Иако Европската комисија (ЕК) уште пред три години предложи да се укине сезонското поместување на стрелките на часовникот, државите-членки сè уште не постигнаа договор по тоа прашање, а како што стојат во моментот работите, најверојатно уште долго време нема да се договорат

Ништо од промените, Европа повторно ќе ги поместува стрелките на часовникот

Викендов започнува зимското сметање на времето, така што ноќта во сабота кон недела стрелките на часовникот во три часот наутро треба да се вратат еден час наназад, со што ќе се смета дека е два часот.
Македонија постапува во согласност со досегашните практики на менување на времето, така што во следниот период ќе почека на насоките од Европската комисија (ЕК), по што по деталните анализи ќе се одлучи какво време ќе биде прифатено ако дојде до некаква промена.
– Во однос на националната определба околу сметањето на времето, претстои усогласување на нашето национално законодавство со ЕУ-легислативата, која се однесува на сметањето на времето и определување начин на транспонирање на горенаведената директива. Истото тоа треба да биде поткрепено со детална анализа и информација, во која ќе бидат опфатени сите фактори (социјални, економски….) и која треба да се усвои од страна на Владата – појаснија од Владата, своевремено коментирајќи ги најавите за можно трајно останување на летно или на зимско сметање на времето.
Иако ЕК уште пред три години предложи да се укине сезонското поместување на стрелките на часовникот, државите-членки сè уште не постигнаа договор по тоа прашање, а како што стојат во моментот работите, најверојатно уште долго време нема да се договорат.
Поместувањето на стрелките на часовникот требаше да престане во 2019 година откако поранешниот претседател на ЕК, Жан Клод Јункер, во 2018 година го предложи тоа за целата Европска Унија, со тоа што на земјите-членки им беше препуштено да решат дали ќе го задржат зимското или летното сметање на времето.
Предлогот во 2019 година беше поддржан од Европскиот парламент, но треба да го усвојат државите-членки. Во моментов нема никакви индиции дека предлогот би можел да ја добие нивната поддршка.

Европските министри за сообраќај одлучија во декември 2018 година да ја одложат одлуката за укинување на сезонското поместување на стрелките на часовникот до 2021 година, но потоа ништо не се случи по ова прашање.
Одлуката за тоа дали некоја земја-членка ќе остане на трајно летно или зимско време зависи од нејзината географска положба и затоа е тешко да се очекува договор за предлогот на ЕК, што сега се чини дека бил избрзан, иако официјално никој не сака да го признае тоа.
Во ЕУ постојат три временски зони и најголема е средноевропската, од Полска на исток, до Шпанија на запад.
Кога сите земји од таа временска зона на пример трајно би го зеле летното сметање на времето, во Шпанија, Белгија, Холандија и Данска во зима сонцето би изгревало дури кон средината на претпладнето, а на северозападот на Шпанија околу 10 часот.
Во случај да го земат зимското време како трајно, сонцето на истокот на Полска би изгревало во три часот наутро, во Варшава во 3 часот и 15 минути, а во Берлин во 3 часот и 44 минути.
Од друга страна, кога земјите на запад и на север на континентот би влегле во западноевропската временска зона, што би било природно, би настанале нови компликации бидејќи Франција и Германија би потпаднале во две различни временски зони.
Имајќи ги предвид сите овие работи, се чини дека сезонското поместување на стрелките на часовникот, без оглед на сите недостатоци, сепак е најдобар компромис.


Промената на стрелките на часовникот проблематична за човечкиот биоритам

Анкетите покажуваат дека промената во летно сметање на времето напролет и зимското сметање им создава многу проблеми на луѓето. Според едно истражување на германската здравствена осигурителна куќа ДАК, дури 72 отсто од испитаниците се против промената на времето.
Речиси една четвртина од испитаниците, односно 24 отсто, некогаш почувствувале здравствени или психички проблеми поради промената. Дури 85 отсто од нив се чувствувале уморни или истоштени, 70 отсто имале проблеми со сонот и речиси секој втор имал проблем со концентрацијата.
Германското здружение за истражување на спиењето предлага да се остане на нормалното, односно зимското сметање на времето. Дневната светлина и особено сончевите зраци се „главните мерачи“ на внатрешниот часовник на човекот и многу важни за ритамот на будење и спиење. Според експертите, токму зимското сметање на времето најдобро го обезбедува тоа.
Недостигот од сон, предизвикан од поместувањето кон летно сметање на времето, ги намалува продуктивноста и концентрацијата на работниците, а влијае и врз зголемениот број несреќи. И германското здружение на учители предупредува дека летното сметање на времето води кон здравствени проблеми за учениците.


Првото поместување на стрелките забележано во 1916 година

Поместувањето на стрелките во Западна Европа е воведено во почетокот на 1970-тите години, со образложение дека со тоа се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува приспособувањето на луѓето и работниот ден го прави поефикасен.
Преминувањето на летно и зимско време првпат е забележано во 1916 година во земјите на Северна Европа, а досега е воведено во околу 70 земји, главно на северната хемисфера.