Во последниве пет години Александар Лукашенко води сѐ помалку за него препознатлива надворешна политика, далеку од стереотипите што обичниот граѓанин во Македонија и во регионов ги има за него. Неговите односи со рускиот претседател Путин полека престануваат да бидат сојузнички, а тоа особено се манифестира по избувнувањето на украинската криза, кога Лукашенко не се придржуваше безусловно кон руските ставови… Кој курс го фаќа Лукашенко? Одговорот може да биде познат многу брзо – веќе по обелоденувањето на содржината на вчерашната средба во Сочи, каде што Путин му беше домаќин на белорускиот претседател
Генерално гледано, многу балкански и западни медиуми стереотипно пренесуваат заклучоци дека демонстрантите против Лукашенко на улиците низ Белорусија автоматски се на страната на Западот. Истото тоа го прават кога толкуваат дека поддржувачите на Лукашенко автоматски ја претпочитаат Русија. Тоа е обична заблуда.
Лукашенко помеѓу автократски лидер и
белоруски патриот
Иако потекнува од класичната партиска школа на поранешниот СССР, Лукашенко наедно е и белоруски патриот. Додека Русија во 1990-тите, под водство на Елцин, со години спроведуваше болни реформи според западните пазарни модели и насоките од странските советници, се доведе дури и во позиција на целосна зависност, од една страна сиромашно население, од друга една супербогата каста. Последниве т.н. олигарси се инфилтрираа во сите пори на политичкиот и јавен живот, вклучувајќи и во медиумите.
Но Лукашенко не го одбра тој пат. Белорускиот челник, и покрај очигледната неконкурентност на белоруската економија во глобални размери, ги прифати апелите на работниците за незатворање на фабриките и земјоделските комбинати, кои се темелат на советскиот модел на функционирање, пред сѐ водејќи сметка за социјалната политика и стабилноста на земјата. Во согласност со тоа, тој одби да иницира болни реформи и рестрикции, какви што беа спроведени во сите посткомунистички држави, а по кои илјадници работници останаа на улица.
Пазарите што беа потребни за евтините белоруски индустриски и земјоделски производи, тој ги наоѓаше на територијата на распаднатиот СССР, претежно во тогаш економски опустошената Русија. Истовремено, ги јакнеше воените и безбедносните сили, спасувајќи ја земјата од многу турбуленции, карактеристични речиси за сите поранешни советски републики, но и подигајќи ги националната свест и патриотизам, неопходни за зачувување на државноста на земјата што никогаш порано во историјата немала своја независност.
Белоруското население поделено меѓу Варшава и Москва
Белоруското население, во чија структура има помеѓу 7 и 20 отсто католици, порано беше поделено во однос на преференциите – православните беа свртени кон Москва или Киев, а католиците тежнееја кон Варшава. Сегашните државни граници на Белорусија беа исцртани дури по Втората светска војна и победата на СССР. Доколку работите се гледаат низ една подолга временска дистанца, би можеле да се запрашаме што значат последниве 30 години белоруска државна независност во споредба со целокупната нејзина историја. Оттука, не е никакво изненадување што постои силна поврзаност помеѓу рускиот и белорускиот народ, кои во меѓусебната политичка реторика често се нарекуваат „братски“, особено затоа што немаат зад себе некој поголем историски товар, каков што има во односите меѓу Русите и некои други народи од поранешниот СССР. Службени јазици во земјата се белорускиот и рускиот, а загарантирани се и сите верски слободи и права.
Погледот на луѓето што протестираат против Лукашенко често е свртен кон Русија, држава чиј претседател им се допаѓа. Тие ретко погледнуваат кон Западот, затоа што не знаат доволно за него или едноставно не ги интересира. Се разбира, тука е и еден дел од екстремно десничарската белоруска опозиција, која, слично на украинскиот постреволуционерен модел, сака да ги прекине сите врски со Русија, да го исфрли од употреба рускиот јазик, да излезе од сите интеграциски рамки и да воспостави цврсти меѓусебни граници.
Армијата – тас што превагнува на белоруската терезија
Во денешното белоруско општество отворена симпатија кон Русија и Путин (поголема дури и од онаа на Лукашенко) покажува уште еден многу значаен општествен сегмент, а тоа е белоруската армија.
