„Нова Македонија“ како весник чиј стожерен професионален принцип на уредувачката политика е претставување на фактите, а наедно како национален весник што води грижа за македонската идентитетска афирмација, јазик и историја, забележа вметнати новокомпонирани аномалии во неколку изданија на повеќе јазици на семрежната енциклопедија позната како Википедија, кои се однесуваа на преименување на името на Македонците и македонскиот јазик во невистинит и навредлив контекст. Моментот и содржината на вметнатите невистини и направените промени на Википедија асоцираа на бугарските позиции за негирање на посебноста на македонскиот народ, јазик и историја. Нашата јавна реакција и интервенција брзо дадоа плод, во интерес на вистината
Исправени грешните податоци во енциклопедиите на Википедија на бугарски јазик
Тенденцијата за мултиплицирање на политичкото негирање на македонскиот јазик од страна на официјална Софија вклучи широки структури што преку интернет-мрежата се обидуваат бугарската позиција да ја наметнат и преку други современи и популарни форми на комуникација. Еден таков сериозен обид е пресретнат, по интервенцијата на нашиот весник „Нова Македонија“. Имено, беше забележано дека во неколку изданија на неколку јазици на семрежната енциклопедија позната како Википедија се направени измени и преименувања во врска со името на Македонците и македонскиот јазик, и тоа во невистинит и навредлив контекст. Промените беа особено видливи во бугарската и во грчката, меѓутоа промени има и во француската и во португалската верзија на енциклопедијата Википедија.
„Нова Македонија“ како заштитник на вистината, но и стожер на македонската традиција и историја, ги објави овие промени во Википедија на различни јазици, а по нејзината официјална јавна реакција веќе се поправени написите во одредени изданија. Дел податоци што беа променети во некои од енциклопедиите на Википедија на други јазици се однесуваа на именувањето на македонскиот јазик како литературна норма, што лесно може да се поврзе со бугарските позиции за негирање на посебноста на македонскиот јазик, но и со периодот во кој се случува ова.
На бугарската Википедија се сретнуваше терминот северномакедонци или Македонци. Во понатамошниот дел се сретнува објаснувањето дека, според идеологијата на македонизмот, словенското население во географската област Македонија или неговите потомци имаат македонски национален идентитет. По договорот од Преспа од 2018 година и официјалната промена на името на државата во Северна Македонија, се започнува со нивно именување како северномакедонци.
На грчката Википедија можеме да прочитаме дека славомакедонците се словенска нација што претежно живее во Република Северна Македонија. Тие зборуваат славомакедонски јазик, јужен словенски јазик (порано нарекуван бугарски или словенски јазик), а го нарекуваат македонски јазик. Во Грција, генерално, сите што себеси се идентификуваат како етнички Македонци се нарекуваат скопјани, без разлика дали потекнуваат од градот Скопје.
Овој процес може да продолжи, ако се има предвид начинот на кој се уредува интернет-енциклопедијата Википедија.
За тоа како се подготвуваат и објавуваат текстовите на Википедија побаравме мислење од администраторите на Википедија, но и од специјалисти по нови медиуми.
Македонските волонтери на Википедија во одбрана на вистината
Кирил Симеоновски, долгогодишен уредник и администратор на Википедија на македонски јазик, вели дека Википедија претставува слободна енциклопедија, достапна на околу 300 јазици, која секојдневно ја уредуваат милиони уредници низ светот на доброволна основа.
– Една од главните нејзини карактеристики е тоа што содржините на исти теми на едно јазично издание се разликуваат од оние на друго јазично издание, а тоа се јавува како последица на повеќе фактори, како на пример разликите во уредувачката политика, постигнатиот консензус во врска со спорни содржини или склоноста кон цитирање извори на матичниот јазик – посочува Симеоновски.
Според него, различното именување и дефинирање на Македонците и македонскиот јазик на некои јазични изданија на Википедија, особено на јазиците чии говорници главно ги населуваат соседните земји, се јавува веќе долги години и во голема мера претставува предмет на државната политика во овие земји.
– Тоа значи дека толкувањето на овие два поима во литературата на други јазици, како на пример бугарски или грчки, не е исто со она во литературата на македонски јазик. Оттука, при уредувањето на содржините на Википедија на бугарски и грчки јазик, како извори за поткрепување на веродостојноста предимство има литературата на овие два јазика, која се разликува од онаа на македонски јазик, па затоа се разликуваат и содржините на исти теми на различни јазични изданија на Википедија – додава тој.
