Нејасно е зошто во годинашниот извештај на американскиот Стејт департмент на новата администрација на САД воопшто не се спомнува загрозувањето на правата на малцинствата во Бугарија, што најмногу ги засега Македонците?! А нема ниту збор за пресудите на Судот за човекови права во Стразбур против Бугарија?!

На големо изненадување на експертската јавност, но и на јавноста воопшто, во најновиот годишен извештај за човековите права на Стејт департментот на САД, критиките за злоупотребите на човековите права во Бугарија се целосно исфрлени во делот на извештајот што би требало да се однесува за правата на малцинствата.
Во претходниот извештај за состојбата во Бугарија, кој се однесува за 2023 година, делот „Слобода на здружување“ беше целосно посветен на правата на македонското малцинство за слободно здружување.
– Бугарија генерално го почитува правото на слобода на здружување предвидено со закон, но и натаму одбива да ги регистрира активистичките групи на етничките Македонци – беше наведено во ланскиот извештајот за човекови права на американскиот Стејт департмент, при што беа споменати повеќе македонски друштва што бугарските власти и натаму не ги признаваат и покрај многубројните пресуди од Европскиот суд за човекови права против Бугарија.
Бугарските власти одбиваат регистрација на етнички македонски активистички групи како што се обединетата македонска организација „Илинден“, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 и македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Пловдив, наспроти многубројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права, според кои одбивањата ја кршат слободата на здружување на групите.
Останува нејасно зошто во годинашниот извештај воопшто не се спомнуваат правата на малцинствата во Бугарија од страна на новата американска администрација, што најмногу ги засега Македонците. А нема ниту збор за пресудите на Судот за човекови права во Стразбур против Бугарија. Изоставањето на оваа проблематика се смета и за удар врз македонската дипломатија во спорот со Бугарија поврзан со негаторската политика од Софија.

Бугарија упорно одбива спроведување на пресудите на ЕЧСП

Бугарија упорно одбива да спроведе 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕЧСП) во врска со регистрацијата на македонските здруженија во оваа земја. Тие се дел од околу 170-те пресуди што Бугарија не ги извршува, со што постојано е меѓу десетте членки на Советот на Европа што имаат најмногу неспроведени судски одлуки. Згора Софија во март испрати допис до Стразбур во врска со својата обврска да одговори на забелешките на Советот на Европа, односно на Дирекцијата за следење на извршувањето на пресудите (ДЕЈ) поради неизвршувањето на седумнаесетте пресуди во корист на македонските здруженија во Бугарија донесени од страна на ЕСЧП.
Но наместо со правни аргументи да образложи зошто државата Бугарија ги игнорира пресудите на ЕСЧП, Софија внесува политички или, подобро речено, политикантски методи на обвинувања и го пренасочува сечилото кон официјално Скопје за политизирање на случајот, обвинувајќи ја Македонија за поткопување на европските вредности и дека Скопје организира логистичка, финансиска, медиумска и дипломатска поддршка за поддржување на македонските здруженија во Бугарија.
Окружниот суд во Пловдив во февруари ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на обединетата македонска организација „Илинден“ – Пловдив, врз основа на тоа дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонско етничко малцинство, се насочени кон поделба на нацијата и би создале услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд.
Од вкупно 16 добиени пресуди за прекршување на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се на ОМО „Илинден“ – Пирин, меѓу кои, оваа организација ја добила првата пресуда пред Стразбур во 2001 година.
Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации во извештајот за човековите права објавен во 2023 година препорача Бугарија да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на човековите права на припадниците на малцинските етнички заедници, вклучувајќи ги македонската и помачката етничка група, и да ги имплементира релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, кои се однесуваат на правото на слобода на изразување и слобода на здружување. Р.С.


Изоставени и проблемите со корупцијата во Бугарија

Во годинашниот извештај не се споменуваат ниту проблемите со корупцијата во Бугарија, кои беа важен дел од претходното издание. САД во најновиот извештај за Бугарија, кој е речиси трипати помал во обем (19 страници, во споредба со 52 во 2023 година) и чие објавување доцнеше, ставаат акцент врз проблемите со слободата на говорот и репресиите на кои биле подложени бугарските новинари.
Исто така се напоменуваат растечките антисемитски ставови во Бугарија во текот на изминатата година. Ваквите ставови, според извештајот, редовно се појавуваат на социјалните мрежи и како коментари на онлајн публикации и статии. Притоа се потсетува дека организацијата на бугарските Евреи „Шалом“ изразила загриженост за загрижувачката ескалација на говорот на омраза и антисемитизмот во земјата, „преправен како антиционизам и неодобрување на Израел“, како и обидите за тривијализирање на антисемитизмот. Стејт департментот ги спомнува и протестите пред Националниот театар во Софија поради претставата во режија на Џон Малкович минатата есен. Р.Н.М.