Речиси целокупниот висок офицерски кадар е школуван во руските воени школи и академии, а истовремено се воспоставени и цврсти (не само професионални) врски со руското воено заповедништво и неговите највисоки структури. Токму поради тоа белоруската воена елита не гледа со премногу големи симпатии кон Лукашенко, како што можеби се чини на прв поглед, затоа што таа многу повеќе од него тежнее кон зацврстување на односите помеѓу двете држави, кои формално го сочинуваат Сојузот на Русија и Белорусија. Сепак, во практиката овој сојуз не функционира онака како што беше замислено во конкретниот документ.
Причина за тоа е што во последниве пет години, Александар Лукашенко почна да води, благо речено, доста ригидна политика кон Русија, а неговите односи со рускиот претседател Путин се секакви, само не сојузнички. Ова особено се манифестира по избувнувањето на украинската криза, кога Лукашенко не се придржуваше безусловно кон руските ставови. Не само што одби да го признае Крим како руска државна територија туку – она што особено ја налути Русија – продолжи активно да соработува и со новата украинска власт, како на политички, така и на економски план.
Енергентите се камен на сопнување
Во текот на изминатава година, Москва и Минск остро се спречкаа и за енергетиката, односно цената на руската нафта наменета за белорускиот пазар. Лукашенко бараше поповолни цени од оние што важат за Западот, со оглед на тоа што двете земји се во државен сојуз, но Путин постојано одбиваше да го стори тоа, барајќи најпрвин да се заврши процесот на државна интеграција и правна регулација на сите пазарни и царински односи, па дури потоа да се разговара за иста цена на енергентите во двете земји. Пред очите на домашната јавност, Лукашенко својот став го објасни со зборовите: „Ако сме братски народи, би требало да добиваме и братски цени.“ Од друга страна, Русија веќе подолго време дејствува прагматично во однос на економијата, не сакајќи да падне во стапицата во која беше паднат СССР, кој им помагаше на „братските“ социјалистички држави во светот, а за возврат, по спроведените вакви или онакви демократски револуции, тие не само што му го свртуваа грбот туку и го прогласуваа за свој непријател. На прв поглед, белоруската криза е слична на онаа украинската од почетокот на 2014 година, бидејќи (поради недоволно познавање на ситуацијата) пребрзо се влече заклучок дека и двете се мотивирани од антируските амбиции на опозициските сили во општеството.
Суштинските разлики меѓу украинската и белоруската криза
Меѓу украинската и белоруската криза постојат две клучни разлики. Прво, белоруското население е многу помалку „инфицирано“ со антируско расположение од украинското, кое беше силно застапено, особено во западниот дел на Украина. Втората разлика е во однос на реакциите на Западот кога се работи за овие две кризи и револуции. Така, додека веднаш по мајданската револуција во Киев целата ЕУ застана на иста линија со САД, очекувајќи брза победа над главниот геополитички соперник на европскиот Запад – Русија -забележителен е сегашниот многу повнимателниот пристап на „големите“ во однос на белоруската криза. Освен што Белорусија има многу помала геополитичка и геостратегиска важност, безбедносните ризици за Западот сега се драстично поголеми поради силно присутниот руски фактор. Имено, двете земји се членки на еден ист сојуз – руски пандан на НАТО – Организацијата на договорот на колективна безбедност, во кој влегуваат уште Ерменија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.
Млитавата реакција на Западот во однос на Лукашенко можеби најдобро се манифестира со одлуката на ЕУ, која, наместо широки економски санкции, како во случајот со антируските во 2014 заради Украина, на минатонеделниот вонреден самит се одлучи за воведување индивидуални санкции против истакнати белоруски политичари и државни службеници, одговорни, како што беше кажано, за насилство, репресија и изборна измама. Кога се посакуваат реални промени во општеството и пред сѐ во власта, не се воведуваат индивидуални санкции врз поединци, туку строги економски рестрикции што ќе ги почувствува целото население, а сето тоа за негово поттикнување на акција за смена на власта – без разлика дали тоа ќе се случи преку револуционерни методи или, пак, редовни или вонредни избори. Всушност, од сите членки на ЕУ, во вистинска политичка војна со Белорусија влегоа само Полска, Литванија и Летонија, додека сите други калкулираат. Се разбира, тие имаат добри причини за тоа. Имено, додека Варшава внимателно слуша сѐ што ќе ѝ каже Вашингтон, преостанатиот дел од ЕУ, пред сѐ постарите членки, добро ги знае сите опасности и стапици што се кријат во најновата белоруска криза. Додека е обременета со внатрешни и безбедносни проблеми, како бегалската криза, кризата во Источен Медитеран и Северна Африка, како и вечно нестабилната Украина (која секогаш може да експлодира доколку така посакаат САД или Русија), на ЕУ сега најмалку ѝ треба нова длабока криза на источните граници, која никако не може да ја контролира, а уште помалку да ја реши.
