Секое долгорочно нарушување на сообраќајот низ Ормутскиот Теснец би имало далекосежни последици / Фото: ЕПА

„Блицкригот“ на Трамп во тесна корелација со иранските енергенти, нафтата и гасот…

  • Од слободниот проток низ светските поморски теснеци-коридори во голема мера зависи економскиот пулс на планетата. А кога политичките тензии и особено воените судири ескалираат токму во познатиот Ормуски Теснец на Блискиот Исток, нештата стануваат многу посложени. За потсетување, Ормускиот Теснец е една од главните артерии за проток на енергентите и развоен пулс на глобалната економија. Поаѓајќи од оваа премиса, се доаѓа до одговорот на прашањето зошто не се очекува да има долгорочна војна

Последните случувања околу Ормускиот Теснец, клучниот морски премин низ кој минуваат околу 20 отсто од светските испораки на нафта, ги турна глобалните пазари во најнеизвесното сценарио со години. Познато е дека секое нарушување на сообраќајот низ теснецот би имало далекосежни последици, не само за увозниците туку и за целата светска економија.
Меѓутоа, аналитичарите што ја следат политиката на Вашингтон укажуваат на тоа дека актуелната американска стратегија не е насочена кон долгогодишна тотална војна, која би ги уништила глобалните пазари на енергенти, туку кон ограничена воена акција (блицкриг), за принудно слабеење на иранскиот режим и преговори што ќе гарантираат стабилност во протокот на нафта и ЛНГ.
Тоа, според експерти, значи дека САД, а особено администрацијата на претседателот Доналд Трамп, не гледаат долгорочна војна со Иран, ниту пак сакаат трајни шокови на светските пазари со цени на нафта над 100 долари за барел, што би предизвикало глобална рецесија.

И парцијално затворање на Ормуз би можело да предизвика раст на трошоците за транспорт и на цените со директни ефекти врз инфлацијата

Ормуз, тесниот поморски премин помеѓу Иран и Оман, е стратегиски центар на глобалните енергетски текови. Низ него минуваат милиони барели нафта дневно. Доколку тој коридор се блокира или стане несигурен за трговски сообраќај, светот ќе се соочи со колосален шок на понудата. Многу експерти предупредуваат дека само краткорочно или парцијално затворање би можело да предизвика продолжен раст на цените со директни ефекти врз инфлацијата, трошоците за транспорт, индустриските трошоци и на глобалниот БДП.
Алијансата меѓу Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) може да обезбеди некакво олеснување преку нафтоводи што го заобиколуваат теснецот, но тоа не е доволно за да го компензира потенцијалниот пад на испораките.

Американската линија на акција

Во однос на американската политика, има контраст помеѓу традиционалните очекувања за долгорочно воено ангажирање и политиката што ја следи администрацијата на Трамп. На пример, американскиот секретар за одбрана изјави дека американската операција не е „отворена и долготрајна војна“, ниту е класично и стриктно насочена кон „промена на режимот“ во Иран. Истовремено стручни анализи, вклучувајќи и од воено-дипломатски центри, укажуваат дека ограничените удари насочени кон специфични воени и нуклеарни капацитети, како и зголемен притисок за дипломатски преговори, ја идентификуваат американската линија на акција.
И веројатно токму тоа одговара на прагматичните економски интереси на САД. Тоа со поедноставни зборови значи дека крајната цел на нивното сценарио не подразбира долгорочна окупација и воена ангажираност во Иран, туку „брза операција што ќе го натера Техеран да го намали нивото на своеглавите политики и да прифати нова рамка за регионална безбедност и економска соработка“, што значи – во координација со Вашингтон.

Со блицкриг нема да скокне нафтата на 100 долари по барел

Дури и ако САД преземат ограничени воени акции, бидејќи пазарот на нафта е глобален, ефектот врз цените не може да се избегне целосно. Сепак, сценаријата што предвидуваат екстремен раст над 100 долари по барел се значително и тесно поврзани повеќе со долгорочни конфликти што траат месеци или години, а не со кратки, строго насочени операции.
Истражувањата и економските модели на глобалната мрежа на трговија со нафта покажуваат дека „геополитиката има значително негативно влијание на енергетската трговија, особено ако нарушува суштински коридори (теснеци, премини)“, но истовремено укажуваат на тоа дека „системот е изграден да апсорбира краткорочни шокови ако тие не прераснат во долготрајни војни“!

Дали „американскиот блицкриг“ е доволен за Вашингтон да си ја постигне целта?

Ако САД преку ограничени брзи воени акции успеат да го присилат Иран да прифати поинаква геополитичка рамка што се совпаѓа со проекциите на Трамп, а која ќе гарантира сигурност за САД за производство и протокот на енергенти, најголемите нарушувања на глобалниот пазар ќе бидат избегнати.
Во таа насока е и најновата изјава на претседателот на САД дека новите ирански лидери веќе „сакаат да преговараат“ и дека тој се согласил на разговори, објави „Атлантик“ (The Atlantic).
Во изјава за новинарот Мајкл Шерер, претседателот на САД рече дека разговорите ќе се одржат, но одби да прецизира кога и со кои ирански претставници ќе се водат. Трамп во изјавата за „Атлантик“ додаде дека некои од претходните соговорници „веќе ги нема“, алудирајќи на актуелните американски и израелски напади врз Иран и фаталните последици за повеќе ирански верски, политички и воени лидери. Претходно Трамп изјави дека во нападите биле убиени 48 ирански челници. Според тоа, Вашингтон го расчистил патот од оние за кои сметал дека правеле или ќе прават опструкции во разговорите и преговорите со Иран, на начин како што сметал, односно со брз и летален воен удар, за кој сметал дека би бил доволен. Р.С.


Иран нема планови да ескалира со кризата со затворање на Ормускиот Теснец по нападите на САД и Израел

Сигнал од Техеран дека не сака да ја дестабилизира глобалната економија

 

Техеран во моментов не планира да го затвори Ормускиот Теснец, изјави министерот за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за „Ал џезира“, по неодамнешните напади на САД и Израел.
– Засега немаме намера да го затвориме Ормускиот Теснец, ниту пак планираме, во сегашната фаза, да преземеме какви било мерки што би ја нарушиле пловидбата – изјави шефот на иранската дипломатија, кој нагласи дека Иран во овој момент не размислува за чекори што би можеле дополнително да ја дестабилизираат поморската трговија во регионот.
Сепак, и покрај официјалниот став на Техеран, дел од енергетскиот сектор веќе реагираше претпазливо. Неколку сопственици на танкери, нафтени компании и трговски куќи привремено го прекинаа транзитот на нафта, гориво и течен природен гас низ теснецот, кој претставува клучна артерија за глобалното снабдување со енергенти и во голема мера се наоѓа во иранските територијални води.
Сателитските податоци покажуваат зголемен број бродови закотвени во близината на клучните пристаништа во Обединети Арапски Емирати, вклучувајќи го и Фуџаира, што укажува на претпазливост кај бродските оператори поради безбедносната состојба.
Дополнително, група водечки поморски осигурители – „Гард“, „Скулд“, „Нортстандард“, „Лондон П&И клуб“ и „Американ клуб“ – објавија дека го откажуваат осигурувањето од воен ризик за бродовите што пловат во регионот на Персискиот Залив, поради зголемените ризици поврзани со конфликтот.
Ормускиот Теснец е еден од најстратешките морски премини во светот, преку кој минува значителен дел од глобалниот извоз на сурова нафта и течен природен гас, па секоја ескалација во регионот предизвикува сериозна загриженост на меѓународните енергетски пазари. Р.С.