ЕВРОПА НА СВОЈОТ ГОЛЕМ КРСТОПАТ (2)
- Нападот врз Стразбур не дојде од мала земја како Македонија, туку од стари европски демократии. Каква е иднината на Советот на Европа, но и на ОБСЕ? Во продолжение е вториот дел од анализата, чиј прв дел го објавивме во вчерашниот број, во која го изнесуваме македонскиот поглед на нештата
 
Во првиот дел од анализата за потребата од реформи на ОБСЕ и на Советот на Европа се задржавме најмногу на отвореното писмо што премиерките на Италија и на Данска, Џорџа Мелони и Мете Фредериксен, го испратија во името на девет земји. Тие бараат ургентни реформи на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) во делот на миграцијата и азилот, а со тоа и на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Зборот „ургентни“ е клучен. Стразбур нема да може мирно да спие.
Овој врел костен одамна е во рацете на европските институции и во Брисел и во Стразбур, а им задава главоболки и на клучните европски центри како што се Лондон, Берлин и Париз. Миграцијата е прашање што ги решава изборите, но и прашање што ја крева средната или работничка класа во Европа загрозена за своите социјални придобивки, работните места, висината на платите. Светските ломови што се случуваат сега, како и инфлацијата, само ги забрзуваат и ги разгоруваат овие барања. Одамна во Европа не е видена толку голема мобилизација каква што имаше на антимигрантските протести во Англија, но и во Холандија, а се будат Италија, Германија, Франција. Британскиот премиер сер Кир Стармер ја губи почвата под своите нозе токму поради мигрантите, за кои засега не може да најде соодветно решение, а не му помогна ниту контроверзниот договор со Франција за преземање/враќање мигранти.
ТАНГОТО МЕЃУ ТРАМП И ФАРАЖ И МОЖНОТО МИГРАНТСКО ЦУНАМИ
Предводник на антимигрантскиот бран во Обединетото Кралство е Најџел Фараж, лидерот на новата Партија на реформи, кој, сепак, не изнел досега јасен план како ќе го реши проблемот. Но тој посочува дека земјата има сериозен проблем со тоа што наскоро би можело стотина илјади имигранти да добијат постојан престој во земјата (механизмот ИРЛ), а со тоа од државната каса во наредната декада би се одлеале 234 милијарди фунти. Можеби математиката на Фараж некој ќе ја предизвика, но во моментов тој е број еден политичар според популарноста и е на пат да го земе клучот од вратата на Даунинг стрит 10 – значи, најверојатно идниот премиер. Тој се очекува да го води кралството во новото време. Доволно е да кажеме дека меѓународното танго го игра со Доналд Трамп, секогаш добредојден во Вашингтон, но и на Флорида, каде што Трамп игра голф. Значи јакнење на суверенистите на глобалната сцена.
Дали ова е најава дека стотици илјади имигранти ќе се протеруваат од Европа? Секако дека има сериозни назнаки за тоа, а самата понуда до повеќе земји, меѓу кои е и Македонија, да прифатат свој дел од тоа повратно миграциско цунами, би можело да значи дека Европа се движи натаму. Ние засега велиме „не“, иако владата на Зоран Заев велеше „да“, многу незгодна и збунувачка позиција за Македонија.
Но мигрантите не се единствениот врел костен што е во рацете на Советот на Европа. Таа многу важна организација, со реноме на вистински бранител на човековите права благодарение на Судот во Стразбур, но и работата на независните експерти во Венецијанската комисија, Комисијата за заштита од тортура, ЕКРИ и други го оправдаа своето постоење, особено за малите земји, малцинствата и за помалите групи. Тоа, за жал, е стара приказна, а новата?
ЗА МАКЕДОНИЈА СИТЕ КРЕВАА РАМЕНИЦИ НАМЕСТО ДВА ПРСТА
Како сведок на македонскиот пат за зачленување во Стразбур видов една двојна политика, двојни стандарди, па нашето членство беше прифатено дури во 1995 година под референцата ФИРОМ. Срамота за еден Стразбур. Но, ете, и Советот на Европа се оддалечи од она што го кренаа на демократски столбови какви што беа големите визионери Роберт Шуман, Винстон Черчил, Алциде де Гаспери, Конрад Аденауер, но и еден Михаил Горбачов. Овој последниот, особено по смртта на неговата сопруга, стана голем самокритичар, па дури во еден момент изјави дека погрешил многу. Каде погрешил Горбачов? Можеби не толку во одлуката да се урне Берлинскиот ѕид, колку во лошата процена да му верува на Западот дека НАТО нема да се шири на исток. Оттогаш веќе ништо не е исто, па ни довербата едни во други по Студената војна.
