Експертите од американската Управа за храна и лекови (ФДА) неодамна препорачаа вакцината на „Фајзер/Бионтек“ да им се дава на деца од пет до 11-годишна возраст. Во Македонија е одобрена вакцинација за деца од 12 до 18 години, со согласност од нивните родители
Потребна ли е вакцинација на деца од пет години против ковид-19? Дали американската постапка за одобрување на вакцината „Фајзер“ за оваа категорија деца ќе ја следат и други држави? Би имало ли тоа некаков ефект за сузбивање на вирусот? Ова се дилемите откако Америка дозволи вакцинација за деца на мала возраст. Експертите сметаат дека тој чекор не би бил најдобар, иако некои држави ќе се приклучат на тоа.
Во земјава во јули годинава беше одобрена вакцинација за деца од 12 до 18 години, со согласност од нивните родители. Тогаш, околу 2.000 деца беа пријавени за вакцинација против ковид-19.
Од Министерството за здравство велат дека од 12 до 18 години се вакцинирани 10.450 деца со прва доза, а 9.451 дете со две дози вакцини.
Експертите од американската Управа за храна и лекови (ФДА) препорачаа вакцината на „Фајзер/Бионтек“ да им се дава на деца од пет до 11-годишна возраст.
Со вакцината на „Фајзер“ веќе се вакцинираат децата од 12 години нагоре, а минатиот месец компанијата информира дека вакцината е безбедна и за децата на возраст од 5 до 11 години.
Најновата одлука опфаќа 28 милиони американски деца, а таа сега треба да биде одобрена од ФДА и Центарот за контрола и превенција на болести. Се очекува вакцинирањето да почне најрано на 3 ноември.
Дали ваквата одлука на Америка ќе ја прифатат и европските земји? Дали и Македонија ќе се вклучи во реализација на овој процес?
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека неговиот став за вакцинација на децата веќе е познат.
– Не треба да се направи истово ова кај нас. Не сметам и дека децата на таа возраст треба воопшто да се вакцинираат. Веројатно Европската Унија по автоматизам ќе прифати ваков предлог – посочува тој.
Според него, треба да се вакцинираат само оние деца под 15 години што имаат хронични здравствени проблеми, кои им носат ризик да добијат тешки симптоми на ковид ако би се заразиле.
– Другите нема потреба – посочи епидемиологот.
Инаку, овие денови во тек е и скринингот на околу 8.200 ученици од основните и средните училишта.
Официјалните податоци од САД покажуваат дека 160 деца на возраст меѓу пет и 11 години починале од коронавирус од почетокот на пандемијата. Во САД од вирусот починале вкупно околу 740 000 луѓе.
Пред две недели Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека ја проценува вакцината на „Фајзер“ за истата возрасна група на деца.