Шпанскиот премиер Педро Санчез вчера лично му дал ветување на премиерот Зоран Заев дека Шпанија наскоро ќе го ратификува протоколот, за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Лондон. За пристапување на Македонија во НАТО недостига само уште ратификацијата од страна на Шпанија.
Според Санчез неговата земја во јануари ќе ја депонира ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија за членство во НАТО.
Во Шпанија минатиот месец се одржаа избори, но допрва треба да се формира нова Влада. По изборите, пратениците завчера се вратија во Парламентот, но сѐ уште нема јасни знаци за брзо формирање на новата влада, со што ќе се избегнат нови избори.
По конститутивната седница на Парламентот, кралот Фелипе Шести во следните неколку недели треба да се сретне со лидерите на парламентарните партии со цел да се избере мандатар.