Денеска сме тука во Кочани побараме одговорност, за тоа што вчера наместо да се стиши оваа огнена стихија тука, од страна на надлежните на власта, Стојанче Ангелов и сите останати кои што треба да бидат во тој кризен штаб, тие си беа по прослави, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Како што рече партискиот портпарол, директорот на Центарот за управување со кризи Ангелов глумел селебрити и се сликал со пејачи и со други лица од естрадата, наместо да биде со граѓаните.
– Бараме одговорност за тоа што наместо да се сервисираат оние авиони – ‘ер трактори’ односно канадери кои што со сервисот чинат само 400.000 евра, власта и Заев и сите останати не најдоа време, не најдоа пари, иако ја задолжија Македонија и ги потрошија за само една година една и пол милијарда евра – посочи Арсовски.
Тој кажа дека неговата партија бара и одговорност затоа што синоќа немало хеликоптери да го гасат пожарот.
– Не летале нашите хеликоптери ноќе, срамота, а 21 век, држава Република Македонија, власт. Немало хеликоптери за на граѓаните да им се помогне, а имаше хеликоптери кога требаше да се возат Венко Филипче и Зоран Заев на нивни приватни забави и настани – обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, актуелната власт секоја една ситуација на непогоди ја дочекува изненадена.
– ВМРО-ДПМНЕ заедно со правниот тим, заедно со луѓето од правната служба од партијата ги разгледува сите опции за поднесување кривични пријави до власта во однос на нивната нефункционалност, неспособност, некоординираност и нивното непостапување во рамките на вчерашниот ден за она што се случи тука – нагласи Арсовски додавајќи дека пријавите ќе бидат поднесени за луѓе кои што раководат со институциите, како премиерот Зоран Заев, директорот Стојанче Ангелов, но и сите останати луѓе што треба да раководат со тој кризен штаб кој, како што рече, за жал не функционира.