Францускиот претседател го претстави новиот концепт на напредно одвраќање, сред воените судири на Блискиот Исток
- Во внимателно изработен 50-минутен говор, францускиот претседател ги нагласи соработката и солидарноста со Европејците, презентирајќи нов концепт на напредно одвраќање. Целта е годинава да се воспостави соработка со седум земји од Европската Унија и со Обединетото Кралство, давајќи им можност на партнерите да се приклучат во вежби за воено одвраќање или да учествуваат во конвенционални операции
Во својот говор во поморската база Ил Лонг, во понеделникот, францускиот претседател Емануел Макрон откри нов концепт на напредно одвраќање и најави зголемување на бројот на француски нуклеарни боеви глави, нагласувајќи ги соработката и солидарноста со сојузниците на европскиот континент. Во поморската база во Финистер, изборот на зборови никогаш не е случаен. „Триумфант“, „Темерер“, „Вижилант“ и „Терибл“: четирите подморници што ја сочинуваат океанската компонента на француското нуклеарно одвраќање, беа лансирани за време на ерата на „мировна дивиденда“. Сегашната геополитичка и воена ситуација во светот ќе биде сосема поинаква приказна за нивните наследници, од кои првата е предвидена за завршување во 2036 година. Именувана „Непобедлива“, на отворањето на говорот на Макрон за еволуцијата на француската нуклеарна доктрина, таа ќе се соочи со сосема различни закани.
– „Заградата во историјата“ е затворена – изјави претседателот на републиката, очекувајќи ширење на конфликтите и влегување во нова „ера на нуклеарно оружје“. Глобалната архитектура за контрола на нуклеарното оружје е толку ослабена што наликува на „поле од урнатини“, тврди тој, забележувајќи дека неколку меѓународни договори сега се нефункционални или загрозени.
План за распоредување „стратешки сили“ на сојузнички територии
Во внимателно изработен 50-минутен говор, францускиот претседател ги нагласи соработката и солидарноста со Европејците, презентирајќи нов концепт на „напредно одвраќање“. Целта е годинава да се воспостави соработка со седум земји од Европската Унија и со Обединетото Кралство, давајќи им можност на партнерите да се приклучат во вежби за воено одвраќање или да учествуваат во конвенционални операции. Во рамките на ваквата голема одлука, Емануел Макрон посочи дека „елементи на стратешките сили“ би можеле да бидат распоредени и во сојузничките земји.
– Исто како што нашите стратешки подморници природно се распрснуваат низ океаните, гарантирајќи постојана способност за удар, нашите стратешки воздухопловни сили ќе можат да се прошират длабоко во европскиот континент – објасни францускиот претседател, нагласувајќи дека „ова распрснување низ европската територија ќе ги комплицира пресметките на нашите противници“.
Во пракса, планот не е да се позиционираат авиони или нуклеарни боеви глави надвор од француските граници – како што прават Американците во неколку земји на европскиот континент – туку да им се дозволи на стратешките воздушни сили да ја користат територијата на сојузничките земји на ад хок и привремена основа.
Првично, осум земји се согласија да се приклучат на ова средство за одвраќање: Обединетото Кралство, Германија, Полска, Холандија, Белгија, Грција, Шведска и Данска.
– Ова е вистинска стратешка конвергенција меѓу нашите земји, која ќе даде вистинска длабочина на одбраната на нашиот континент – изјави францускиот претседател. Сепак, овој „клуб од осум“ не е затворен.
– Во тек се и дискусии со неколку други земји и ќе продолжат во наредните недели и месеци – додаде францускиот претседател.
Управувачките групи треба да се формираат „во наредните денови“, при што Германија и Франција ќе дадат првично соопштение во врска со ова. Овој концепт на напредно одвраќање „претпоставува заедничка работа на заканите и разузнавањето, специфични средства за комуникација, организација, но и заедничко разбирање на двигателите на ескалацијата и како да им се спротивставиме ним, особено во нејзината конвенционална фаза“, како што нагласи Макрон.
Европа со предизвик за зголемување на конвенционалните воени капацитети
Менаџмент на војна под нуклеарен праг
Во однос на дефиницијата на овие витални интереси, претседателот на Франција одржуваше строга „нејасност“.
– Нашите црвени линии не се јасни. Не можат да бидат. Сепак, секако, нашите интереси не можат да се спојат со самото обележување на нашите национални граници. Можеме ли да замислиме дека опстанокот на нашите најблиски партнери би можел да биде загрозен без тоа да влијае на нашите витални интереси – кажа Макрон.
Затоа концептот на напредно одвраќање е замислен како дел од поширока рефлексија за координацијата на европските воени ресурси. Иако не станува збор за доделување специфична „улога“ на секоја земја, целта е да се осигури дека нема празнини во капацитетите, повикувајќи на „фер распределба на напорите“.
– Идентификувани се три приоритетни области: прво, „рано предупредување, преку комбинација на сателити и радари да се детектираат и да се следат ракети што би можеле да нè целат; второ, „контрола на нашиот воздушен простор со подобрена воздушна одбрана и заштита од ракети и беспилотни летала“; и конечно, трето, „можности за длабок удар“ – објасни Макрон.