Заедницата на Википедија на македонски јазик ја сочинуваат нешто повеќе од десетина многу активни уредници, кои секојдневно ја збогатуваат со нови содржини и се грижат за веродостојноста на информациите достапни во статиите.
Со оглед на тоа што овие уредници, според Симеоновски, се јадрото на заедницата, тие се во можност да постигнат согласност за менување на уредувачката политика, воведување новини во уредувањето и постигнување консензус за одредени теми на Википедија на македонски јазик.
– Меѓутоа, уредниците на Википедија на македонски јазик обично не се активни на другите јазични изданија, што се должи на недоволното познавање на јазикот и недостигот од слободно време за уредување на повеќе јазици, така што не се во можност да влијаат врз содржините на другите јазици. Досега се направени голем број обиди на уредници од Википедија на македонски јазик преку аргументирана дебата да се дојде до промена на спорните содржини, но најголемиот дел од нив има завршено безуспешно. Сличен наплив на корисници од соседните земји, со намера за наметнување туѓо гледиште, е забележан и на Википедија на македонски јазик, но ваквите обиди исто така имаат завршено безуспешно. Некои уредници на Википедија на македонски јазик лично се познаваат со своите колеги од соседните земји и имаат пријателски односи со нив, кои не дозволуваат да бидат нарушени поради различните содржини на Википедија, разликите во образовниот процес или на државната политика на своите земји – објаснува Симеоновски.
Википедија во суштина е збир од околу 300 различни проекти, колку што и има јазични изданија, а секој од нив си има своја заедница, со свои правила и свој начин на работа.
Во едни такви околности, според него, борбата на уредниците на македонски јазик за промена на спорните содржини на другите јазици е споредлива со борбата на македонските институции да влијаат врз промена на образовниот процес и државната политика на другите земји во светот во однос на прашањето за Македонците и македонскиот јазик.
Институционална грижа за идентитетска афирмација
Бојан Кордалов, комуниколог, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, посочува дека ако појдеме од себеси, најчесто кога ни е потребна одредена информација за која било земја или појава низ светот, прво што правиме е интернет-пребарувањето. А, еден од првите резултати што излегуваат на интернет-пребарувачите, според Кордалов, е токму Википедија.
– И независно дали некој ја вбројува и признава во академски извори, кои се користат како цитати при изработка на научни трудови, популарноста на оваа мрежа јасно говори за нејзиното огромно влијание во процесот на информирање и комуникација. Важно е да се грижиме за податоците што се објавуваат на дигиталните платформи, особено во ера на интернет, односно време во кое огромен број луѓе низ светот првите податоци ги бараат и добиваат на интернет – смета тој.
Тука не говори за поддршка на интернет-пропагандата и нападите кои се присутни онлајн, туку првенствено за институционална грижа и поддршка на сите волонтери што сакаат и придонесуваат за културна и друга идентитетска афирмација.
– Да не заборавиме, на пример, дека и одлуката некој турист да ја посети Македонија ќе ја донесе најчесто врз основа на онлајн понуда, а со сигурност ќе ги провери сите локации и препораки на интернет. Истовремено, со поддршката за кредибилни и веродостојни информации и статии на Википедија, како земја ќе покажеме и дадеме вистински придонес во борбата против лажните вести и дезинформации на регионално и локално ниво. Бидејќи, да не заборавиме дека основната алатка во оваа битка се точните информации и вистината базирана на верификувани факти.
Хакиран и Дигиталниот речник на македонскиот јазик
Во период кога од повеќе страни се нападнати и оспорувани македонскиот јазик и македонскиот идентитет, платформата Дигитален речник на македонскиот јазик е хакирана. Веста ја потврди креаторот на овој сајт, на кој можеше да се прават споредба и проверка на лексичката и правописната употреба на македонскиот јазик.
Хакирани биле серверите, со што е оневозможено неговото користење, кое на интернет беше бесплатно.
Според огромен број негови корисници во Македонија и пошироко, оваа платформа има голем придонес за зачувување и популаризација на нашиот литературен јазик и правопис.
Сѐ уште нема официјална потврда од креаторите на платформата за тоа кој и зошто го нападнал сајтот.
Реакциите се огромни, но најмногу реагираат лекторите, писателите и воопшто македонистите, кои велат дека Дигиталниот речник е исклучително богат и корисен за сите оние што работат со македонскиот јазик.
Македонистите, сепак, посочуваат и дека македонскиот јазик е факт, а секаков напад и негово бришење е бришење на идентитетскиот белег на македонскиот народ.