Ако земеме хипотетички пример дека референдумот ќe успее и направиме уставни промени, а владата на Ципрас не преживее, како ќе ги вратиме повторно уставните промени? И дали тогаш, на пример, Албанците во Македонија би сакале да учествуваат во такво нешто? Тоа би било политичка и национална катастрофа за нашата држава. Затоа не требаше да се подигнуваат очекувањата. Не треба да се бркаат никакви рокови што се со не докрај дефинирани гаранции, вели политикологот Милан Стефановски
Од денот на потпишувањето на спогодбата во Мала Преспа, со Грција, во селото Нивици, на 17 јуни 2018 година, сите политички активности во Република Македонија се насочени кон исполнување на обврските што си ги презеде како „втора страна“. Притоа роковите што си ги има поставено македонската влада (како преговарач и потписник на спогодбата) за да ги испорачате сите преземени обврски во грчкиот парламент до 15 јануари наредната 2019 година, дури и на булдожер-дипломатите и политичарите им се чинат преамбициозни и преентузијастички. Но премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров се обврзаа дека во рок од шест месеци Собранието ќе ја ратификува спогодбата (пратениците веќе и двапати ја изгласаа ратификацијата, но претседателот Ѓорге Иванов не го потпишува указот на законот за ратификација), дека ќе распишат и спроведат референдум за граѓанско изјаснување за спогодбата од Мала Преспа, Собранието со двотретинско мнозинство ќе ги изгласа уставните промени и потоа за спогодбата, од наредната 2019 година, ќе треба да се изјасни и да ја ратификува грчкиот парламент, заедно со „грчката дозвола“ за Македонија со новото име (со географската одредница Северна) да добие вистинска покана за членство во НАТО. Всушност, сето брзање на македонската страна и спроведување по итна постапка на сите процедури за исполнување на обврските од спогодбата (и притоа голем број прекршувања на постојниот Устав и законите), спроведувачите на процесот велат дека го прават токму за фаќање на последниот воз за членство во НАТО и во ЕУ. Притоа неодминлив е впечатокот дека брзањето во спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа е за исполнување грчки рокови, односно да се спроведе додека актуелната влада во Грција, предводена од премиерот Алексис Ципрас, има „рок на траење“.
– Како финална пречка за исполнување на сите услови во спогодбата може да се наведе и фактот дека мандатот на претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов, трае до мај 2019 година (што значи дотогаш нема да биде потпишан законот за ратификација на спогодбата од Мала Преспа), а мандатот на грчкиот премиер Ципрас е до септември 2019 година. Се наведува дека Преспанскиот договор е пред невозможна мисија за негово ефектуирање до крајот на годинава – констатира професорот на Правниот факултет во Штип, Димитар Апасиев, уште на денот на потпишувањето на спогодбата.
Всушност, и премиерот на македонската влада, Заев, министерот за надворешни работи Димитров, но и претставниците на ЕУ и на НАТО, повеќепати отворено се имаат изјаснето дека е потребно сѐ да се заврши до крајот на годината, зашто наредната 2019 година е изборна и во ЕУ, а и во Грција, и големи се шансите сегашната грчка опозиција да ја преземе власта. Дури и премиерот Заев во грчките медиуми ветил уставна ревизија до 15 јануари 2019 година, за да ѝ даде време на владата (во Грција), предводена од Ципрас и од Каменос.
– Би рекол дека исто така се бркаат и бриселските рокови, бидејќи и таму ќе има избори, а оваа гарнитура на бриселски авторитети е наклонета кон Владата на Заев. Исто така, изборите во Грција дополнително го обременуваат проблемот, бидејќи рејтингот на СИРИЗА е во слободен пад. Секако, би додал дека и во Македонија ќе има избори, иако се претседателски, но ако се земе предвид темата, тоа се многу важни избори и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ – вели политикологот Милан Стефановски.
Во меѓувреме, реакциите на македонската опозиција, нејзиното испорачување одредени барања во Собранието, како и инсистирањето на спроведување на редовните процедури…, освен што Владата се обидува да ја „надмудри“, заобиколувајќи ја во одлуките секаде каде што е можно, таквото опозициско однесување го квалификува како опструкција на спогодбата и евроатлантските интеграции на земјава. Организацијата на референдумот е закочена кај изборот на Државната изборна комисија, а во тек се и лидерски средби и собраниска иницијатива за нејзино надминување.
– Навистина не ми е сфатливо како може 25-годишен спор да се реши во неколку месеци во смисла на чекорите и процедурата. И тоа е слабоста на преговарачката маса на нашата дипломатија. Огромен е ризикот дополнително да се подели веќе „политички завојуваното општество“ и конфликтот со опозицијата да се продлабочи. Пример за тоа се изборот на ДИК, финансирањето на политичките партии, Изборниот законик, што, според Заев, е легитимен политички пакет, и без некој повод и причина и без исцрпени средби со опозицијата, се поднесе измена на Изборен законик со европско знаменце и му се нанесе удар на преговарачкиот процес. Не знам дали некаде во Европа е донесен изборен закон со ЕУ-знаменце и без опозиција, а во исто време да се повикува опозицијата за заеднички настап на референдумот? Навистина политички некоректно – оценува политичкиот аналитичар Милан Стефановски.
Иако се оценува како политички несоодветна употребата на народните поговорки во контекст на политички теми, особено за меѓународни односи, амбициозните рокови за исполнување на обврските од спогодбата од Мала Преспа, сериозно упатуваат на ризиците содржани во искуствената мудрост за „брзата кучка и кученцата“…
– Бркањето на грчките, односно на бриселските рокови и ставањето сѐ на една карта нѐ чинеа лош извештај на ЕУ во делот на реформите, лоша економија и лоша политичка клима. Останува нејасно како би го вратиле процесот и дали пак би го редифинирале Уставот ако Ципрас не биде премиер на Грција, а во спогодбата само бледо е наведено дека не би важела ако некоја од страните не ја испочитува. Но ако земеме хипотетички пример дека референдумот ќе успее и направиме уставни промени, а владата на Ципрас не преживее, како ќе ги вратиме повторно уставните промени? И дали тогаш, на пример, Албанците во Македонија би сакале да учествуваат во такво нешто? Тоа би било политичка и национална катастрофа за нашата држава. Затоа не требаше да се подигнуваат очекувањата. Не треба да се бркаат никакви рокови што се со не докрај дефинирани гаранции! И секако, требаше да се вклучат во преговорите и опозицијата, и претседателот кога се дефинираше оваа спогодба – вели политикологот Милан Стефановски.
Лидерски средби со отворени и скриени барања
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во четвртокот, по лидерската средба во Клубот на пратениците, одржа состанок на извршниот комитет на партијата.
– ИК му даде целосна и недвосмислена поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски да ги застапува ставовите на партијата во натамошниот тек на лидерската средба. Македонските граѓани заслужуваат власт што вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење одлуки за иднината на државата, како што се македонските интеграции во Европската Унија и во НАТО – се наведува во соопштението од партијата.
Освен тоа, ИК на ВМРО-ДПМНЕ бара реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори. Во врска со формулацијата на референдумското прашање ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека за да се согледа јасно волјата на граѓаните мора да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања.
На ова веднаш реагираа од СДСМ.
– ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека договорот ја носи Македонија напред, но нив ги интересира само личен интерес и амнестија и затоа се трудат да ја лажат јавноста. Постигнатиот договор за 25-годишниот спор со Грција ги гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската посебност. Договорот ја обезбедува македонската иднина, иднината како дел од ЕУ и од НАТО. Тие две прашања се и тоа како меѓусебно поврзани. Ако не беше така, тогаш зошто ВМРО-ДПМНЕ со години преговараше за наоѓање решение за 25 годишниот спор? – се вели во соопштението од СДСМ.
Наредната лидерска средба би требало да се одржи в недела навечер, или понеделник наутро.