Најголемиот дел од анкетираните граѓани го гледаат премиерот Зоран Заев на претседателската функција, покажува најновото истражување на јавното мислење, спроведено од МЦМС и Телма. Заев исто така се јавува со највисок рејтинг и како евентуален консензуален кандидат. За него би се определиле најголемиот број од Македонците и Албанците.
На прашањето доколку утре се одржат претседателски избори за кој кандидат би го дале својот глас, 12,4 отсто од испитаниците се определиле за Заев, а 8,2 отсто за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и за министерот за надворешни работи Никола Димитров. За Стево Пендаровски би гласале 6,8 отсто од испитаниците, пет отсто својот глас би го дале за Бујар Османи, додека за Имер Селмани, кој веќе еднаш се проба во претседателска трка се одлучиле 5,8 отсто од анкетираните.
По нив следат Теута Арифи со 3,4 отсто, Тања Каракамишева со 2,7 отсто, Гордана Силјановска и Трајко Славески со по 2,4 отсто. Толку има и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска 2,4 отсто, Оливер Спасовски и Мирјана Лазарова Трајковска добија доверба од 1,4 отсто од анкетираните.
Сепак, мнозинството од анкетираните, односно 19 отсто идниот шеф на државата не го гледаат во ниту еден кандидат, додека 14,9 отсто се уште не одлучиле.
Како евентуален консензуален кандидат, што е став на ДУИ, најголема поддршка и кај Македонците и кај Албанците има премиерот Заев. За него би гласале 10,2 отсто од Македонците и 11,2 отсто од Албанците. Втор би бил Никола Димитров, а трет е Стево Пендаровски.
Втор значаен елемент кој е констатиран во истражувањето е дека кандидатите кои не се поврзуваат со СДСМ и се или независни или се сметаат за потенцијални кандидати на ВМРО-ДПМНЕ,воопшто не можат да сметаат на гласовите на етничките Албанци.
Трета карактеристика и покрај таа подготвеност кај Албанците од речиси 20 отсто да дадат глас за кандидат Македонец на оваа листа, ако партиите на Албанците излезат со свој кандидат, мнозинството гласови остануваат во тој кампус, при што прв е Бујар Османи со 22,7 отсто, Имер Селмани со 20,8 отсто и Теута Арифи 12,3 отсто.
Во однос на партиската лојалност меѓу членството на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, освен видливата подвоеност, односно секој за својот е констатиран и поголем процент на неодлучност кај поддржувачите на ВМРО–ДПМНЕ. Кај СДСМ, по Заев, втор со 19,7 отсто е Стево Пендаровски, трет е Никола Димитров со 13,6 отсто. Кај ВМРО-ДПМНЕ убедливо највисок рејтинг има Мицкоски.
Ако се земе предвид варијантата на претседателски заедно со парламентарни избори предност има СДСМ со 26,9 отсто поддршка или 5,3 процентни поени повеќе од ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 21,6 отсто. Поддршката за ДУИ би била 7,4 отсто, Алијансата 3,1 отсто, БЕСА 2,5 отсто. Не одговориле 18,4 отсто и нема да гласаат 17,3 отсто.
Како најважна вредност која ја ценат испитаниците е чесноста со 25 осто, потоа се одговорноста со 17,3 отсто, толеранцијата, решителноста, храброста, подготвеноста за политички дијалог, патриотизам.
За тоа дали би гласале за кандидат на друга етничка заедница, мнозинството, односно 53,6 отсто не би гласале, а 41,2 отсто би гласале за кандидат од друга заедница.
Мнозинството Македонци, односно 62,1 отсто не би гласале за кандидат од друга етничка заедница, наспроти мнозинство Албанци, односно 56,9 отсто кои би гласале.
Анкетата е спроведена од 7 до 14 декември на репрезентативен примерок од 1.014 испитаници.