Фото: Архива

Една стара мудрост вели внимателно со брзањето, тоа речиси секогаш доведува до каење. Оној што брза, зборува пред да осознае, одговара пред да сфати, а одлучува пред да провери… Иако Бугарија очигледно сака со силен јавен пресинг да создаде амбиент Македонија многу брзо да ги прифати нејзините услови, затоа што „расположението и интересот на ЕУ за проширување нема долго да траат“, сепак македонските политичари не треба да влегуваат во таквата стапица. Свежи се искуствата од Преспанскиот договор, кој се спроведе со уверување дека прекуноќ ќе ги отвори портите на ЕУ, но токму однесувањето на Бугарија е еден од демантите дека „брзите решенија ги отвораат долгорочните ќор-сокаци во лавиринтите на (гео)политичките интереси“

Македонија да не потклекне ниту на ултиматумите ниту на „великодушните“ рокови

Политичко-дипломатската дискреција за пречката како планина во македонско-бугарските односи, манифестирана од копретседавачите (Бугарија и Македонија) и онлајн учесниците (германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон) на официјалниот дел од самитот на Берлинскиот процес, во Софија, на 10 ноември, со „исклучувањето на светлата“ на отворената политичка сцена, се чини сепак се вратила на познатата реторика на „братски уцени“ од бугарска страна во билатералните разговори. По завршување на самитот, македонската делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, остана подолго во Софија, во уште еден обид да се најде решение за идентитетско-историските уцени што Бугарија настојува да влезат како официјален услов во преговарачката рамка за Македонија. По неофицијалниот билатерален состанок на официјалниот македонско-бугарски политички врв, бугарската страна постави уште една „темпирана бомба“ за прифаќање на нејзините услови од Македонија, која ја активира бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
– Им објаснивме на нашите колеги од Република Македонија дека не можеме да направиме никаков компромис за прашањата поврзани со бугарската историја, со идентитетот на бугарските херои и со идентитетот на целиот нејзин народ, кој е дел од општата историја. Оттука натаму сѐ е во рацете на колегите во Скопје. Иако има само неколку дена до крајот на процесот, до петок, тие имаат можност да коригираат сè што во меѓувреме пропуштиле oд договорот, па да видиме дали тоа ќе биде доволно за почеток на преговори – откри Красимир Каракачанов.

За да нема сомнежи, бугарската страна соопштила дека нема намера да отстапи на никаков начин ниту точка од рамковната позиција од октомври минатата година. Меѓу другото, Каракачанов откри дека Бугарија побарала од Македонија да потпише анекс или протокол во кој Софија би добила уверувања дека Скопје ќе го почитува договорот за добрососедство потпишан во 2017 година и нема да се обиде да го заобиколи. Некои од темите во анексот треба да се однесуваат на проблемите за јазикот, идентитетот и историјата, рехабилитацијата на репресираните, кажал бугарскиот министер за одбрана.
Колку што бугарската страна е ангажирана и гласна во повторувањето на својата решителност за вето пред ЕУ доколку не бидат прифатени нејзините услови од страна на Македонија, толку изјавите на македонските учесници во овој неофицијален преговарачки процес се повеќе евробирократски отколку откривање информации. Од македонската влада, по разговорите во Софија, велат само: „Остануваме посветени на наоѓање решение и работиме заедно како добри соседи посветени на заедничката европска иднина…“
За разлика од политичарите, македонската интелектуална јавност реагира категорично на новата „темпирана бомба од Софија за прифаќање на нејзините позиции.
– Ултиматум се одбива, зашто е еднаков на капитулација – реагираше на социјалните мрежи режисерот и поранешен извршен директор на институтот „Отворено општество – Македонија“, Владимир Милчин, за пораката од Софија дека Скопје има рок до петок да попушти, инаку, во спротивно, нема да се случи почетокот на преговорите со Европската Унија годинава.

– Ако јавноста во Бугарија со повеќе од 80 отсто ја поддржува нивната влада во заканата за ветото за Македонија во ЕУ (доколку не се прифатат нивните ултиматуми), јавноста во Македонија исто толку, или можеби и повеќе, овој пат е револтирана од таквиот однос и смета дека не треба да се прифатат таквите уцени. Дури и оние што претходно го поддржуваа Преспанскиот договор, сега се против прифаќање на уцените на Бугарија за влез во ЕУ. И мислам дека македонската влада овој пат не може и не смее да го игнорира и да премине преку таквиот став на јавноста – смета професорката Солза Грчева, која и самата е политички активна.
Сепак, процените на Грчева се дека некаков договор меѓу македонската и бугарската страна веќе е постигнат и дека Бугарија, сепак, отстапила од своите максималистички барања.
– Гласноста на бугарските политичари во моментов повеќе личи на театар, со кој сакаат да ни покажат што нѐ очекува понатаму во текот на преговорите. Иако велат дека во разговорите во Софија никој не отстапил од своите позиции, имам впечаток дека посредството на германската дипломатија сепак имало некаков ефект во насока на ретерирање на бугарската страна од максималистичките барања, во смисла Македонија да ги признае бугарските корени. Дури и за незаинтересираната ЕУ за балканските односи е несфатливо бугарското очекување (според барањето на Каракачанов) сите во Македонија в сабота да се разбудат како Бугари – вели Солза Грчева.

