Светски феномен: Нагласена потребата од храна како стратешки важен ресурс
- Националните влади сметаат дека повеќе не може да се потпрат на пазарите за време на криза и дека храната, како и енергијата, мора да се третира како свој, домашен стратешки имот! А, од друга страна, економистите и трговските претставници возвраќаат дека кога многу земји складираат вакви ресурси одеднаш, тие ризикуваат да го намалат глобалното снабдување, да ги зголемат цените и да им наштетат на најсиромашните увозници
На почетокот на 18 век Финска била запознаена со стравот од глад. Глад поттикнат од непредвидлива клима уби една третина од населението во 1690-тите. Големата северна војна со Русија дополнително го нарушила земјоделството, како и сè друго, во првите 20 години од векот. Па така, во 1726 година земјата почнала да произведува и издвојува жито за да се осигури дека може да го нахрани населението во случај на вонредна состојба. Долгите зими, кратката сезона за раст на житните култури и нарушувањата од судирот на империите го налагале тоа.
Три века подоцна таа логика ја обликува политиката далеку надвор од Финска. Децении откако владите ги намалија резервите на храна и ја положија својата доверба во глобалната трговија, сè поголем број држави ги обновуваат резервите за итни случаи. Од Шведска и Норвешка до Индија и Индонезија, државите обезбедуваат сè поголеми количества ориз, пченица и други основни производи како осигурување од свет што сè повеќе го сметаат за нестабилен, пишува „Фајненшл тајмс“.
– Кога заврши Студената војна, на некој начин бевме единствените што останаа со доволни количества храна… бидејќи никогаш не знаете што ќе се случи – вели Миика Иломаки, главен специјалист за подготвеност во финската национална агенција за снабдување со стоковни резерви.
Финска долго беше сметана за исклучок со обезбедувањето свои стоковни резерви, додека сега нејзиниот сосед Норвешка повторно ги обновува своите резерви од жито, а „Шведска ги презема првите чекори за да ги има тие резерви“.
Храната, како и енерг ијата, мора да се третира какостратешки имот
Обезбедувањето производство на храна и имањето резерви за своите граѓани се последица на низа шокови и вонредни состојби: пандемиските нарушувања, општото чувство на глобална вознемиреност со војната во Украина и неодамнешните конфликти во Газа, Венецуела и Иран, климатската нестабилност и споровите во трговијата. Многу од националните влади сметаат дека повеќе не може да се потпрат на пазарите за време на криза и дека храната, како и енергијата, мора да се третира како стратешки имот. Економистите и трговските претставници возвраќаат дека кога многу земји складираат ресурси одеднаш, тие ризикуваат да го намалат глобалното снабдување, да ги зголемат цените и да им наштетат на најсиромашните увозници.
Еродира довербата во глобалните пазари
Европа се откажа од интервентното купување во рамките на Заедничката земјоделска политика. Нордиските земји ги уништија резервите од жито од Студената војна. Дури и државите што не беа сигурни во однос на храната сè повеќе се потпираа на глобалните пазари.
Таа доверба нагло еродираше од 2020 година, кога пандемијата на ковид-19 ја откри кревкоста на синџирите на снабдување „точно навреме“. Војната во Украина две години подоцна го наруши снабдувањето со еден од најважните извозници на жито во светот.
Климатските шокови – суши, поплави и топлотни бранови – станаа почести и потешки за предвидување. Во исто време трговијата стана геополитичка алатка, која кулминираше… За многу влади, заклучокот е едноставен: производството на домашна храна и создавањето стоковни резерви е суверенитет за храна, затоа што во екстремни сценарија не може да се верува дека некои сојузници ќе испорачаат храна кога е најпотребна. Е.Р.
Скандинавски пример за создавање суверенитет врз храната
„Целосна прехранбена одбрана“
Промената никаде не е појасна отколку во северна Европа. Норвешка, една од најбогатите и најзависни од трговијата економии во светот, започна со обнова на резервите на жито за итни случаи за првпат од крајот на Студената војна. Во текот на 2024 и 2025 година владата склучи договор со приватни оператори за да чуваат приближно 30.000 тони пченица. Службениците го формулираа овој потег како одговор на пандемиските нарушувања, зголемениот геополитички ризик и климатската неизвесност, нагласувајќи дека резервите се наменети за подготвеност, а не за интервенција на пазарот.
Шведска отиде подалеку. Во својот буџет за 2026 година, објавен на крајот од минатата година, Стокхолм издвои 575 милиони швајцарски круни (53,7 милиони евра) за производство на храна и повторно воспоставување резерви од храна за итни случаи како дел од својата стратегија за „целосна одбрана“.
– Тоа е една од најголемите инвестиции што всушност сме ги направиле од 1950 година – вели Саранда Дака, која го води проектот во шведскиот одбор за земјоделство.
Одлуката на Шведска означува остар пресврт во политиката. По пристапувањето во Европската Унија во 1995 година, земјата започна со расклопување на својот систем за складирање од Студената војна, кој беше целосно распуштен до 2001 година, според Дака.
Но, од 2021 година шведскиот одбор за земјоделство почна да добива формални процени за безбедноста на храната од владата, што предизвика внатрешни прегледи на ранливостите во прехранбениот систем. Сепак, одлучувачкиот пресврт дојде по избувнувањето на војната во Украина во февруари 2022 година – и последователната одлука на Шведска да аплицира за членство во НАТО, на кое формално му се приклучи пролетта 2024 година.