Зошто лидерите на ЕУ не инсистираа на оставка на Лукашенко
Лекцијата што ја научи од украинската криза за ЕУ беше повеќе од доволна. Ова се гледа во отсуството на остри осуди и барања за оставка на Лукашенко од страна на клучните европски лидери – почнувајќи од германската канцеларка Ангела Меркел, па до францускиот претседател Емануел Макрон, но и британскиот премиер Борис Џонсон и американскиот челник Доналд Трамп. Зашто, конечно, сите тие многу добро знаат дека токму „тврдиот“ Лукашенко беше најголемата бариера за можната силна руско-белоруска интеграција. Иако, поради интензивниот притисок на Западот врз Минск, би можело да се смени и тоа, односно би можело да дојде до забрзување на интеграциските процеси помеѓу двете блиски сојузнички.
Разединет Запад
Во последнава година, Лукашенко итро им се приближуваше на САД, сакајќи да обезбеди што посилна американска политичка поддршка за своето владеење, па затоа и не е чудно што американскиот државен секретар Мајк Помпео пред шест месеци го поздрави успехот на Лукашенко во однос на позитивните промени во врска со човековите права во Белорусија. Сепак, воопшто не би било изненадувачки доколку белоруската револуција – во случај да биде активно поттикнувана од која било страна – на крајот, наместо Лукашенко, создаде нов лидер со многу посилна проруска ориентација. И додека ЕУ оправдано се плаши од нова „безбедносна бомба“ на својата источна граница, па затоа не поставува премногу комплицирани барања пред Лукашенко, се чини дека Вашингтон сепак од него бара некои нови решенија. А и самиот тој. Сепак, клучното прашање останува: дали тоа би било доволно за негово успешно „солирање“ во сложените геополитички околности и процеси што се во тек, а кои пред нашите очи обликуваат еден сосема нов свет?
Неколку тези како заклучок
Очигледно станува јасно дека Путин дефинитивно му дава уште една шанса на Лукашенко, која овој сигурно ќе ја прифати, зашто засега нема преголем избор. Деновиве високи политички структури на двете држави веќе наголемо разговараат за забрзувањето на интерниот процес за посилна интеграција во рамките на претходно договорениот сојуз, при што Москва наведува дека и понатаму ќе инсистира на независност на секоја од нив во рамките на сојузот – иако во овој случај значењето на терминот „независност“ не е премногу јасно, со оглед на контрадикторноста на самите поими „сојуз на држави“ и „државна независност“. Полека доаѓаме и до најновиот доказ за целосната лојалност на Лукашенко кон Путин: во време на масовна антируска хистерија на Западот, по изјавата на канцеларката Меркел дека рускиот блогер Алексеј Навални бил затруен со отровот „новичок“ (кој дејствува на централниот нервен систем), Лукашенко излезе со „сензационална“ вест дека белоруската армија дошла до телефонски разговор помеѓу официјален Берлин и Варшава, во кој се вели дека доказите за труењето на Навални се фалсификувани. Лукашенко лично, пред телевизиските камери, му го покажа официјалниот документ за овој разговор на рускиот премиер Мишустин, за време на неговата посета на Минск. Потребна ли е поголема потврда за тоа кон кого целосно се свртува белорускиот лидер? И зарем има дилема за тоа кој – Русија или Западот – во моментов му подава рака на помирување? Нема сомнеж дека Лукашенко е мачка со девет животи, па затоа се многу реални и очекувањата за негов шести по ред политички мандат.
Анализа на Зоран Метер за „Геополитика њуз“