Двете општества мора интензивно да работат на градење на доверба и меѓусебно разбирање со цел подобро да се запознаат меѓу себе, оцени шефот на Одделот за ЈИЕ во грчката тинк-тенк организацијата „Елијамеп“, Јоанис Армаклолас.
Тој денеска учествува на дебатата на тема „Соработка во областа правда и внатрешни работи како мерка за градење на доверба меѓу Македонија и Грција“, што ја организираат „Аналитика“ и Шведската амбасада во Скопје.
Армаколас кажа дека „Елијамеп“ преку Програмата за Југоисточна Европа во изминатите неколку години работи на градење мостови меѓу Атина и Скопје.
– Во неколку аспекти се обидуваме заеднички да работиме со тинк-тенк и НВО организации со цел да донесеме сознанија за оваа земја во Грција, како и за грчките прашања во вашата земја. Затоа мислам дека е императив да работиме многу поинтензивно заеднички со цел да се разбереме меѓусебно подобро. Тоа е процес кој мислам дека ќе трае неколку години – рече Армаколас запрашан каква е состојбата во односите меѓу двете земји по потпишувњето на Преспанскиот договор.
Во однос на уставните измени кои влегоа во последна фаза во Македонија, а треба да бидат усвоени во средината на јануари следната година, и дали довербата кај грчките граѓани ќе биде поголема штом договорот помине и дали тоа ќе ја зголеми волјата на грчките парламентарци да го поддржат договорот, Армаколас вели дека јавното мислење во мнозинство е против договорот и не очекува тоа да се промени во наредните неколку месеци.
– Практично две третини или околу 65 проценти од грчките граѓани се против договорот и не верувам дека големо мнозинство во Парламентот ќе биде за негова поддршка. Доколку договорот биде ратификуван тоа ќе се случи со мало мнозинство од еден до два пратеника, а исто така, предизвик ќе претставува за Владата и опозицијата кои би биле повикани да го имплементираат договорот по одржувањето на наредните избори – истакнува Армаколас.
Владата и опозицијата, според него, ќе треба да и објаснат на грчката јавност зошто е потребно да се постигне договор, зошто е потребно Грција да има добри односи со соседните земји и како да се унапредат билатералните односи со соседите и особено како да се изгради доверба.
– Многу луѓе стравуваат дека постојат иредентистички и националистички тенденции во вашата земја и дека тоа ќе излезе на површина по потпишувањето на договорот. Ако ова не е случај, тогаш грчката јавност треба да биде уверена дека можеме да градиме односи на доверба и дека нема да има проблем со национализам и иредентизам од ваша страна во блиска иднина – рече Армаколас.