Тајната книга на богомилите од островот Св. Петар (2)
Преписот „Тајната книга“ го имам од годината на печатењето на издавачот „Macedonia prima“, Охрид, 1999 година. Таа е напишана на латински, грчки и на црковнословенски.
Читајќи, јас сфатив дека имам скромни знаења за црковната книжевна историја на богомилите. Хоризонтот на духовен спознај го проширив со читање на книгата „Богомилството во средновековната изворна граѓа“, на авторите Драгољуб Драгојловиќ и Вера Стојчевска-Антиќ.
Од обемната книга (274 стр.) ќе цитирам два историски моменти. Едниот е книжевен опус на богомилското движење. Вториот е историска слика на XI и XII век како огледало на богомилите како христијани.
Што пишува за потеклото на „Тајната книга“:
„Најупорно и со привидно научни аргументи, брането е потеклото на Тајната книга, еден од најважните апокрифи класифицирани во богомилската книжевност, кој не е запазен на грчки или словенски јазик, туку само на латински, во два преписи, париски и виенски.
Парискиот препис на Тајната книга води потекло од XII век. Од инквизициони акти дознаваме дека овој апокриф бил во употреба во катарската каркасонска црква. Според записот на крајот од парискиот препис, кој споменува дека оваа тајна (книга) ја донел од Бугарија, катарскиот епископ Назариј, Ј. Иванов ја издал под насловот Тајна книга.
Записот на крајот од текстот, во чија автентичност не може да има сомневање, туку само во неговата содржина, Ј. Иванов го зема како доказ дека Тајната книга е оригинално дело на бугарските богомили, дека овој факт го прифаќаат и многу други испитувачи и дека за потребите на западните катари, ја донел и ја пренел на латински јазик еретичкиот епископ Назариј“.
„Тајната книга најпрвин ја споменува Дуран де Хуска во почетокот на XIII век, сметајќи дека води потекло од маркионистите. Во втората половина на XIII век, алузија на Тајната книга наоѓаме кај Рајнериј Сакони, а малку подоцна Анселмо Александриски пишува дека ’таа е донесена од Бугарија и дека е полна со заблуди и додава дека му припаѓала на Назариј‘“.
„За нас е особено важно што Тајната книга, или, што е поточно, Книгата на тајни се споменува во Светосавската крмчија како манехејска. Сето тоа покажува дека тајната книга е постара од богомилството и дека на латински јазик е преведена најверојатно од грчки оригинал, а не од бугарска или босанска еретичка книжевност.“
„Под името Евтимиј Зигабен е запазена уште една подолга антибогомилска расправа – За богомилската ерес која во најголема мера содржи препис од поглавјето Против богомилите од Паноплијата, но со поинаков распоред на граѓата и со нови и интересни дополненија, доработки и исправки на првобитниот текст.
Прашањето за заемниот однос на овие два списа во науката не ни е поставувано. Обично се смета дека од преопширната и содржајно слоевита Паноплија, Евтимиј Зигабен приредил второ издание само на поглавјето за богомилите, коишто во тоа време претставувале единствена и најголема опасност за византиската црква. Зигабеновото авторство на ова ново издание на Паноплијата, според најраширеното мислење, го потврдува не само ракописната традиција туку пофалбата за императорот Алексеј I Комнен, на чие барање Зигабен и ја напишал Паноплијата.“
Споменатите автори ќе направат историски преглед на христијанското време/невреме и политичките пресметки.
„Жестоката пресметка на богомилите во Цариград за време на императорот Алексеј I Комнен (1081-1118) е крунисана со големата антиеретичка расправа на Евтимиј Зигабен, еден од најучените и најпрочуени теолози на цариградскиот двор од тоа време. По налог од самиот император и потпомогнат од неколку соработници, Евтимиј Зигабен помеѓу 1111 и 1115 година ја составил големата полемичка расправа во 28 поглавја под наслов Panoplia dogmatica посветувајќи секое одделно поглавје на некоја од големите ереси од историјата на христијанската црква.
