Критичните суровини како нов национален приоритет
- Глобалните синџири на снабдување со метали се под силен притисок од растечката побарувачка за кабли, батерии, електроника и зелени технологии. Европската Унија и САД поставија јасни листи и политики за критични суровини за поефикасно привлекување капитал и технологија и за да им дадат предвидливост на домашните оператори да инвестираат во опрема, преработка и заштита на животната средина… САД неодамна ја проширија својата тригодишна листа и го вклучија бакарот (заедно со среброто и други материјали), испраќајќи јасен сигнал дека металите на енергетската транзиција се прашање и на економска и на национална безбедност
Македонија е пред важен крстопат во однос на развојот на рударството. Со предлог-закон за рударство првпат системски се воведуваат листа на критични минерални суровини и листа на стратешки минерални суровини, со обврска Владата на секои три години да ги преиспитува и ажурира суровините на двете листи. Ова ја усогласува земјата со европската и глобалната пракса и создава јасна рамка за планско искористување на домашните ресурси, за побрзи процедури и за таргетирани инвестиции. Законскиот текст предвидува и дефинирање проекти од „стратешки интерес“, што овозможува приоритетен третман на капацитети со системска важност за економијата.
Со тоа, регулативата го поврзува рударството со индустриските и енергетските цели и создава предвидлива траекторија за инвеститорите.
Глобален контекст: Побарувачка што ја редефинира безбедноста на снабдувањето
Глобалните синџири на снабдување со метали се под силен притисок од растечката побарувачка за кабли, батерии, електроника и зелени технологии. Европската Унија и САД поставија јасни листи и политики за критични суровини за поефикасно привлекување капитал и технологија и за да им дадат предвидливост на домашните оператори да инвестираат во опрема, преработка и заштита на животната средина. ЕУ ја применува Регулативата за критични суровини (ЦРМА), која, освен „критични“, дефинира и „стратешки“ суровини за зелени, дигитални, одбранбени и аеронаутички технологии – со конкретни цели за домашно снабдување, преработка и рециклирање. Паралелно, САД неодамна ја проширија својата тригодишна листа и го вклучија бакарот (заедно со среброто и други материјали), испраќајќи јасен сигнал дека металите на енергетската транзиција се прашање и на економска и на национална безбедност.
ЦРМА поставува и конкретни цели до 2030 година: најмалку 10 отсто на екстракција, 40 отсто на преработка и 25 отсто на рециклирање од годишната потрошувачка на ЕУ. Дополнително, не повеќе од 65 отсто од секоја стратешка суровина смее да потекнува од една единствена трета земја. Овие репери се корисни и за нашата политика при дефинирање на националните листи и локалните приоритети.
Холандски пример: Стоковни резерви на критични суровини
Не станува збор само за поддршка на рударството, во ЕУ се менуваат и политиките за стоковни резерви поврзани со критичните или стратешките материјали. Холандија во октомври 2024 година најави процена за воспоставување стратешки стоковни резерви на критични суровини на национално или прекугранично ниво, синхронизирано со формирањето на Националната опсерваторија за материјали (НМО) за следење на синџирите на снабдување. Во јуни 2024 година НМО објави студија за изводливост на национална програма за складирање критични суровини како алатка за јакнење на европските синџири на вредност. Во март 2025 година холандското државно инвестициско тело најави јавно-приватен фонд за обезбедување пристап до критични материјали за Холандија и Европа, а деловната заедница ја позиционира стоковната резерва како предуслов за стратешка автономија и кружна транзиција во согласност со пошироката европска стокпајлинг-стратегија претставена во јули годинава.
Тоа е индиректна потврда дека вниманието кон бакарот и сродните метали не е само локален туку и глобален императив.
Домашни капацитети: Потпирање на постојната индустриска база
На домашен терен, рударството веќе има јасен индустриски профил, кој може да се надгради во духот на новата политика.
Рудникот „Злетово“, кој е дел од „Булмак 2016“, и поширокиот кратовско-злетовски појас важат за наоѓалиште со олово-цинкова руда, но минералната слика е побогата од основната руда. Покрај оловото и цинкот, во минерализацијата во секундарните текови се среќаваат и сребро, германиум, индум, кадмиум, бизмут, галиум и злато, сите елементи со растечка технолошка употреба во фотоволтаици, полупроводници, батериски синџири и специјални легури. „Злетово“ има годишен капацитет за преработка од околу 150–180 илјади тони руда, со вкупно производство на оловен и цинков концентрат од 12–13 илјади тони годишно.
Во источниот регион, Бучим и неговиот наследник „Боров Дол“ ја носат бакарната приказна: со пренасочување на флотацијата и складирањето во постојната инфраструктура, „Боров Дол“ обезбедува континуитет на производството и работните места, со резерви и планови што го продолжуваат животниот век на капацитетот најмалку до крајот на деценијата.
Рудникот „Саса“ во Mакедонска Каменица е еден од регионалните репери за подземна експлоатација на олово-цинк со околу 800 илјади тони руда годишно.
Научни трудови и оперативни согледувања евидентираат и присуство на дел од наведените елементи и во антропогените депонии и металуршки јаловишта во близина на рудниците, што отвора простор за понатамошно извлекување на металите.
Поуки за индустриската политика: Од листи до реални резултати
Клучната придобивка од воведувањето национални листи се предвидливост, поставување јасни критериуми за проекти со стратешка ознака, поефикасни дозволи и подобро таргетирање на инфраструктурна поддршка. Усогласувањето со европските политики создава можности домашните оператори да станат дел од европските стратешки проекти, каде што се вреднуваат локалната содржина, еколошките стандарди и степенот на преработка и рециклирање. Паралелно, глобалниот фокус врз бакарот и сродните метали ја нагласува потребата Македонија да го развие сопствениот технолошки капацитет за извлекување елементи-соработници, вклучувајќи и преку внимателни пилот-проекти за повторно извлекување од јаловишта.
Ова е реална шанса за државата да го претвори рударството во политика на развој, а не само во активност на екстракција. Националните листи на критични и стратешки суровини, усогласени со европските правила и дополнети со современи стандарди за животна средина, можат да го позиционираат секторот како сигурен столб на економијата. Е.Р.

































