Во својот годинашен извештај на тема за дрогата, американскиот Стејт департмент ја опиша Албанија како „седиште на транснационалните мрежи на организиран криминал, вклучени во трговија со недозволени наркотици низ Европа и пошироко“

Во констатацијата на американскиот Стејт департмент, во годишниот извештај на тема за дрогата, Албанија е опишана како „седиште на транснационалните мрежи на организиран криминал“. Иако се направија низа силни напори ова да се промени, состојбите дури се влошија. За потсетување, во летото 2014 г., албанските специјалци со голема логистичка меѓународна поддршка имаа широка операција во селото Лазарат, кое се наоѓа на околу 30 километри од грчката граница. Резултатите на прв поглед ветуваа, но криминалот со канабис, се чини дека имал многу подлабоки корени.

Албанија канабис-елдорадо

Што се случи пред шест години во албанското село Лазарат? Имено, имаше по неколкудневни оружени судири. Кон полицијата се стрелаше со ракетни и минофрлачки гранати, но сепак, на крајот беа конфискувани повеќе од 10 тони марихуана, илјадници садници со канабис и големи количества огнено оружје. И покрај ова, според податоците на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал, во текот на следните две години трговијата со канабис се прошири насекаде низ државата. Да не заборавиме дека Балканот од поодамна претставува една од најпознатите маршрути за трговија со дрога во светот. Канабисот им носи добар профит како на неговите одгледувачи по селата, така и на организираните криминални групи што го продаваат низ државите од ЕУ. Според Глобалната иницијатива, нелегалната трговија со марихуана им овозможи на младите генерации Албанци шанса за заработка, но истото важи и за државните службеници, полицијата и за политичарите.

Приказната на еден производител раскажана за јавноста

Триесет и деветгодишниот Артан е претставник на новата генерација амбициозни млади производители на канабис, желни за пари и благосостојба. Седејќи во една од кафеаните на крајбрежниот град Валона, тој објаснува како можете да заработите богатство – барем додека не бидете фатени.
– Можете да го поткупите локалниот началник на полицијата или на Агенцијата за борба против дрога, но ако некој ве отчука, тогаш секој се бори да ја спаси сопствената кожа – вели тој.
Неговото вистинско име не е Артан. Живеел две години во Италија, но решил да се врати и да го води бизнисот од дома. „Годинава најдовме добро парче земја на пасиштата во близината на градот Тепелена. За да дојдете до него, треба три часа да пешачите низ планината,“ раскажува. Понатаму, тој тврди дека само годинава засадил речиси 50.000 садници со канабис – големо количество дури и според албанските стандарди.
– Постојат три основни правила: пристап до вода, држење настрана од полициски и љубопитни очи, и на крајот, трпеливост.
Артан црпи вода од извор што е на два километри оддалеченост и го остава татко му да набавува ѓубриво, за да не биде „фатен“ на видеонадзорот.
Кога канабисот е готов за продажба, се пренесува до село близу границата. Оттаму го подигаат шверцерите и го пренесуваат (пешки или со помош на мазги) на грчка територија.

Ако не можеш против нив,тогаш придружи им се

Во своите заложби и напори за побрз влез во ЕУ, албанскиот премиер Еди Рама вети дека нема да има никакво попуштање во битката против дрогата. Меѓутоа, ништо особено не се смени. Производителите на канабис тргнаа во потрага по нови пазари – освен кон Грција и Италија, тие се насочија и кон Турција, Германија, Холандија и Велика Британија.
Во својот годинашен извештај на тема за дрогата, американскиот Стејт департмент ја опиша Албанија како „седиште на транснационалните мрежи на организиран криминал, вклучени во трговија со недозволени наркотици низ Европа и пошироко“.
Сега албанскиот лидер се обидува ја претвори оваа нелегална трговија во озаконет економски капитал. Во мај годинава, тој објави дека во текот на минатата година неговата влада работела на креирање нацрт-закон за легализација на медицинскиот канабис, како и дека илегалната обработка е под целосна контрола. Оттука, Албанија не само што мора да се справува со организираниот криминал и корупција туку мора да ја убеди и ЕУ дека навистина го прави тоа.

Би-би-си во своја анализа за балканската маршрута тврди дека за овој проблем не постојат брзи решенија

Во изјава за Би-би-си, висок владин функционер од Тирана тврди дека досега ништо не е сработено, а искуствата на албанските соседи сугерираат дека за овој проблем не постојат брзи решенија.
– Грција ги легализираше индустрискиот коноп и медицинскиот канабис, но без некој позначаен економски ефект.
– Во Македонија производството на медицински канабис е легално, но тони од суров канабис и масло од канабис „лежат“ во складиштата. Колку подолго ќе останат таму, толку е поголем ризикот да се најдат на илегалниот пазар.
За откривање на најголемите илегални плантажи со канабис што „никнаа“ низ државата, албанската полиција започна со употреба на беспилотни летала – дронови. Но задачата да се пронајдат шверцерите што оперираат на најголемата европска маршрута на канабис станува сѐ потешка за реализација, најмногу поради густите шумски предели од двете страни на грчката граница, заклучува Би-би-си. 


Албанија балканско царство на канабис

Од почетокот на годинава, грчката полиција има конфискувано дури 1,5 тон канабис. Речиси девет тони канабис беа запленети во текот на претходните две години. Шверцерите, вооружени со автоматски пушки „калашников“, на грбот носат вреќи наполнети со 40 до 50 килограми канабис. Тие ја кријат дрогата на однапред одредени места – големо дрво или извор – а потоа вреќите ги преземаат членови на грчката шверцерска мрежа, пишува лондонскиот Би-би-си.
Во Албанија еден килограм канабис може да достигне големопродажна цена од 1.000 евра (900 фунти), но наркобосовите во Италија или во Грција се подготвени да платат и двојно. Полицијата од двете страни на границата спроведува редовни рации, меѓутоа шверцот и понатаму се одвива.