Иако Македонија доби извонредни оценки од комисијата на експертот Роберт Бадентер, кој кажа дека Македонија е држава со сите нишани заедно со Словенија, тоа ни за ООН, ниту, пак, за Советот на Европа, а уште помалку за ОБСЕ значеше дека земјата без проблеми ќе се зачлени во тие организации. Двојните стандарди ги вежбаа и уште ги вежбаат на Македонија. Жално и за срамота!
Како новинар што ја следел работата на СЕ и на Парламентарното собрание на Советот на Европа, во интервјуа со генералните секретари Тери Дејвис и со Тјорборн Јагланд (претседаваше и со Нобеловиот комитет) на директните прашања зошто употребуваат двојни стандарди кон Македонија и не го почитуваат нејзиното право на самоопределување (името и јазикот беа сериозен проблем, замислете), тие само креваа раменици. Раменици креваа и комесарите за човековите права Томас Хамамберг и Нилс Мужњиекс, кои отворено ми кажаа дека немаат надеж оти Грција или Бугарија ќе им ги признаат малцинските права на Македонците.
Токму затоа и токму Македонија има право да бара сериозни реформи на Советот на Европа, ако воопшто треба да постои, затоа што Македонците пред ЕСЧП во Грција и во Бугарија добиле дваесетина пресуди, а ниту една не е комплетно спроведена, освен што се исплатени судски трошоци. Значи тие држави успеале да го направат тој суд нерелевантен. Дотолку повеќе што тој порано се сметаше за еден вид казнен стап за Русија, иако таа беше најголемиот финансиер на СЕ.
СУДОТ САМО КАКО ДЕКОР НА СТРАЗБУР
Можеме да заклучиме, дека според нашиот поглед на нештата, поголем проблем е неспроведувањето на пресудите на судот, со што се поставува легитимното прашање – дали е тој само декор во Стразбур? Ако тој не им е потребен на Британците, на Италијанците или на Французите, уште помалку на држави кршачи на човековите права како Грција и Бугарија, која е смислата на неговото постоење?! Најсвеж пример е отстранувањето на мониторингот врз Бугарија во областа за малцинските права и тоа ја открива другата слабост на Советот на Европа. Моќта е сѐ поголема во Комитетот на министрите наспроти Парламентарното собрание, каде што честопати се постигнуваат политички договори за што страдаат човековите права. Тој баланс не е пронајден и се понеизвесно е и дека тоа во блиска иднина нема да се случи.
Да заклучиме дека останува сега отворено прашањето што ќе се случува со Европската конвенција за човекови права, но и како во иднина ќе се одредува улогата на ОБСЕ. За нас како држава Македонија е јасно дека станува збор за најдолготрајната мисија во која било земја и тоа доволно кажува дали е таа успешна или не. Самите извлечете одговор. Но притоа и самата мисија во Скопје, таа никогаш не сакаше да ја спомне Македонија како Македонија, а брани човекови права. Според мои неформални информации, имало и внатрешни проблеми, особено со лош однос кон локалниот персонал. Можеби еден ден ќе се отвори и тоа досие. Она што за нас е важно што ОБСЕ постојано се обидуваше да го прошири својот мандат, а тоа и го стори неколкупати, па дури имаше обиди да воспостави своја контрола врз економскиот сектор.
(Крај)
Дали и каде потфрлија ОБСЕ и Советот на Европа?
И Советот на Европа (СЕ) и ОБСЕ/ОДИХР имаат свои темни петна како што се на пример набљудувачките миси на изборните циклуси. Двете организации испраќаат свои набљудувачи одвоено и изработуваат одвоени извештаи. Има повеќе случаи на штелувани извештаи. Стразбур, пак, беше зафатен и со коруптивен скандал наречен „Кавијар-дипломатија“.
Но како и да е, главното потфрлање на ОБСЕ е во конфликтот меѓу Украина и Русија. ОБСЕ потфрли уште кога почнаа притисоците и воените активности на Киев против руското малцинство во Донбас, а кулминираше со фијаското на мировните преговори, односно на процесот од Минск.
Денес оваа организација, во која како надворешни членови се и САД и Канада на пример, замислена како еден од столбовите за одржување на мирот и балансот на силите и конвенционалното вооружување, е алатка на одредени политички интереси. По дефиниција ова зборува дека ОБСЕ не работи според утврдените протоколи и начела туку зазело страна, исто како и Стразбур, каде што прашање број еден е Русија?!
Ова е македонски поглед на нештата, кој и не мора да биде точен или најпрецизен, па ниту прифатен. Според фактите што ни се на располагање, сметаме дека сме на вистинскиот пат. Впрочем овој систем што денес го имаме во Македонија, а се покажува како нефункционален и се одржува најмногу поради традициите на соживот и политичките пазарења, во најголем дел е креација на притисоците, уцените и насоките давани од Советот на Европа и од ОБСЕ. Х.И.
            


































