Шведска минатата недела направи повеќе од 120.000 теста за коронавирус, од кои само нешто повеќе од 1.300 теста биле позитивни, што е значително помалку од 19-те проценти позитивни тестови во некои од пролетните недели. Сега Шведска има најниска стапка на инфицирани од коронавирусот во цела Скандинавија
Шведски модел за борба против коронавирусот
Шведскиот институт за јавно здравје во вторникот соопшти дека минатата недела е забележан најмал процент позитивни од рекордниот број тестирани лица од почетокот на пандемијата во Шведска, при што коронавирусот е потврден само кај 1,2 процент од тестираните, додека во другите земји од Европа секојдневно расте бројот на заразени.
Во Шведска не се воведе карантин, туку се фокусираа на личната одговорност на граѓаните, физичкото растојание и поголемата хигиена, како средства за забавување на пандемијата, наместо да се обидуваат да го елиминираат вирусот.
На почетокот стратегијата беше остро критикувана поради споредбено големиот број смртни случаи пролетта, но во последно време, официјалните лица на СЗО ја фалат шведската стратегија како одржлив модел.
– Целта на нашиот пристап е самите луѓе да ја разберат потребата од придржување кон препораките и упатствата што се во сила – рече на прес-конференција Јохан Карлсон, директор на Шведската агенција за јавно здравје.
Додека многу земји ги менуваа правилата и ограничувањата, Карлсон наведува дека шведските упатства биле создадени за подолг временски период и така да бидат разбирливи за сите.
– Нема други трикови пред да станат достапни медицинските мерки, пред сѐ, вакцината. Шведското население го зеде ова при срце – истакна тој.
Во Шведска починаа повеќе од 5.800 луѓе, многу повеќе по жител отколку во соседните нордиски земји, но помалку отколку, на пример, во Италија, Шпанија и во Велика Британија.
Дневно бројот на смртни случаи, хоспитализирани и на новозаразени е мал, додека во земји како што се Шпанија и Франција, бројот на заразени е драматично зголемен по укинувањето на карантинот.
Шведска минатата недела направи повеќе од 120.000 теста за коронавирус, од кои само нешто повеќе од 1.300 теста биле позитивни, што е значително помалку од 19-те проценти позитивни тестови во некои од пролетните недели.
Сега Шведска има најниска стапка на инфицирани од коронавирусот во цела Скандинавија.
– Нашата стратегија е конзистентна и одржлива. Веројатно имаме помал ризик од ширење отколку во другите земји – рече Јонас Лудвигсон, професор по епидемиологија на институтот „Каролинска“.
Тој додаде дека, веројатно, Шведска постигнала повисоко ниво на имунитет кај населението од повеќето земји. „Мислам дека сега имаме многу корист од тоа“, додаде тој.
Сепак, шведскиот пристап наиде на критика. Во уводниот дел на шведскиот весник „Дагенс Нихетер“ се наведува дека сè поголем број приврзаници на шведската стратегија заборавиле на големиот број смртни случаи.
„Се чини дека треба некои бројки да се повторат. Од коронавирусот во Шведска починале 5.837 лица, пет пати повеќе отколку во Данска“, пишува весникот.