Предизвикот за Европа е да ги зголеми своите конвенционални капацитети за да може да управува со воена ескалација под нуклеарниот праг, што е моментална слабост.
Макрон, наведува две програми дизајнирани да ја зголемат европската автономија: „Жавел“ и ЕЛСА. Првата, лансирана есента во 2025 година од Франција и Германија, е програма за набавки фокусирана на откривање ракети и за рано предупредување. Втората, која датира од 2024 година, е европска иницијатива за заеднички развој на можности за удар со долг дострел.
Во неколку наврати, Макрон го нагласи суверенитетот на Франција над нуклеарното одвраќање.
– Посакувам веднаш да го кажам: нема да има споделување на конечната одлука, ниту на нејзиното планирање, ниту на нејзиното спроведување. Според нашиот устав, таа му припаѓа исклучиво на претседателот на републиката, кој е одговорен пред францускиот народ. Следствено, нема да има споделување на дефиницијата за витални интереси, ниту какви било гаранции во строга смисла на терминот – повтори Емануел Макрон, додека дел од опозицијата во Франција редовно го обвинува шефот на државата дека сака да го продаде нуклеарното оружје.
Чекор кон европеизација на француското нуклеарно одвраќање
Француското нуклеарно одвраќање се европеизира и се развива во „напредно одвраќање“, во партнерство со осум земји, вклучувајќи ги Германија и Полска, каде што може да се стационира нуклеарно оружје. Ова е значаен чекор за Европа во време кога се чини немоќна пред растечката бруталност во светот. Говорот на Емануел Макрон, напротив, има цел да најави значаен чекор во формирањето основна европска одбранбена сила, центрирана околу нуклеарниот арсенал на Франција. Потегот без преседан се смета за одговор кон американскиот претседател Доналд Трамп и перцепцијата дека американскиот безбедносен чадор во Европа повеќе не е сигурен.
Досега постоеше имплицитна европска димензија на француската нуклеарна доктрина, како што е изразена уште од времето на генералот Де Гол: нуклеарното оружје е последно средство за одбрана на „виталните интереси“ на Франција. Но се подразбираше дека доколку Германија биде нападната, што е веродостојно сценарио за време на Студената војна, виталните интереси на Франција исто така ќе бидат загрозени. Емануел Макрон не само што се помести над оваа двосмисленост туку и го прошири опсегот на ова разбирање. Тој наведе осум земји со кои Франција создава партнерства за „напредно одвраќање“, воспоставениот термин. Ова се земји каде што, за првпат, Франција би можела, во случај на криза, да распореди авиони на Стратешките воздухопловни сили со нивното нуклеарно оружје на ад хок основа.
Секако, тука е и Обединетото Кралство, најблискиот партнер во однос на одбраната, кое само по себе е нуклеарна сила; но исто така и Германија, Белгија, Холандија, Грција, Шведска и Данска, како и голема централноевропска земја, Полска. Листата не е исцрпена, па и други би можеле да му се приклучат на овој многу ексклузивен клуб.
Кој одлучува за употребата на нуклеарно оружје?
Кој одлучува за потенцијалната употреба на нуклеарно оружје? Ова е најчувствителната точка. Одлуката, повтори завчера Емануел Макрон, ќе остане на претседателот на Франција во тоа време. Оваа одлука нема да биде споделена, спротивно на дезинформациите што циркулираат со месеци на социјалните медиуми.
Затоа, тоа е многу сложен потфат, базиран на доверба, тесна соработка, учество во заеднички вежби и, на крајот, на заедничка политичка визија. Само завчера, во француско-германско соопштение беше објавено создавање „група за управување со нуклеарно оружје на високо ниво“ меѓу двете земји, прва во серијата билатерални комитети со земјите учеснички.
Во сегашниот заканувачки контекст, ова е важен момент за Европа. Т.Г.
Француската доктрина најавува зголемување на бројот на нуклеарни глави
„Една француска подморница носи ударна моќ еквивалентна на збирот од сите бомби фрлени врз Европа за време на Втората светска војна“
Ова отворање на француската доктрина кон Европа беше придружено со голема најава: зголемување на бројот на француски нуклеарни боеви глави (моментално 290).
– Понатаму, Париз повеќе нема да открива бројки за својот нуклеарен арсенал, „за разлика од она што можеби беше случај во минатото“ – рече Макрон. Русија и Соединетите Американски Држави поседуваат нешто повеќе од 1.700 распоредени боеви глави, Кина 600 во резерва или распоредени, а Обединетото Кралство 225, според шведскиот аналитички центар СИПРИ.
Сепак, нема прашање Франција да се впушти во трка со вооружување.
– Само една од нашите подморници, како онаа зад мене, носи ударна моќ еквивалентна на збирот од сите бомби фрлени врз Европа за време на Втората светска војна. Тоа е речиси илјада пати поголема од моќта на првите нуклеарни бомби – нагласи Емануел Макрон, зборувајќи од подиумот со поглед на „Темерер“.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































