Соочувајќи се со заканата од насилен екстремизам, радикализам и тероризам, како феномен присутен последниве неколку години, здружението на граѓани „Нексус – Граѓански концепт“ беше формирано по иницијатива од група граѓани на чело со Афродита Муслиу, која е еден од оснoвачите и претседател на Нексус. Целта на ова здружение е да се помогне во решавањето на овие многу важни прашања кои не се само проблем и закана на локално и регионално, туку и на глобално ниво.

-Од 2012 година, Македонија и регионот се соочуваат со феноменот на странски терористички борци, каде, стотици млади луѓе досега се вклучени во повеќе брутални терористички организации. За жал, покрај големиот обем на феноменот на странските борци од Западен Балкан, немаше конкретен пример, во кој поранешни борци или некој член од нивните семејства одлучил да зборува јавно за тоа како е тоа лице радикализирано и регрутирано, понатаму, да го каже искуството при престојот во конфликтните зони и слично. Можеби имаше по некоја кратка новинарска изјава, но не и лична, вистински раскажана приказна од борец повратник од сириското и ирачкото боиште – ни изјави Муслиу.

Додека ИД ја освојуваше војната на социјалните медиуми насекаде низ светот, при што, како никогаш порано во историјата терористите добија толку лесен пристап до милиони луѓе, заканите со опасните наративи на интернет, не беа заокружени ни за македонските граѓани, додава претседателката на здружението.

Со добро познатата екстремистичка пропаганда, преку освојување на војната на зборови што ја користеше и сеуште ја користи, ИД успеваше да регрутира поединци, па дури и цели семејства да одат на Хиџра (емиграција) во Сирија, како и да се борат против оние кои се против муслиманската заедница.

– „Нексус – Граѓански концепт“, преку проектот Story2Tell, се обидува да се спротивстави на истиот начин како нивната пропаганда со освојување на војна на зборови, но користејќи контра-наративи, каде преку стории и пораки на поранешни терористички борци, давајќи информации за процесот на екстремистичката радикализација и регрутирање, лично искуство, искушенија и ранливост кон радикални идеи, користејќи ги онлајн платформите на социјални медиуми, ги предупредуваат со пораки потенцијалните следбеници на ИД да не подлегнуваат под влијание на харизматичните проповедници во процесот на регрутирање, како и да ги напуштат терористичките групи и да се вратат дома. Ваквото решение, користејќи ги предностите на социјалните медиуми е главно фокусирано на младите меѓу 14 и 30 годишна возраст од сите етнички заедници на Западен Балкан, иницира критичко размислување, дава свест за процесот на радикализација и екстремистичката пропаганда, и ги прави младите отпорни на радикализација која води до насилен екстремизам. Исто така, служи како алатка за едукација и подигнување на свеста за пошироката заедница. Едно од најстримуваните Балкански видеа во врска со екстремистичката пропаганда беше видеото со наслов: „Честа е во Џихад – порака за луѓето од Балканот“ – додава нашата соговорничка.

Story2Tell прикажува приказни за македонските граѓани кои се вратија дома откако учествуваа во конфликтот во Сирија и Ирак преку собирање искуствени приказни кажани од самите борци повратници, но исто така и приказните од нивните семејства. Тимот на Нексус го користи методот на пренасочување „Jigsaw Redirect Method“ за да ја промовира оваа содржина до публиката која е под ризик и да се спротивстави на напорите на терористите во регионот.

Она што посебно треба да се истакне е дека Story2Tell е спроведуван од тим на експерти за ИТ, КТ и СНЕ (контратероризам и справување со насилен ектремизам) од граѓанската организација „Нексус – Граѓански концепт“, Македонија.

Најпрвото видео од циклусот видеа што се подготвуваат, дава позитивни повратни информации каде што целната публика (младите) преку пребарување на опасни наративи онлајн се соочуваат со вистинска приказна кажана од борец повратник, каде што тој зборува дека, идејата за одење во Сирија и борбата против режимот на Башар Асад не успеала да се реализира и завршила со разочарување, и како борбата за ветениот „Калифат“ е всушност борба за интересот на другите!

Како што објаснуваат од Нексус, од проектот се очекуваат повеќе резултати:

-Подобро разбирање на феноменот на радикализација, борци повратници, Хиџра (Hijra) и други феномени поврзани со конфликтите во Сирија и Ирак.

-Подигање на свеста за постојните закани за радикализација, насилен екстремизам и тероризам, уништување на личниот живот и семејните судбини во врска со овие закани.

-Превенција, преку подигање на свеста кај младите за заканата од опасните онлајн наративи кои служат за радикализација која води до насилен екстремизам.

-И последно, но не и најмалку важно, градење на отпорност кај младите и во заедницата за спречување на радикализација која води до насилен екстремизам, па дури и тероризам.

Проектот Story2Tell на „Нексус – Граѓански концепт“, како претставник од Р. Македонија е добитник на грантот преку Хакатон натпреварот со повеќе балкански проектни идеи, кој се одржа на 14-16 септември минатата година во Драч, Албанија.


Афродита Муслиу

Афродита Муслиу е основач и претседател на Здружението на граѓани „Нексус – Граѓански концепт, Скопје, Македонија и лидер на проектот Story2Tell. Таа е магистер по меѓународна бизнис администрација на СЛУ – Одделот за економија од Упсала, Шведска. Афродита има 17 години работно искуство во рамките на граѓанските организации во Македонија.

Денес, таа работи со проекти од областа на превенција од радикализација и справување со насилен екстремизам (ПР/СНЕ), спроведува истражувања за религиозни и етнички прашања. Фокусот на нејзината работа главно се проекти за младите и нивната улога во процесот на креирање и носење одлуки од нивен интерес, проекти за рана превенција од радикализација која води кон насилен екстремизам и градење отпорност во заедницата.

Во однос на конкретниот проект Story2Tell, нејзината улога е во подготовка и спроведување на интервјуа кои ги опфаќаат борците повратници и придружните членови на семејствата на борците повратници, како и останатите нивни роднини и пријатели.