Одделот за богомилите го опфаќа претпоследното 27. поглавје од Паноплијата. Компонирано е од увод и 52 помали заокружени целини, во кои се побиваат пооделни богомилски учења со политички смислени коментари и замрсени непотребни повторувања на ист материјал и иста аргументација. Со таква композиција, Зигабен остварил антологиски карактер, а со целосноста на излагањето – интересна содржина на ова дело. Учениот стил на Паноплијата понатаму покажува дека оваа расправа им била наменета, пред сѐ на учените луѓе, на интелектуалната елита на престолнината.
Во уводот Зигабен пишува дека ’богомилската ерес се јавува малку пред нашето време‘ и дека е ’дел од масилијанската ерес со која многу се согласува‘. Ја открил во Цариград императорот Алексеј I Комнен, кога на нејзино чело бил лекарот Василиј. Во продолжение, Зигабен вели дека богомилите ги отфрлаат Мојсиевите книги и дека го прифаќаат само Псалтирот, 16 пророци, четирите евангелија и Делата апостолски, што ги опфаќаат сите посланија и Апокалипсата.
Богомилското движење на св. Троица е идентично со Сабелиевото, само што поаѓаат од таткото и двата сина, првородениот Данаил и помладиот Исус. По излагањето на богомилската космогонија со потпирање врз апокрифната книжевност, Зигабен продолжува дека богомилите не ги почитуваат светците и нивните мошти и го отфрлаат крстот, крштевањето со вода и светите тајни. Тие понатаму тврдат дека во секој човек се вселува демон кој го наведува на зло, но човекот, ослободен од демонот преминува во редот на ангелите. Тие тврдат дека нема ни смрт, туку само преобразување во сонот, дека човек може да го види господа и со телесните очи. Носат монашка облека и постат, но вториот, четвртиот и шестиот ден во неделата.
Најинтересен е делот каде што Зигабен пишува за богомилското симболично и алегориско толкување на новозаветните текстови. Својата синагога на пример ја нарекуваат Витлеем, високата планина од евангелието е второ небо, а новото вино е нивното учење.“
Преписот „Тајната книга“ што го претставувам е насловен: Liber skoretue-codex carcaskisoniensis, со назнака – Таа книга на верниците од Конкорецо е предадена од епископ Назариј. Овој дел содржи 11 кодекси – канони во кои веруваат и се управуваат богомилите. Назариј бил еретички епископ на црквата во Конкорецо, Италија, во периодот помеѓу 1190 и 1235 година. Неговите посмртни останки биле јавно изгорени во 1254 година.
Богомилите божји рабови само веруваат и му служат на Отецот, Синот божји Исус Христос, Светиот дух и веруваат на Јован Крстител и неговото евангелие.
Богомилите сметаат дека другото на земјата, човекот и црквата се творба на Сатаната (Сатанаил-Диабло-Ѓаволот). Се сметале себеси за избраници, праведници и наследници на Бога.
Другиот нареден дел е со наслов: Euthemii Zigabeni-de haereyi bogomilorum narrati – Евтимиј Зигабен – образложение за ереста на богомилите, критика опишана во 65 точки.
Во точката 13 е запишано:
Молитвата „Оче наш“ богомилите ја нарекуваат – Леб на општење. Според богомилите, Новиот завет е: „Чаша на општење“. Тие две нешта заедно богомилите ги нарекуваат „Тајната вечера“.
Во точката 27 е запишано: Богомилите ја признаваат само молитвата која е предадена од Господа во евангелијата, т.е. молитвата „Оче наш“. И со која се молат седум пати на ден и пет пати ноќе. Се молат коленичејќи некои повеќе пати, некои помалку.
Сите други молитви ги отфрлаат, нарекувајќи ги брборење, кое приличи само на јазичниците. Евтимиј Зигабен е присутен на средбата на императорот Алексеј I Комнен и лекарот Василиј, водач на богомилските проповедници. Императорот со разговорот открил скриени догми на лекарот Василиј. Зигабен по наредба на императорот водел записник за кажаното во разговорот. Зигабен, старецот го нарекува – змеј отцепник т.е. големиот асиријски ум. Императорот Алексеј I Комнен наредува судење. Судот составен од „духовни“ и „светски“ лица и го осудуваат Василиј богомилот на спалување на клада, што е и извршено. Василиј ги изучуваше догмите на богомилите 15 години, а потоа ги проповедаше 52 години. Евтимиј Зигабен ќе запише дека лекарот Василиј бил „глава на змијата“. (Продолжува)