Првичната замисла на системот Мерит беше да се овозможи избор на кадри според компетентност и креирање професионална и ефикасна администрација за сметка на партиските пазарења кој која институција ќе ја добие на раководење и ќе ја полни со партиски лица, во знак на благодарност за одработеното за партијата
Јавно признание за вработување што го потврди феноменот на партизацијата на администрацијата
Продолжува ерозијата на системот на компетентност при вработување во администрацијата, која и натаму се полни со партиски кадри без да се води сметка за квалитетот на луѓето што се поставуваат и нивната острученост да раководат со одредени институции, при што најглавен критериум и натаму останува блискоста со партискиот лидер.
Тоа доведе до ситуација истите тие луѓе отчет да даваат само пред партискиот лидер, наместо пред надлежните органи што треба да оценуваат нечија успешност или неуспешност во работата. Првичната замисла на системот Мерит беше да се овозможи избор на кадри според компетентност и креирање професионална и ефикасна администрација за сметка на партиските пазарења кој која институција ќе ја добие на раководење и ќе ја полни со партиски лица во знак на благодарност за одработеното за партијата.
Деновиве вистинска бура на социјалните мрежи крена објавата на Ферат Мемети, кој најдиректно му се заблагодари на партискиот лидер Билал Касами за неговото поставување на раководна функција во Природнонаучниот музеј на Македонија.
– Благодарност до движењето Беса и до претседателот Билал Касами за поддршката да раководам со овој музеј – напиша Мемети на Фејсбук.
Ова е директна потврда дека вработувањето во администрацијата продолжува да биде под директна контрола на партиите и партиските лидери, кои одлучуваат кој човек ќе раководи со одредена институција.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски не е изненаден од ваквите појави, кои во земјава се случуваат веќе три децении.
– Тој клиентелистички начин на живеење е 30 години кај нас. Ништо не изненадува. Тоа е дел од нашиот фолклор и веќе стана секојдневие. Ова е срамота. Го нема никаде системот Мерит, туку сè е „споил“ систем и уште се заблагодаруваат. Тоа покажува до кое ниво на демократија сме – вели Давитковски.
Според него, единствен начин да се стави крај на ваквата лоша практика е примена на законите.
– Може да се стави крај само ако се применуваат законите, ако функционерот е избран во согласност со прописите и условите што ги има конкретно за неговото работно место и ако е избран преку транспарентна постапка – појаснува Давитковски.
Тој додава дека кога не се испочитувани законските прописи, тогаш се поставуваат кадри што подоцна им се заблагодаруваат на лидерот и партијата што го поставиле.
– Кога не се испочитувани овие прописи и услови, тогаш се случува тие кандидати да му се заблагодаруваат на лидерот бидејќи очигледно не е постапено во согласност со законот. Едноставно, нема систем Мерит, туку кој дојде на власт става свои луѓе и затоа имаме такви ситуации фискултурец да раководи со културна институција, на човечки ресурси да се ставаат стоматолози, нешто што е срамно за државата. За жал, така живееме 30 години, ова не е од вчера – констатира Давитковски.
Професорката Мирјана Најчевска едноставно не гледа начин како да се стави крај на ваквото партизирање на администрацијата.
– Се очекуваше дека за 30 години ќе поминеме нешто, дека ќе научиме, а ние тапкаме во место и не само што тапкаме туку и ја влошуваме работата, така што навистина немам идеја како да излеземе од овој затворен круг – вели Најчевска.
Според неа, дел од вината за ваквите состојби ја гледа и кај самите граѓани.
– Очигледно на граѓаните им одговара ваквата состојба, не знаат за подобро, не можат за замислат подобро и влезени се во таа шема што им овозможува на политичките партии да го заменат системот Мерит со систем на партиско наградување и вреднување – констатира Најчевска, притоа додавајќи дека сè додека ова на граѓаните им изгледа нормално, нема да мрднеме напред.