Во изминатите пет години се создаде впечаток во македонската јавност дека политичкото функционирање на општеството во голема мера се сведува на ефектите од т.н. бомби и објавување нелегално снимени разговори, со што се релативизира или маргинализира улогата на носечките институции, чија задача, пак, е да ги спречат и превенираат ваквите појави
„Бомбашките акции“, односно пласирање во јавноста нелегално снимени прислушувани материјали преку социјалните мрежи, се чини дека станаа вообичаена алатка за креирање на предизборниот политички амбиент во Македонија. Но освен за добивање политички поени, таканаречените бомби се користат и во други цели за случаи со индиции за криминал или корупција, за фрлање дамка врз правосудството итн. Арсеналот е најразличен, мотивите исто така.
Кога во 2015 година започна емитувањето на серијалот прислушувани материјали наречен „Вистината за Македонија“, од страна на тогашната опозиција, веројатно не се размислуваше дали таа практика ќе биде за еднократна употреба, но иако некои од тие материјали беа на некој начин легализирани со законот и формирањето на СЈО, сепак прислушувањето и понатаму е далеку од целосно законски чин, а уште подалеку од етички оправдан. Но еднаш направениот преседан, како да ѝ отвори пат на општествената перцепција дека прислушувањето и емитувањето на прислушуваните материјали станаа легитимен инструмент во политичката борба и клучен аргумент за освојување избори.
Како што се намалува времето до договорените предвремени парламентарни избори, се зголемува интензитетот на објавување снимки од прислушување на интернет-порталите и социјалните мрежи, во кои главни актери се политичари и нивни блиски луѓе од актуелната власт. Во меѓувреме и обвинителството што беше создадено за постапување со незаконските снимки, СЈО, згасна токму под влијание и по објавување други прислушувани материјали, поврзани токму со работата на СЈО и обелоденувањето на случајот „Рекет“. Но во текот на овие пет години се создаде впечаток во македонската јавност дека политичкото функционирање на општеството во голема мера се сведува на ефектите од т.н. бомби, а притоа се релативизираат или маргинализираат сите други легални институции од трите столба на власта – законодавната, извршната, а особено правосудната власт.
Таквата релативизација и занемарување на улогата на институциите често одат во насока на деградирање на самата држава. Зашто, на крајот на краиштата, институции се тие што се повикани да се справат со сите предизвици и да превенираат нелегални и незаконски дејства од каков било вид, вклучително и „бомбашки акции“ и објавување материјали со кои се поткопува и поткопува интегритетот и на државата во целина.
– Постојат повеќе елементи што ја создаваат јавната перцепција за влијанието на т.н. бомби врз општествените процеси и таа не може да се гледа низ црно-бела призма. Главните проблематични точки на овој бомбашки феномен и ден-денес, пет години по неговиот почеток и неколку изборни процеси, се првенствено во етичкиот принцип – дека илегално снимени разговори не се објавуваат заради нарушување на приватноста, а особено е спорен легалниот елемент – никаде илегално снимени материјали не се користат како судски докази и не се основа за кривично гонење.
Сепак, и понатаму сметам дека „бомбите“ не беа и не се иницијатор на политичките кризи и политичките процеси, туку повеќе се катализатор (забрзувач) на процесите. Лошите законски решенија и лошите политики на оние актуелните владејачки гарнитури сепак најмногу влијаат на перцепцијата (и гневот) што се создава во јавноста од практикувањето на власта. Како придружен ефект од таквите бомби во 2015 година се создаде една лоша практика, која сега им се враќа назад на тие што ја создадоа. Но и понатаму сметам дека бомбите немаа толкаво влијание врз перцепцијата на политичките процеси, колку што лошо се одразија врз правосудството и целиот државен систем – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Божиновски смета дека довербата во судството е толку намалена, што веќе доаѓа до границата на ризичната зона, т.е. во последниот стадиум кога граѓаните перципираат дека судскиот систем не функционира и се на чекор од земање на правдата во свои раце. Тој вели дека тоа е најлошата фаза, која води кон општествен хаос, а македонското судство е со сериозно нарушена доверба и авторитет.
Незапирливиот тренд на освојување на власта преку објавување бомби, професорот на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, го толкува како некоја колатерална штета од целата бомбашка приказна во 2015 година, а како резултат на неефикасниот систем на контрола на целиот процес.
– Очигледно е дека незапрениот континуитет на објавување прислушувани материјали е дел од валканите средства во политичката борба за власт, на кој не може да му се застане на патот. Реагираше и државата, односно реагираше МВР, откривајќи ги изворите од каде што се емитуваат таквите материјали, се затвораа порталите од каде што се пласираа, но и понатаму таквите снимки лесно се злоупотребуваат, а тешко им се застанува на патот. Сѐ уште нема некои безбедносни стандарди за обезбедување на таквите снимки. Конкретно, сега веќе е под прашање колку се безбедни и бомбите во СЈО, зашто очигледно таму веќе нема никаква контрола на безбедноста. Имам впечаток дека и државата веќе нема волја за контрола на изворот на снимките и нивно згаснување. Како да е згаснат и интересот за одржување на предметите на СЈО, па проблемот со прислушувањето станува сѐ покомплексен, а од друга страна лесно достапна опција за водење валкана политичка борба – вели професорот Гордан Калајџиев.