Централното собрание на политичката партија Алтернатива донесе одлука за реформирање на партијата. Состанокот на партиското тело се одржа синоќа и се дискутираше за последните парламентарни избори.
Централното собрание на Алтернатива констатира дека изборниот процес бил успешен за коалицијата Алтернатива и Алијанса за Албанците, иако останува констатацијата дека самиот изборен процес е далеку од посакуваното поради бројните манипулации, за кои јавноста веќе е запознаена.
Централното собрание заклучило дека повеќето партиски структури биле на својата должност, а со цел да се консолидираат структурите што покажуваат потреба од дополнувања, се задолжи претседателот на партијата да го спроведе процесот на реформирање на партијата, што подразбира освежувања од Централното претседателство и се протега до локалните партиски структури.
Овој процес ќе се одвива во следните неколку месеци, а за деталите за ова реформирање и реорганизација, во текот на оваа недела претседателот ќе организира брифинг со новинарите, за подетално да ги информира за овие моменти.