Несомнено барањето на премиерот Заев за гласање доверба на Владата може да се протолкува и како пресметан тактички потег во контекст на смирување на политичките превирања, стабилизација на политичката клима и отворање простор за посветување на други поважни теми. Сепак, она што се поставува како прашање е што добиваат македонските граѓани од ваквите и слични постојани политички надмудрувања меѓу власта и опозицијата
Пратениците во македонското собрание ѝ изгласаа доверба на владата на премиерот Зоран Заев, откако тој самиот побара пратениците да се изјаснат за довербата на владиниот состав, потег што несомнено ја изненади македонската јавност, која беше навикната барањата за интерпелација да ги поднесува опозицијата.
Ваквата одлука премиерот Заев ја образложи со потребата да се расчистат дилемите во јавноста околу шпекулациите за можно ново парламентарно мнозинство, но и со заложбите државата да може во следниот период сериозно да се посвети на реформите.
За опозицијата, потегот на Заев е само купување привиден мир во време кога државата се соочува со сè поголем број проблеми, како немањето вакцини, презадолженост, колапс на економијата и големата невработеност.
Несомнено барањето на премиерот Заев за гласање доверба на Владата може да се протолкува како добар тактички потег во контекст на политичките превирања, но прашањето што се поставува е што добиваат македонските граѓани од ваквите постојани политички надмудрувања меѓу власта и опозицијата.
Аналитичарите во најголем дел се согласни дека премиерот добил време и му се отвора можност привремено да се затвори дебатата за некакви нови парламентарни мнозинства.
– Можам да кажам дека креирање на постојана политичка криза и неизвесност не оди во прилог на стабилизација и демократизација на земјата. Маневарот на премиерот, иако неконвенционален, на некој начин оди во функција барем на стабилизација на политичката дебата и комуникација и отвора простор да се посветиме на други поважни теми – смета Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.
Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека Заев со барањето за гласање доверба на неговата влада ја надмудрил опозицијата, а истовремено го одвлекол вниманието на јавноста од новото задолжување на државата.
– Државата од овој потег не доби ништо, туку едноставно Заев го скрати процесот опозицијата постојано да ја залажува јавноста дека има ново мнозинство и втора работа е што не дозволи да се дебатира, правејќи им шах-мат – вели Пекевски.
Тој додава дека во исто време излезе и новата еврообврзница со која државата се задолжи со 700 милиони евра, а интерпелацијата го одвлече вниманието од новото задолжување.
– Со ова опозицијата едноставно беше замолкната бидејќи премиерот сега може да им каже дека пред два дена добил доверба на Владата и нема што да се дискутира. Со овој потег и јавноста беше дефокусирана од задолжувањето со еврообврзницата. Државата се задолжува 700 милиони евра, а ние се задолжуваме две милијарди за три години. Кога беше пуштена претходната обврзница од 500 милиони, имаше пресметки со опозицијата, која прашуваше зошто државата се задолжува, па се испраќаа писма до ММФ и други институции, а сега уште поголемо задолжување се случува и тоа минува без реакција. Се покажа дека оваа власт е тотално неспособна, но тие што треба да ги заменат се двојно понеспособни – истакна Пекевски.
За политичкиот аналитичар Петар Арсовски потегот на Заев е демонстрација на функционално владејачко мнозинство.
– Мислам дека ова е потег со кој Заев сака да демонстрира дека владејачкото мнозинство е на куп и функционално и второ дека е обид да го рестартира функционирањето на Собранието со повторното појавување на цел парламентарен кворум – нагласува Арсовски.
Од друга страна, универзитетската професорка Билјана Ванковска изразува сомнеж во потегот на премиерот, не отфрлајќи можност дека зад тоа се кријат некакви други намери.
– Нормален премиер поставува прашање на доверба на својата влада (т.е. би побарал од Собранието доверба/мнозинство) по образложување на некој потег од големо значење. На пример, решил ЗЗ да го прифати ултиматумот на Бугарија и сите нивни барања и со тоа јасно и гласно излегува пред Собранието и бара поддршка. Но тој сега како Итар Пејо ќе ја искористи оваа фарса, ќе добие мнозинство (свесен дека има моќ да се пазари), но нема да каже што планира следно да направи! И после ќе си биде раат цели три месеци – да прави што сака… Дури и ќе рече: побарав доверба и ја добив! Сега можам да правам што сакам. Притоа, Собранието е нефункционално, бидејќи не може да обезбеди кворум, ама ЗЗ е хиперфункционален. Прави што сака, затоа што нема контрола и контратежа на кабинетското (цезарско) владеење на еден човек. Ништо не е случајно – наведува професорката Ванковска на својот фејсбук-профил.