И ПО ДВЕ ГОДИНИ ОД ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО
Иако спротивно на европската политика и практика за правата на малцинствата и спротивно на духот на добрососедството, Бугарија и понатаму одбива да го признае македонското малцинство на својата државна територија, одбива да ги регистрира партиите на Македонците…
Веќе се заокружени две години од потпишувањето на договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија, кој требаше на нашата земја да ѝ ги отвори евроатлантските перспективи, а од соседите се очекуваше во духот на европските демократски принципи да ги надминат сопствените анахрони (пред)убедувања поврзани со посебноста и автентичноста на македонската нација, историја и македонскиот јазик. Две години подоцна, и покрај пофреквентната комуникација на политичките елити, се чини дека спорните теми во односите меѓу двете земји и понатаму ги подгреваат националните страсти. Меѓудржавната мешана образовно-историска комисија, формирана како одговор на обврските преземени токму со договорот за добрососедство, од бугарската страна се користи како инструмент за уцена врз македонската страна за поддршка од Бугарија во нашата евроинтеграција.
Иако спротивно на европската политика и практика за правата на малцинствата и спротивно на духот на добрососедството, Бугарија и понатаму одбива да го признае македонското малцинство на својата државна територија, одбива да ги регистрира партиите на Македонците, а продолжува и со пропагандата за македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот…
За возврат, македонската страна покажува и преголема конструктивност во почитувањето и спроведувањето на договорот за добрососедство, па вицепремиерот на бугарската влада, Красимир Каракачанов, во интервју за македонски медиум и понатаму изјавува дека Македонците во Бугарија се измислени, слично како оние што на тамошниот попис се изјасниле како Ескими и Марсовци, а за македонската организација ОМО Илинден – Пирин (која Бугарија одбива да ја регистрира), дека е формирана како организација на југословенската амбасада во 90-тите години, кога Југославија сѐ уште постоеше, додека за македонскиот јазик дека е вештачки создаден по 1944 година и дека воопшто не се говори во Бугарија.
– Многу е тешко да се промени таквото убедување во Бугарија, кое го негира постоењето на македонското малцинство и воопшто на македонското прашање на сопствената територија, повеќе од 100 години. Таквиот став е издигнат на ниво на официјална државна политика, кој многу тешко, речиси невозможно ќе го промени каков било меѓународен договор. Па во мај годинава, две години по договорот за добрососедство, среде Софија се одржуваше семинар за 1.000 години Бугарска архиепископија во Охрид, на која дури беа поканети и учесници од Македонија. Мислам дека во Бугарија воопшто немаат намера да го менуваат односот спрема македонското прашање, кога веќе 100 години во нивниот образовен систем доминира тезата дека Македонците се Бугари – вели македонскиот академик Ѓорги Поп-Атанасов, кој по потекло е од Пиринска Македонија и голем дел од своето образование го стекнал во Бугарија.
Сепак од македонската организација во Бугарија, ОМО Илинден – Пирин, ставовите на бугарскиот вицепремиер Каракачанов, кој покрај другите негаторски тези за македонското малцинство, наведуваше и свои толковни аргументи за нерегистрирањето на македонските организации, ги оценија како „клевета и лага“ и му реплицираа со подолго писмо.
– Клеветењето и лажењето не му прават чест на заменик-премиерот Kрасимир Каракачанов. Партијата ОМО Илинден – Пирин е основана во 1997 година, шест години после крајот на Југославија, така што не би можела да биде создадена од неа, ниту пак Југославија да служи како некакво објаснување за постоењето, идеите и борбата на нашата партија или извинување за државата за негирањето на малцинството, се вели во реакцијата на ОМО Илинден – Пирин.
Освен тоа, во реакцијата се наведува дека македонскиот јазик бил признаван и изучуван во Бугарија во 1948-та, а до 1963-та бил емитуван по бугарското радио. Тој бил признаван и од бугарската филологија додека во 1960-тите истата таа не била прочистена по комунистички, додека неговата неупотреба во Бугарија потоа се должи на политиката на репресивната држава. Притоа, се наведува во писмото дека „постоењето или не на едно малцинство зависи само од него, а не од историските заблуди на еден или друг министер, идеологијата на една или друга држава. Тоа се одредува по пат на самоопределба, а не со одлука на Тодор Живков или Красимир Каракачанов“. Од ОМО Илинден -Пирин тврдат дека македонското малцинство во Бугарија е регистрирано на сите пописи, дури и откако станало минимално можно македонската самоопределба да се демонстрира, макар малцинството да го има во Бугарија најмалку од 1912 година, а всушност и пред тоа.
– Пописите во Бугарија се спроведуваат така што не те прашуваат за националност, туку сами си запишуваат. Тоа се фалсификат пописи. Во 1946 година можеше слободно да се изјасниш како Македонец, во 1956 – полуслободно, а во 1966-та веќе самите попишувачи си ја запишуваа националноста. Дотогаш, до студентските денови во Софија во 1966 година, во личните документи ми беше запишано дека сум Македонец по националност, со бугарско граѓанство, но од 1966-та, и покрај моето изјаснување, во личната карта ми беше запишано дека сум Бугарин – кажува академик Поп Атанасов.
Тој додава во своето кажување дека и денес ако некој настојува да се изјасни како Македонец во Бугарија, прво ќе биде подложен на разубедување, а потоа, доколку не се „разубеди“, ќе има притисоци и последици во други форми. Поп Атанасов наведува дека во неговото родно село Лешница, во близината на Разлог, и денес живеат само етнички Македонци (околу 2.000 жители), кои се загрижени и вознемирени што Македонија во својот устав се откажа од правото да се грижи за своите малцинства во соседните земји, прифаќајќи дека е тоа мешање во внатрешните работи на соседите.
– Во договорите за добрососедство и во Уставот на Македонија веќе стои дека нема да се грижиме за нашите малцинства, односно дека нема да се мешаме во внатрешните работи на нашите соседи. Излезе дека ние нема да се мешаме, а тие имаат секакво право да ни се мешаат. Моите пријатели од родното место во Пирин се загрижени и вознемирени дека веќе нема ни теоретска можност некој да ги заштити ако се изјаснат како Македонци. А и ние во Македонија треба да бидеме загрижени, зашто како што е тргната работата со историските комисии – треба да се согласиме дека сѐ од македонската историја ќе биде туѓо, а за нас нема да остане ништо – вели академик Ѓорѓи Поп Атанасов.