Зачестените информации од светот дека во 3Д-печатачи се печатат разновидни форми на опасни оружја, треба да го подигнат алармот кај властите во правец на изготвување стратегија за превенција од овој нов модерен безбедносен ризик. Вака испечатеното оружје е евтино и со сигурност е смртоносно, тврдат аналитичарите

СВЕТОТ ПРЕД НОВИ БЕЗБЕДНОСНИ РИЗИЦИ ОД ТЕХНОЛОШКА ПРИРОДА

Новите технологии, покрај мноштвото предности, сепак носат и одредени опасности и ризици за граѓаните.
Овие дилеми станаа актуелни во јавност по серијата написи во европските медиуми за изработката на оружја со 3Д-печатачи. Шпанската полиција изминатиот период запленила армиско формациско огнено оружје, вклучувајќи и митралез и експлозив, но и упатства за производство на домашни бомби по спроведената рација, врз, како што ја именуваа медиумите, првата илегална фабрика за 3Д-печатено оружје.
– За време на рацијата, полицијата запленила 19 рамки за пиштоли, печатени во 3Д-формат, девет магацини за муниција, два придушувачи за цевки на пиштоли и пушки, како и различни дополнителни делови за огнено оружје. Полицијата открила и околу 30 упаства за изработка на автоматската пушка „ерсофт АР-15“, како и два електрични пиштола, пет ножа, мачета и катана. Во рацијата биле запленети и два 3Д-печатачи и 11 калеми за нивна употреба – пренесоа медиумите.
И порталот „Геополитика“, во своја анализа на истата тема, пишува дека ова испечатено оружје иако не е со квалитет како „вистинското“ тоа е многу евтино и со сигурност е смртоносно. Во моментов, многу влади од светот сè уште бараат начини како да се регулира оваа област.
– Сè што им треба на таквите „производители“ на оружје се 3Д-печатач, кој станува сè поевтин, и дигитален план според кој се печатат деловите за оружјата. Овие дигитални планови се „преземаат“ на разни интернет-форуми и тие честопати се бесплатни или се многу евтини. Значи, за да добиете оружје, доволни се 3Д-печатач и неколку кликања на глувчето – пишува „Геополитика“.

Универзитетските професори и безбедносните аналитичари со кои се консултиравме, за „Нова Македонија“ велат дека зачестените информации од светот каде во 3Д-печатачи се печатат разновидни форми на оружја, треба да го подигнат алармот кај властите во земјата во правец на изготвување стратегија за државен одговор на овој модерен безбедносен ризик.
Универзитетскиот професор Оливер Андонов ваквите настани ги карактеризира како предупредување за властите на државите од светот меѓу кои и на Македонија, дека нова безбедносна закана е возможно негативно да се одрази на безбедноста во земјите и на порастот на криминалот насекаде.
– Супермодерната технологија од ден на ден константно се развива, а овие 3Д-печатачи се само една од новините на пазарот. За среќа, тие во овој момент можат да произведат мал обем на оружја, од кои најмногубројни се оние што можат да ги употребуваат криминалните структури. За посериозни операции формациското армиско оружје сѐ уште не е тренд во „печатењето“ – вели Андонов.
Според него, доколку Македонија се соочи со овој проблем, тој кај нас е казнив по Законот за нелегално производство на оружје во членот и недозволено поседување и држење оружје и распрскувачки материјали.
Но она што недостига во овој момент, е сериозна стратегија за тоа како да постапи државата во овие случаи и како безбедно да ги регулира процесите за овој вид производство на оружја преку печатење.

– Имено, сега е неопходен стратегиски документ, кој навреме би ги дочекал овие процеси дури и пред тие да стигнат во Македонија. Сега властите треба да одлучат дали 3Д-печатачите треба да се купуваат со дозвола за поседување, дали треба да постојат инспекциски служби што ќе ги мониторираат, дали лицата што ќе ги користат печатачите ќе треба да ги раздолжат кон државата во одреден временски период… Има многу отворени области на кои треба да најдеме одговор, а времето за истото тоа е кратко, судејќи по последниот пример во Шпанија – вели професорот.
Андонов напоменува дека Балканот, а со тоа и Македонија, е подложен на безбедносни ризици од технолошка природа. Според професорот, хипотетички за 500 евра секој во Македонија може да набави дрон на пазарот и истиот тој да го употреби како сака.
– Кој вели дека лицето што поседува дрон на пример за цена од 3.000 евра на црниот пазар не може тоа исто летало да го опреми со експлозиви. Секој подобар дрон може да пренесе и до 30 килограми во својот лет, па во тој правец оваа технологија може да се користи и како евтино, но ефикасно оружје ако беспилотните летала на себе имаат 30 килограми експлозив. Истиот ризик го носат буквално и 3Д-печатачите, кои со печатењето на различни парчиња оружје ја загрозуваат националната безбедност – вели професорот.
Слични сознанија има и безбедносниот аналитичар Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражувања и анализи (ЦСА), кој истакнува дека развојот на технологијата им оди на рака на терористичките организации во нивните дејствувања во светот, но и во нашиот регион.

– Конкретно говорејќи за 3Д-печатачите и за нивната способност од разни материјали да испечатат секаков вид оружје, како ножеви, мечеви, па дури и пиштоли и пушки, можам со сигурност да кажам дека тие најверојатно во некој настан може да бидат искористени од приврзаници на разни терористички организации. Оваа констатација ја темелам на фактот, кој вели дека безбедносната наука и јавност познаваат голем број примери што индицираат дека разни терористи во своето дејствување веќе со години произведуваат биолошки оружја и комплексни експлозивни материјали, за чија изработка е потребно добро познавање сложени хемиски, машински и биолошки процеси. Оттука произлегува дека ништо не би ги спречило терористите да ракуваат и со 3Д-печатачите, каде што, условно кажано, на лесен начин можат да произведат секаков вид оружје – вели Трајкоски.
Тој додава дека станува збор за сериозна закана, која многу го отежнува превенирањето терористички напади.
Она што, според Трајкоски, би можело да биде сериозен проблем во сузбивањето на тероризмот е фактот што овие оружја се изработени од материјал што не се детектира од традиционални скенери.
– Оружјата, бидејќи се изработени од пластични полимери, може во делови дури и по пошта да бидат испратени секаде и составени од трети лица пред употреба, што дополнително го компликува мозаикот – објаснува тој.
Поради сето тоа, Трајкоски е убеден дека безбедносните служби во земјава и во светот го следат развојот на настаните и подготвуваат одговор на оваа нова закана.

[email protected]