Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, во Женева се сретна со генералниот директор на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Антонио Виторино.
Како што информираат од неговиот кабинет, на средбата Адеми го акцентирал усвојувањето на првата Националната стратегија за соработка со дијаспората и го запознал директорот Виторино со четирите столба на стратегијата, како и со активностите и проектите што веќе се реализирани.
Воедно, се отворила можност и за нови заеднички проекти, кои Меѓународната организација за миграции (ИОМ) ќе ги поддржи, а кои произлегуваат од стратешкиот документ.
Основа за соработката во иднина е и меморандумот за разбирање потпишан во мај годинава.
– Директорот Виторино му се заблагодари на министерот Адеми за денешната посета на ИОМ и притоа истакна дека соработката помеѓу оваа организација и македонската влада во разни области ќе продолжи и во иднина. Директорот Виторино потврди дека ИОМ со својата експертиза ќе поддржи и проекти, мерки и активности, кои произлегуваат од Националната стратегија за соработка со дијаспората – се наведува во соопштението на кабинетот на Адеми во врска со средбата.