Бипартизам од специфичен вид

Раѓањето на мултипартизмот во Македонија

Неодамна излезе од печат најновата книга на Ѓорѓи Спасов, насловена „Ра­ѓањето на мултипартизмот“ – стра­ници од македонската политичка ис­то­рија
во кои студиозно е обработено едно важно поглавје од поновата историја на државата, но може да се влечат и важни поуки за во иднина. Во книгата се прави анализа на партискиот систем според видот на партиите, политичката култура на поделеност, бипартизам од специ­фи­чен вид, а се нудат и одговори на прашањата за тоа како станавме пар­титократија и многу други. Тргнувајќи од актуелните политички состојби и предизвиците со кои и сега се соочува државата, првиот маке­дон­ски дневен весник „Нова Маке­до­ни­ја“ за читателите подготви четири ис­клу­чително интересни извадоци од книгата, во форма на фељтон, кои на крајот ќе ги заокружиме и со интервју со авторот Ѓорѓи Спасов.

ФЕЉТОН – „СТРАНИЦИ ОД МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИЧКА ИСТОРИЈА“ (3)

На прашањето дали партискиот систем на Македонија е статичен или динамичен, односно дали од неговото прво конституирање тој овозможува појава и менување на повеќе партии во власта, одговорот е дека тој е, сепак, доста статичен.
Двете стожерни партии (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ) заедно на првите парламентарни избори, одржани во 1990 година, освоија 56 проценти од вкупниот број гласови, на изборите. Во 1998 година 65 проценти, на изборите во 2002 година 65 проценти, на изборите во 2006 година 56 проценти, на изборите во 2008 година 72 проценти, на изборите во 2011 година 72 проценти, на изборите во 2014 година 68 проценти, на изборите во 2016 година 75 проценти и на последните избори, во 2020 година, 70 проценти.
Ако се има предвид дека одзивот на изборите во Македонија се одржува на нивото од околу 70 проценти, со исклучок на последните, на кои поради пандемијата на коронавирусот спадна на 52 проценти, тогаш може да се заклучи дека имаме доминантни партии во партискиот систем, кои обезбедуваат доста солиден легитимитет за своите програми и политики во избирачкото тело.
Двете доминантни партии, од кои едната (СДСМ) ја формира првата политичка влада во 1992 година, редовно се менуваат на власт, коалицирајќи со една од партиите во етничкиот блок на Албанците и понекогаш уште со некоја од помалите партии. Голем број обиди за формирање силен т.н. „трет блок“ партии во Македонија, покрај овие две, се покажаа доста неуспешно. По првите избори се појави Сојузот на реформските сили, кој се трансформира во Либерална партија, но таа по заминувањето на нејзиниот лидер Стојан Андов во пензија, во 2008-та исчезна од политичката сцена.

На изборите во 1994 година се појави Демократската партија на Петар Гошев, која во првиот круг од изборите освои над 100 илјади гласа, но по бојкотот на вториот круг на тие избори и таа исчезна од политичката сцена. На изборите во 1998 година како можна трета партија се појави Демократската алтернатива на Васил Тупурковски, но таа не преживеа ниту еден мандат во Собранието. А во 2006 година се формираа партиите ВМРО-народна партија на првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој освои доста голем број гласови, и партијата Нова социјалдемократска партија на Тито Петковски, но по почетниот успех, и тие беа маргинализирани.
Од овие искуства може да се заклучи дека партискиот систем на Македонија е доста статичен, а доминацијата и моќта на двете стожерни партии не дозволуваат појава на трета силна партија или блок на партии што би ги загрозил во конкуренцијата за формирање влада.
Една од причините за „неможноста да се победат стожерните партии“во Македонија е нивната моќ стекната по првото освојување на власта.
Откако стана јасно уште во 1990 година дека партиите и нивните коалициски партнери во Владата ќе владеат по принципот „победникот носи сѐ“ и откако политичкиот систем одново ќе инклинира кон моделот „партија-држава“ (или партиска држава), доминантните политички партии ја стабилизираа и ја зголемија својата политичка моќ врз основа на следниве извори:
Прво, ја зачуваа поддршката врз основа на своите програми и ветување за остварување на своите декларирани програмски цели и секоја од нив создаде свое стабилно гласачко тело на ниво на „верници“ во партијата и во лидерот, што е карактеристично за земји со патријархална и поданичка политичка култура, каква што има Македонија.

Истовремено, веќе од позициите на власт, моќта на доминантните партии во двата етнички блока, кои повремено се менуваа на власта, почна да се зголемува и врз основа на:
– добивање богати спонзори во замена за коруптивни услуги од власта,
− одржување и зголемување на гласачко тело преку вработувања и клиентелизам,
− зголемено државно финансирање на партиите, и
– моќта неказнето во разни форми на некои места да се фалсификуваат изборните резултати, или со отворено корумпирање на гласачкото тело да се купи неговата поддршка.
Втората причина за нивната „непроменливост“ е што доминантните политички партии и кога дозволуваат или се согласуваат за промена на изборниот модел, тие го прават тоа на начин што ќе им ја гарантира нивната предност и на тој план се целосно солидарни.
Мнозинскиот изборен модел во два круга се промени пред изборите во 1998 година, кога се прифати со мнозинскиот во два круга да бидат избрани 85 пратеници во 85 изборни единици, а другите 35 пратеници да бидат избрани од пропорционалната листа на партите, при што Македонија ќе биде една изборна единица, а нема да добијат мандати партиите што нема да го поминат изборниот праг од 5 проценти, што значеше добивање на над 50 илјади гласачи.

Тој изборен модел, освен што им обезбедуваше сигурни места на лидерите на големите партии што ги предводеа пропорционалните листи, не го менуваше резултатот од изборите што се добива при мнозинскиот модел во два круга.
Пред изборите во 2002 година, се прифати нова промена на изборниот модел и тие беа одржани според пропорционалниот модел, при што Македонија беше поделена на шест изборни единици, а во секоја од нив од листата на партиите се избираа по 20 пратеници. Претворањето на гласовите во мандати се правеше според Формулата на Донт, односно најмалиот делител, кој им овозможуваше на големите партии да добиваат најмалку уште еден до двајца пратеници од гласовите на партиите што не можеа да освојат најмалку 10 илјади гласа во некоја од изборните единци. Оттука, некои партии што освојуваа и над 30 илјади гласа, а гласовите не им беа концентрирани во една изборна единица, не добиваа пратеничко место во Собранието.

Овој изборен модел по кој се одржани и последните избори, ја стимулира статичноста на партискиот систем, ја зачувува моќта на партиските лидери во составувањето на листите и ги принудува сите помали партии нужно да влегуваат во предизборни коалиции со поголемите за да освојат барем едно пратеничко место.
Помалите партии одамна инсистираат на воведување чист пропорционален модел без изборен праг, со цел листите и на помалите партии да добијат шанса за влез во Собранието, но од големите партии не може да се очекува да прифатат такво нешто без висок изборен праг, па и отворени листи со кои ќе ја загрозат својата привилегирана положба во партискиот систем и моќта на лидерите на големите партии. Сепак, најавата за отворени листи веќе на наредните локални избори и промена на изборниот модел за наредните парламентарни избори дава надеж за појава на нови партии и ликови.

продолжува

(Изводи од книгата „Раѓањето на мултипартизмот“, изд. „Слово“ – Скопје, 2020)