Полска и Холандија побараа отстапувања од критериумите предложени од унгарското претседателство со Советот на ЕУ за да се има корист од Европската програма за одбранбена индустрија (ЕДИП) за заеднички набавки или за производство на „итни и критични одбранбени производи“ (оружје, муниција, експлозивни средства итн.). Според анонимен извор од Брисел за „Политико“, ова не значи само повеќе пари за производство и набавка на оружје за членките на ЕУ туку значи и „позабрзано набавување оружје потребно за поддршка на Украина“…

Полска и Холандија бараат полесен пристап до пазарите на Унијата за производите од наменската (воена) индустрија од компании што не се во ЕУ

Полска и Холандија се обидуваат да им го олеснат пристапот на странските компании од областа на наменската (воена) индустрија до финансии предвидени за таа намена во буџетот на Европската Унија. Ваквата констатација во јавноста ја лиферува реномираното европско издание на медиумот „Политико“, повикувајќи се на документ во кој имал увид.

Зошто е побарано олеснување на пристапот на компании од наменската индустрија
од земји што не се во ЕУ?

Во заедничкиот предлог, двете земји, Полска и Холандија, побараа отстапувања од критериумите предложени од унгарското претседателство со Советот на ЕУ за да се има корист од Европската програма за одбранбена индустрија (ЕДИП) за заеднички набавки или за производство на „итни и критични одбранбени производи“ (оружје, муниција, експлозивни средства итн.).
Според анонимен извор од Брисел за „Политико“, „специфичната точка на предлогот е да се олесни влезот на производи од наменската (воена) индустрија од земји што не се членки на ЕУ“. Наедно, ваквиот предлог се совпаѓа и со идејата на Полска и Холандија за „позабрзано набавување оружје потребно за поддршка на Украина“, изјави дипломат на ЕУ за „Политико“, под услов да добие статус на анонимен извор.
Доколку бидат одобрени од други земји на ЕУ, исклучоците ќе го отворат пристапот до парите на ЕУ, со кои делумно се плаќа заедничка набавка или производство на европско тло на оружје, како што се ракетите „МИМ-104 патриот“ на „Рајтеон“.

Унгарските критериуми наспроти предлозите на Полска и Холандија

Европската комисија ја претстави ЕДИП-програмата во март како сума од 1,5 милијарда евра за поттикнување на европското одбранбено производство и заедничко купување.
Во понеделникот, Будимпешта предложи од одбранбените проекти да се бара набавка на барем 65 отсто од нивните компоненти од ЕУ, за да добијат пари од ЕДИП, како што прво објави „Политико“. Унгарците, исто така, дадоа предлог според кој стоките и услугите од земји надвор од ЕУ можат да бидат прифатливи за пари од ЕДИП-програмата, сѐ додека правното лице со седиште во ЕУ, кое аплицира за финансии, има авторски права за дизајнот, односно „способност да одлучува, без ограничувања… за дефиницијата, приспособувањето и еволуцијата на дизајнирањето на производот“.
Полска и Холандија предлагаат да се ублажат тие критериуми. Двете земји се големи купувачи на американско и друго оружје надвор од ЕУ; Холандија бара локално производство на „патриот“ под лиценца, додека Полска бара копроизводство на опрема од Јужна Кореја.
Нивниот документ беше дистрибуиран до националните делегации во вторник, пред состанокот во среда на амбасадорите на ЕУ, кои се обидоа да постигнат договор за критериумите за подобност.
– Со оглед на геополитичката ситуација и итната потреба за набавка на одбранбени производи со поддршка на програмата, по пат на отстапување од член 11 (Подобни активности) точка 8.б (б) нема да се применува на итни и критични одбранбени производи – напишаа тие, повикувајќи се на член во законодавството што се однесува на авторството на дизајнот.
Двете земји, исто така, предложија критериумите за подобност да не важат за субвенциите од ЕДИП за одбранбено производство, доколку се исполнети два услова: прво, производството да вклучува „итни и критични одбранбени производи (стоки и услуги)“ и второ, дека ограничувањата не го исклучуваат „иден трансфер на технологија во ентитет на ЕУ“. Р.С.