Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПРОПАДНА УШТЕ ЕДЕН КРУГ ПРЕГОВОРИ ВО БРИСЕЛ

Документот би требало да потврди дека лицето што неодамна оздравело од ковид-19 има негативен тест или дека примило вакцина. Оптимистичките прогнози (за оние што ја поддржуваат оваа одлука) велат дека новите „пасоши“ до крајот на јуни би можеле да заживеат во рамките на Европската Унија

Пропадна уште еден круг преговори во Брисел околу дигиталните „ковид-19 пасоши“, пишува германската новинска агенција ДПА. Преговорите меѓу Европскиот парламент, Европската комисија и државите-членки ќе продолжат в четврток.
Меѓу другото, со дигиталните пасоши се прави обид да се спаси претстојната туристичка сезона. Документот би требало да потврди дека лицето што неодамна оздравело од ковид-19, има негативен тест или дека примило вакцина. Оптимистичките прогнози (за оние што ја поддржуваат оваа одлука) велат дека новите „пасоши“ до крајот на јуни би можеле да заживеат во рамките на Европската Унија.
Европскиот комесар за правда, Дидие Рејндерс, изјави дека секоја влада треба да донесе индивидуална одлука за бесплатно тестирање на своите граѓани.
Грција веќе дозволува влез за вакцинирани странски посетители и туристи, додека Шпанија дозволува влез во државата за граѓаните на ЕУ што имаат негативен тест на ковид-19.

Минатата недела премиерот на Италија, Марио Драги, кажа дека Италија е „подготвена да му посака добредојде на светот“. Тој ги потврди владините планови да започне практиката со ковид-пасоши до средината на месецот за туристите и другите патници, дозволувајќи им да влезат во земјата без да мораат да бидат во карантин. Но засега не се откриваат многу детали, иако министерот за туризам Масимо Гаравага изјави дека пасошот ќе биде „валиден за сите, исто така и пред сè за туристите надвор од ЕУ“.
– Сè што ви треба е едноставен лист хартија со кој се потврдува дека ги почитувате правилата и доказ дека или сте вакцинирани, имуни сте затоа што сте имале болест или сте направиле негативен тест – изјави министерот. Но точно кој ја потврдува вакцинацијата останува нејасно.

Низ јужноевропските земји што се зависни од туризам, владите и бизнисите се очајни да ги пречекаат туристите назад, надевајќи се дека рестораните и хотелите ќе се спасат од банкрот. Туризмот учествуваше со 13 проценти во БДП на Италија пред да се појави пандемијата на коронавирусите.

Во Данска, „Коронапас“ дозволува пристап до барови, ресторани и фризери. Во Естонија, кју-ар код е доволен за патување во странство. Во Швајцарија решение не се очекува пред ова лето.

Пред извесно време, професорот Никола Пановски од Медицинскиот факултет беше скептик околу сертификатот за кој постигнаа консензус шефовите на државите на ЕУ.
– Нема како да се докаже дека некој прележал ковид-19. Имате многу асимптоматски случаи, има луѓе што немале симптоми. Како ќе се знае точно дали и кој го прележaл вирусот? Од друга страна, има деца, што со нив? Не можеме да патуваме без децата. Со ваков еден документ би се нарушиле основните човекови права. Ако една држава го вакцинира целото население, сосе возачи, угостители, келнери, и слично, тогаш, зошто би се грижела дали гостите што доаѓаат однадвор се вакцинирани? Затоа не можам да сфатам зашто туристичките земји го бараат тоа. Едноставно, нека ги заштитат со вакцина своите луѓе и ќе немаат опасност од туристи – смета Пановски. А.П.