Осврт кон трендот на катаклизмичните идеолошко-политички геостратегиски продлабочувања на јазовите во светот
Милијардерот инвеститор Џорџ Сорос, чии донации со години предизвикуваат критики од суверенистите и традиционалистите, долго време се смета за „неолиберален манипулатор што од сенка влече конци на глобалната политичка сцена“. И самиот Сорос, во една пригода своевремено, кога беше на врвот на својата моќ, саркастично и самобендисано се опиша себеси на тој начин.
Организацијата „Отворено општество“ се соочува со конкретни обвинувања за финансирање политичко насилство
Многу теории на заговор и популарни митови се поврзани со Сорос и непрофитната организација што тој ја основа пред повеќе децении, што, меѓу другото, придонесе во неговото богатење. Но сега, организацијата „Отворено општество“ се соочува со конкретни обвинувања за финансирање насилни демонстрации, со елементи на политичко насилство, како што тврди и американскиот претседател Доналд Трамп. Ваквите тврдења против Сорос повторно беа изнесени во Овалната соба во Белата куќа во четвртокот, кога Трамп им рече на новинарите дека мисли оти Сорос е „веројатен кандидат за истрага“, само неколку дена откако ѝ нареди на државната обвинителка Пем Бонди да поднесе кривични обвиненија против поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми, сенаторот од Калифорнија, Адам Шиф, и државната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс.
– Ако го погледнете Сорос, тој е на врвот на сè. Тој е во секоја приказна што ја читам, па претпоставувам дека би бил веројатен кандидат за истрага – рече во својата најнова изјава претседателот на САД, Трамп.
Џорџ Сорос и неговиот син се осомничени и за рекет, како и за поддршка на
протерористички групи
Американскиот претседател Трамп, во август изјави дека Џорџ Сорос, како и неговиот син наследник Алекс, треба да бидат обвинети за рекетирање.
– Џорџ Сорос и неговиот „прекрасен“ син, радикален левичар, треба да бидат обвинети за кршење на Законот за организации под влијание на рекетари и корумпирани организации за нивната поддршка на насилни протести низ САД – објави Трамп на својата социјална платформа, таканаречената Мрежа за вистина.
Министерството за правда на САД цитираше извештај од конзервативната група „Кепитал рисрч“, насловен „Ексклузивно: фондациите „Отворено општество“ на Сорос им дадоа 80 милиони долари на протерористички групи“. Р.Н.М.
Неколку информации за дејноста на фондацијата „Отворено општество“
Активности во повеќе од 100 земји со дадени над 32 милијарди долари
Фондацијата „Отворено општество“ е идеолошки неолиберална платформа и чадор-организација. До денес, се смета дека таа за свои цели потрошила повеќе од 24 милијарди долари, од кои 1,2 милијарда долари се потрошени минатата година.
Мрежата на фондацијата работела во повеќе од 100 земји, според веб-страницата на инвеститорот Џорџ Сорос. Неговиот прв грант, според веб-страницата, бил за доделување стипендии на Јужноафриканци за време на апартхејдот во 1979 година, а во 1980-тите финансирал академски посети на Запад за источноевропски дисиденти што се спротивставувале на комунизмот.
Сорос, долгогодишен финансиер на Демократската партија на САД, донираше 125 милиони долари за либералната „суперПАК“ во 2021 година, според веб-страницата „Опен сикретс“ за следење на финансирањето на изборни кампањи.
– Ниту една друга личност не ја поткопала нашата демократија повеќе од Џорџ Сорос – објави пратеничката Марџори Тејлор Грин од Џорџија на Икс на 19 март 2023 година.
Богатството на Џорџ Сорос има нето-вредност од 7,5 милијарди долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“. Во 2017 година, тој инвестираше 18 милијарди долари во фондациите „Отворено општество“. Тоа ги зголемува неговите донации, почнувајќи од 1984 година, на вкупно 32 милијарди долари, според веб-страницата на непрофитната организација. Р.Н.М.