Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер Трајко Вељаноски е вратено од скопскиот Кривичен суд во Собранието на Македонија, и претседателот на Собранието, Талат Џафери го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со претседава пратеникот, Павле Богоевски, потврдија од собраниската прес – служба, јавува МИА.
Поради повикување на погрешен член од законот, претседателот на Собранието Џафери денеска го врати до Кривичниот суд барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер Трајко Вељаноски.
Првото барање од Кривичниот суд во Скопје за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, стигнало денеска околу пладне во македонското Собрание.
Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот.
По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.
Актуелниот пратенички состав досега по барање на судот донесе одлуки за одземање на имунитетот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Трачуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.
Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски вчера попладне беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.
Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор.