Некој или нешто е пуштено од синџирот, а последиците од тој чин засега се несогледливи. Или, сепак, е во тек „бунт на масите“, како што одамна опиша во својата книга шпанскиот филозоф Хозе Ортега и Гасет. Човекот од побунетата маса е човек во чиј живот веќе нема проекти, ниту пак тој гледа иднина за себе. Иднината е одземена од страна на општеството, од стопанскиот и социјален систем, па тој нема веќе што да загуби, бидејќи неговите шанси да постигне нешто во животот се целосно уништени. Бунтот на масите се случува тогаш кога граѓаните немаат што да загубат: зарем ќе ги отпуштат од работата што ја немаат, ќе им ги одземат приходите што ги немаат, или пак нема да можат да ја платат ратата од кредитот за стан што не им го даде банката, затоа што не работат, волонтираат или работат на половина или третина работно време, па немаат никаква кредитна способност. Што повеќе од тоа би можело да им се одземе, за таа огромна категорија луѓе – кои немаат врска со традиционалните класни и партиски поделби на левица и десница – да бидат присилени и понатаму да ги трпат сите експерименти што врз нив ги изведува европската либерална владејачка политичка елита?
МАРИО СТЕФАНОВ, аналитичар во „Геополитика“
Премногу е рано за процена на сите аспекти и размери на она што се случува. А дека се случува нешто големо на општествената и политичка сцена во западниот свет и Европа – тоа е повеќе од јасно.
На американската страна од евроатлантската интеграција се води безмилосна комплетна војна против американскиот претседател Доналд Трамп, додека на европскиот континент, пред изборите за Европскиот парламент во мај следната година, гори конфликтот помеѓу владејачката структура на ЕУ (предводена од Германија и најмоќните земји-членки) и новите сили на национална сувереност, кои се противат на трансформација на Унијата во наднационална федерална творба. Деновиве францускиот претседател Макрон драматично апелира за составување најширока можна листа на либералните сили пред претстојните избори за Европскиот парламент, за да се запре политичкиот напредок на антиестаблишмент-силите (или, како што тој ги нарекува, „популистички партии“), кои всушност се сили на националниот суверенитет на земјите-членки. Од друга страна, лидерката на француската партија Национален фронт, Марин Ле Пен, ги повикува европските држави да се обединат на еден широк фронт против диктатурата на денешната ЕУ и да се борат заедно во создавањето на една нова Европа – нова заедница на суверени европски држави, која таа ја нарекува Унија на европски нации. Според Ле Пен, сегашната и ваква ЕУ не може да ја заштити Европа, туку ја уништува европската идеја и свесно го организира нејзиното уништување, во корист на неколкуте најмоќни земји-членки, на чело со Германија.
Истовремено, помеѓу Вашингтон и Берлин се води борба за контрола над европскиот дел на евроатлантскиот комплекс, односно за поделба на процентот на влијание низ европските простори.
Некој или нешто е пуштено од синџирот, а последиците од тој чин засега се несогледливи. Или, сепак, е во тек „бунт на масите“, како што одамна опиша во својата книга шпанскиот филозоф Хозе Ортега и Гасет.
А можеби, пак, либералната елита – како спроведувач на интересите на делот од крупниот капитал што е поврзан со либералниот стопански концепт и црпи богатство од глобализациските процеси – конечно и неизбежно се судри со капиталот, кому ваквата доминација на либерално-корпоративните олигархии му ги загрозува профитот и самиот опстанок.
Всушност, можеби се работи и за едното и за другото: бунт на народните маси и судир помеѓу глобалистичкиот капитал и капиталот на националните интереси. Политичките сили што го застапуваат, просперитет гледаат во контролата на глобализациските текови и во напредокот на сопствените народи и држави, наспроти либералните интернационалистички центри на финансиска и економска моќ.
Наспроти тврдењата на европската владејачка олигархија, оние што ја рушат неа на избори по пат на политичка борба не се некоја точно одредена категорија граѓани, туку луѓе од сите општествени слоеви, на кои досегашната европска политика им ја одзеде иднината и им ги уништи животите. Тие едноставно не живеат добро и немаат што повеќе да загубат – зарем ќе ги отпуштат од работата што ја немаат, ќе им ги одземат приходите што ги немаат, или пак нема да можат да ја платат ратата од кредитот за стан што не им го даде банката, затоа што не работат, волонтираат или работат на половина или третина работно време, па немаат никаква кредитна способност. Што повеќе од тоа би можело да им се одземе, за таа огромна категорија луѓе – кои немаат врска со традиционалните класни и партиски поделби на левица и десница – да бидат присилени и понатаму да ги трпат сите експерименти што ги изведува врз нив европската либерална владејачка политичка елита?
Тие се неповрзани, раштркани и неорганизирани, за разлика од нивните претходници од интернетското боиште, кои беа дисциплинирани борци со либерални интервенции. Тие се едноставно народ што има сѐ помалку егзистенцијален простор и кому му се загрозени економските можности, националните посебности и суверенитетите на неговата национална држава.
За жал, во текот на само две децении од 21 век, судејќи според сѐ, создадена е иста европска политичка парадигма каква што еден век порано во својата книга опиша најзначајниот шпански филозоф на 20 век, Хозе Ортега и Гасет.
Тој во 30-тите години на минатиот век ги дефинира социјалните и психолошките причини за настанокот на фашистичката и комунистичка идеологија и улогата на масите во тие процеси. Во својата книга „Бунтот на масите“ тој пишува: „Доаѓањето на масите на целосна општествена власт, без разлика дали тоа е добро или лошо, е најважната работа што се случи во јавниот живот на денешна Европа, но бидејќи по природа масите не смеат и не можат да владеат самите со себе, а уште помалку можат да управуваат со општеството, тоа може да значи дека денес Европа поминува низ најтешката криза што може да ги нападне луѓето, народите и културите. Тој вид криза повеќепати се има појавувано во историјата. Нејзиниот изглед и последиците се познати, а познато е и нејзиното име – бунт на масите.“
Според Ортега, масата не претставува некоја посебна класа во општеството, туку посебна психолошка и социјална категорија луѓе, чии припадници се регрутираат од сите општествени класи. Човекот од побунетата маса е човек во чиј живот веќе нема проекти, ниту пак тој гледа иднина за себе, па ѝ се препушта на струјата. Иднината му е одземена од страна на општеството, од економскиот и социјалниот систем, па тој нема веќе што да загуби, бидејќи неговите шанси да постигне нешто во животот се целосно уништени.
Според Ортега, бунтот на масите се случува тогаш кога граѓаните почнуваат да ги отфрлаат сите авторитети и престануваат да им се покоруваат на сите високи институции, така што масите – кои се во мнозинство – одбиваат да го слушаат малцинството што дотогаш ги водело и насочувало.
До таквата историска ситуација, според него, доаѓа пред сѐ по вина на елитите, кои престанале да даваат пример за културен и благороден живот, посветен на надминување на сопствените ограничувања и подобрување на сопствениот карактер.
Продолжува: Што се крие зад маската на божем неизбежната глобализација