Со години странските дипломатски претставници си земаат за право директно да влијаат на клучни одлуки за државата. Кој им го дозволува тоа и од каде ја црпат таа моќ? Треба ли конечно да ѝ се стави крај на оваа раширена појава
Дури и кога не се споменуваат конкретни имиња или се користи општата кованица „меѓународен фактор“, сепак останува дилемата колку се растегливи дипломатските црвени линии, поточно до каде одат дипломатските пречекорување за влијание во внатрешнополитичките процеси, односи и носење одлуки во земјата-домаќин.
Се добива впечаток дека странските амбасадори во Македонија со години играат клучна улога во значајни процеси во државата. Многу често самите тие си земаат за слобода да влијаат врз носењето клучни законски одлуки, да влијаат врз гласањето на пратеници, па дури и отворено да ги убедуваат и наговараат политичките субјекти во земјата што да сторат за одредено прашање. Последниве денови е видлива раздвиженоста на странските амбасадори и околу носењето на новиот закон за јавно обвинителство. Од друга страна, правилата на дипломатската служба налагаат строго дефинирани правила на однесување каде што дипломатите првенствено се фокусирани на градењето релации и односи меѓу земјата домаќин и државата што ја претставуваат. Мешањето во внатрешните прашања и работи на земјата домаќин од страна на странските амбасадори е, во најмала рака, непримерно и недопустливо во сите етбалирани демократски држави. Но изгледа не и во Македонија.
Таквата дилема во Македонија е толку релативизирана, што дури и домашните политички елити подразбираат дека секое нивно меѓусебно недоразбирање треба да го решат дипломатите или т.н. меѓународен фактор. Како целото политичко дејствување на сите чинители на македонската политичка сцена повеќе да е насочено кон тоа да им се допадне и да наиде на одобрување кај дипломатите, отколку што се грижат за интересите и потребите на оние што ги гласаат на избори. Сепак, колку и да е големо влијанието на дипломатите и моќта на државата што ја претставуваат, за внатрешното уредување во државата (во законодавната, извршната и судската власт), според основните демократски постулати. одлучуваат македонските граѓаните и нивните легитимно избрани претставници во сопствената земја. Дипломатите доаѓаат и си одат и на своја кожа не ги чувствуваат евентуално лошите решенија за кои претходно лобирале или се залагале. Одговорноста секогаш останува на македонските политичари, а последиците од евентуално избрзаните или лоши одлуки најмногу ги чувствуваат токму македонските граѓани.
– Амбасадорите во Скопје, предводени од американскиот амбасадор, често си земаат за право да ни држат лекции, што е класично мешање во внатрешните работи на Македонија. Но тоа е така бидејќи ние, односно политичките елити на земјава, се однесуваме како да сме протекторат. Неодамнешните состаноци на американската амбасадорка во земјава, со разни групи пратеници во Собранието претставуваат ноторна дипломатска неумесност, па би рекол и се граничи со крајно безобразие. Но таквата практика за надминување на дипломатските надлежности си продолжува и понатаму во Македонија, што сепак претставува наша вина. За жал, нема политичка сила во земјава што се однесува поинаку со дипломатите, бидејќи тоа ни се случува уште од воспоставувањето на независноста на Македонија. Од друга страна, очигледно претстојните избори се клучни и затоа постои „загриженост“ кај странците за судбината на капитулантските договори и затоа се овие нивни засилени активности. Мора да ни биде јасно дека овие избори се навистина судбински и ако продолжи истата политика, многу се реални изгледите македонизмот да биде трајно избришан – ги коментира Ристо Никовски засилената активност на странските амбасадори и нивното влијание во внатрешнополитичките процеси во Македонија.
Иако странските амбасадори никој не ги гласа во Македонија, ниту пак го положиле тестот на македонските граѓани, во многу ситуации нивното влијание било пресудно дури и за судбински државотворни одлуки, во креирањето на правосудниот систем, па и носење политички што кои во голема мера биле и се на работ на уставноста.
– Однесувањето на една група дипломати на служба во Македонија претставува највулгарно мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Но, за жал, тоа ќе биде така сѐ додека во државава нема достоинствена власт и опозиција, кои нема да плачат за милост кај странските дипломати и сѐ додека не добиеме лидери што нема да трчаат за совет и „свое мислење“ во амбасадите. Сето тоа е резултат на фактот што не успеваме да воспоставиме нормално функционирање на државата и внатрешно политичко уредување. Во нормална држава секое мешање во нејзината внатрешна политика на дипломатските претставници значи ризик да бидат прогласени за „непожелна личност“ (персона нон грата). Но тоа не се случува кај нас, зашто имаме политичари што по разни основи се задолжени во странските амбасади. Во држава со достоинствени политичари, секое дејствување за собирање или растурање парламентарно мнозинство за нечиј интерес, од страна на странски дипломати, претставува најгрубо и недозволиво мешање во внатрешните работи на земјата. Но кај нас тоа се претвори во „очекувана практика“ и така ќе биде сѐ додека не дојдат чесни и достоинствени политичари – вели професорот Јове Кекеновски.