“, „Христијанско братство“ и други.