Но и понатаму Грчева е скептична во поглед на тежината на отстапките што на некој начин мора да ги направи Македонија, за кои смета дека сепак се големи и ирационални. Таа смета дека тежината на компромисот на крајот ќе падне на историската комисија, што ќе резултира со некаква заедничка историја. За однесувањето на ЕУ, во врска со актуелните македонско-бугарски односи, Грчева смета дека таа се однесува спрема Македонија исто како за Преспанскиот договор, а тежината на наметнатиот спор ни ја наметнува нам.
– За ЕУ, Балканот е некој друг, паралелен универзум, со кој не сака да се занимава и ги толерира каприците на своите земји-членки, како Грција и Бугарија. Само не ми е јасно зашто усвојуваат толку декларации за права на малцинствата, кога нивните членки не ги почитуваат – вели Грчева.
Иако Бугарија очигледно сака да создаде амбиент во односите со Македонија, дека брзо треба да ги прифати нејзините услови, зашто „расположението и интересот на ЕУ за проширување нема долго да траат“, сепак македонските политичари не треба да влегуваат во таквата стапица. Свежи се искуствата од Преспанскиот договор, кој се спроведе со уверување дека прекуноќ ќе ги отвори портите на ЕУ, но токму однесувањето на Бугарија е еден од демантите дека брзите решенија ги отвораат долгорочните ќор-сокаци во лавиринтите на политичките интереси.


Ивајло Дичев: Бугарија ја врши валканата работа на противниците на проширувањето на ЕУ

За разлика од агресивните уцени на бугарската официјална политика, одредени бугарски интелектуалци рационално проценуваат дека Бугарија „измислува некакви смешни причини за блокада на македонското членство во ЕУ поради амбициите на Каракачанов“. Тоа го вели Ивајло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија.
– Се отвори прозорец, историска шанса, а што се случува? Измислуваме некакви смешни причини за блокирање на ова членство. Смешни, бидејќи тие главно се поврзани со политичките амбиции на г. Каракачанов, кој гледа дека му се намалуваат гласачите и повторно наоѓа некаква историја со која треба да стане важен, да биде во центарот на вниманието. Јас лично, како и Македонците и Европејците, не разбирам што точно бараме од Македонија – вели Дичев.
Во однос на заедничката комисија, вели дека таа наместо да добие подолго време за да работи и истражува, добила политичко значење што е доста опасно. Понатаму Дичев уште вели дека Германија е единствената земја во ЕУ што сака конечно да се решат прашањата со Балканот.
– Тоа што ние го правиме сега – ја вршиме валканата работа на некои западноевропски земји што не сакаат повеќе проширување на ЕУ. Тоа се земји како Холандија, како Франција, кои многу се радуваат што некој ќе најде некаков повод за да ги запре новите кандидати. Ние не ја запираме само Македонија, ја запираме и Албанија, која е исто така важна земја за Балканот. Но многу земји од ЕУ не сакаат повеќе проширување и ние им правиме многу добра услуга, кога ги запираме кон ЕУ нашите братучеди и нашите пријатели во Македонија и во Албанија – вели Дичев.


Брисел се надева дека Скопје и Софија ќе се договорат „што е можно побрзо“!?

Европската комисија не се откажува од почнување преговори со Македонија и останува на ставот дека двете страни треба да најдат компромис и дека може да се надминат несогласувањата. По барањето реакција по средбата во Софија на премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, Европската комисија останува на ставот дека двете страни треба да најдат компромис и дека може да се надминат несогласувањата.
– Ги охрабруваме двете страни да продолжат со напорите за наоѓање решение за нивните билатерални проблеми – рече за МИА портпаролката за проширување Ана Писонеро.
На 17 ноември треба да се одржи Советот на министри на ЕУ, на кој ќе се разговара за проширувањето и на кој треба да се донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ со Македонија, но Бугарија засега не отстапува и смета дека не може да даде зелено светло додека не се најде компромис за прашањата за јазикот, краткото име и историските теми.

– Продолжуваме да се надеваме дека може да се постигне договор за преговарачката рамка наскоро, за да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо – вели Писонеро.
Во Европската комисија не е сменет вокабуларот, велат оттаму, секогаш велеле „што е можно побрзо“, никогаш не лицитирале со датуми.
Само германското претседателство и самиот европски комесар за проширување јавно изјавуваат од почетокот дека се надеваат на прва меѓувладина до крајот на оваа година, односно во рамките на претседавањето на Германија со ЕУ.
Со оглед на тоа, велат од ЕК, употребата на фразата „што е можно побрзо“ не претставува ниту ретерирање ниту некаква промена во амбициите на комисијата во однос на Македонија.