Шведска планира да произведува и складира не само жито туку и семе и ѓубрива, додека интегрира приватни компании за управување и ротирање на резервите, така што квалитетот ќе се одржува и пазарите нема да бидат нарушени. Плановите прво се спроведуваат на северот од земјата. Производството и преработката на храна се силно концентрирани во јужна Шведска, но северот се смета и за критичен во случај на војна меѓу НАТО и Русија.
Додека Шведска се подготвува да складира доволно за 3.000 калории дневно за секој од 10,6 милиони граѓани на земјата за една година, финските власти презедоа мерки за зголемување на резервите од жито за итни случаи од шест месеци на девет и за ажурирање на законодавството што го регулира системот за безбедност на снабдувањето на земјата, тврдејќи дека подготвеноста мора да се зајакне во еден понестабилен свет.
Германскиот министер за земјоделство Алојз Рајнер во август минатата година изјави дека Берлин ги преиспитува своите долгогодишни резерви на храна за итни случаи за да вклучи повеќе свои производи од типот на готови производи за јадење, како што се конзервирани равиоли. Германија веќе троши 25 милиони евра годишно за резерви од храна од 100.000 тони. Е.Р.
Производството на храна како геополитичко оружје
Нестабилноста во снабдувањето со храна предизвикана од низа фактори сега е еден од најбрзорастечките поттикнувачи на државните интервенции, според прегледот на Светската банка за стратешките резерви на жито од април 2025 година, а особено таму каде што екстремните временски услови се совпаѓаат со политички фактори на ризик.
Кога сушите, поплавите и топлотните бранови погодуваат повеќе житни жнеења едноподруго, стравотно го компресираат времето за закрепнување, зголемувајќи го ризикот, а привремениот недостиг да се претвори во постојан и долготраен проблем од недостиг од храна.
На пример, во Египет серија топлотни бранови и нередовни врнежи од дожд постојано ги намалуваа домашните приноси на пченица во текот на изминатата деценија, зголемувајќи ја зависноста од увоз, токму кога глобалните пазари станаа понестабилни. Каиро го прошири државниот капацитет за складирање на приближно шест милиони тони и одржуваше резерви што покриваат повеќе од шест месеци потрошувачка, експлицитно за да се заштитат од шокови во снабдувањето поврзани со климатските промени и скокови на цените.
Слично на тоа, откако поплавите ги оштетија посевите со ориз во 2024 година и повторно на почетокот на 2025 година, владата на Бангладеш свика работна група што препорача проширување на резервите за итни случаи надвор од житарките за храна, за да вклучи ѓубрива, дизел и масло за јадење. Буџетот за 2025-2026 година последователно го зголеми финансирањето за стратешки резерви, и покрај стабилната глобална достапност.
Во Бразил, по преземањето на функцијата во 2023 година, владата на Луиз Инасио Лула да Силва започна со обнова на јавните резерви на храна што беа напуштени за време на претходните администрации.
– Нашата цел е да гарантираме суверенитет врз храната и да се справиме со флуктуациите на цените што се случуваат во голем дел поради климатските промени – вели Пауло Тешеира, бразилски министер за аграрен развој и семејно земјоделство.
Владата потроши околу 100 милиони долари за складирање во 2025 година, купувајќи главно пченка и, по катастрофалните поплави што го погодија Рио Гранде до Сул во 2024 година, продолжи со јавните купувања на ориз.
Извештајот на Светската банка забележа дека владите дејствувале превентивно „не затоа што храната не била достапна глобално, туку затоа што климатската неизвесност направила идниот пристап да изгледа несигурно“, заклучувајќи дека климатските промени го интензивираат импулсот за интернализирање на ризикот дури и во земјите длабоко интегрирани во глобалните пазари.
На други места, а особено во Азија, складирањето стана инструмент за економско и политичко управување, со последици што се протегаат далеку над националните граници. Индија, производител и најголем извозник на ориз во светот, држи едни од најголемите јавни резерви од жито во својата историја. До декември 2025 година владините резерви од ориз изнесуваа речиси 58 милиони тони, околу 12 проценти повисоко од претходната година, додека резервите од пченица беа исто така далеку над официјалните норми за тампон. Житото го набавува и управува Корпорацијата за храна на Индија како дел од систем дизајниран да ги стабилизира цените и да обезбеди субвенционирана храна за стотици милиони луѓе. Кога домашните цени растат, државата ослободува жито. Кога глобалните пазари се стеснуваат, го ограничува извозот.
– Кога држите вакви големи резерви не станува збор само за набавка туку и за ракување, складирање, сè е. Значи, тоа е доста голем трошок. Но, од друга страна, зборуваме и за безбедноста на храната, за суверенитет врз база на храната, и се осигурува дека има доволно храна во земјата – објаснува д-р Алишер Мирзабаев од Меѓународниот институт за истражување на оризот.
А кинеското складирање, пак, е колосално. Според официјалните буџетски документи, Пекинг го зголеми својот буџет за 2025 година за складирање жито, масло за јадење и други земјоделски производи за околу 6,1 отсто во однос на претходната година, на приближно 132 милијарди јуани (16,3 милијарди евра). Зголемувањето дојде заедно со повтореното официјално нагласување на самоодржливоста на житото и на храната, односно она што властите го опишуваат како „апсолутна безбедност“ на снабдувањето, бидејќи Кина се обидува да ја одржи својата суверенот од областа на храната на највисоко можно ниво и не само во услови на растечки геополитички тензии. Официјалните лица велат дека резервите од ориз и пченица се доволни за да ги задоволат домашните потреби повеќе од една година! Очигледно некој од многу одамна знае што значи да се има суверенитет врз база на храната, домашното производство на храна и нејзиното складирање, заради своите граѓани и нација. Е.Р.

































