Повеќе години во моите книги пишувам каде на светските ранг-листи се наоѓаат нашите македонски универзитети. И, за жал, академските рангирања на светските универзитети покажуваат дека нашите македонски универзитети се наоѓаат на маргините за квалитет и евалуација. А од страна на надлежните македонски институции молк. Дека македонските универзитети се нешто „повеќе“ фокусирани на образованието, а многу помалку на науката, истражувањето и иновацијата, доволно говореше донесениот владин буџет на ДУИ и СДСМ (5,5 милијарди евра) за 2023/2024 година, со неприфаќање на амандманите на тогашните опозиционерски пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во делот во кој се предлагаа да се обезбедат повисоки средства за унапредување на науката и научноистражувачката работа, за фондот за надградба на талентирани ученици или за дигитализација на високото образование за неопходна реконструкција на високообразовната инфраструктура или да се обезбедат средства во висина за продолжување со изградба на објектите наменети за ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ-Скопје… Во повеќе наврати пишував и ги прашував тогашната министерка за образование и наука Мила Цароска и следниот министер Јетон Шаќири: Што правите, „министри“? Кога планирате да посетите еден приватен или државен универзитет во Македонија и да видите како се применува Законот за високо образование? Законот за научноистражувачката дејност? Како работи и дејствува Агенцијата за квалитет на високото образование, нејзините одбори? Формираниот национален совет…? Многу прашања, малку одговори или одговори во магла! Одговор не очекував, а и не добив. Но очекував дека ќе си заминат од Министерството за образование и наука!!! И така бидна. Секако, сега очекувам да добијам одговор од министерката за образование и наука Весна Јаневска и од новата Влада.
Од академското рангирање на светските универзитети на т.н. Шангајска листа (ShangagaHai Rancing Consultancy), меѓу првите илјада универзитети во светот нема ниту еден од Македонија. Зарем ова не е загрижувачко?
Загрижен сум од непреземањето активни мерки на институциите. Нема никакви мерки на Владата за образованието, науката, истражувањата и иновациите, нема одговорност?! Што и како работат поставената Агенција за квалитет за високото образование и нејзините одбори за акредитација и евалуација? Зошто не си ја извршуваат професионално и совесно својата работа?!. Практично нефункционирање на Националниот совет за високо образование! Зошто нема никаква собраниска расправа и одговорност за ваквата загрижувачка состојба?! Тука, секако, е министерот за образование и наука, непрофесионалната работа на Државниот просветен инспекторат, Собранието на Република Македонија, кое е основач на јавните универзитети. Тука треба да се осмели највисоката Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – која треба да креира стратегија и излез од овој наш бродолом на високото образование и наука на нашите универзитети и слично. Има многу прашања, но нема професионален и одговорен однос на институциите.
Што покажуваат резултатите од студијата „Патоказ за истражувачката инфраструктура на Македонија“
Студијата покажува дека: од вкупно 70 истражувачки лаборатории / институти, кои лани биле консултирани за изработка на оваа студија, 20 поседуваат истражувачка опрема во вредност од над 50.000 евра. Опремата главно се наоѓа на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје. Институтот за напредни композити и роботика од Прилеп е единствена приватна истражувачка институција што поседува истражувачка опрема вредна над 50.000 евра, се проценува на околу 15 милиони евра, намалена за онолку колку што е амортизирана таа опрема со текот на времето. Просечната старост на опремата за истражување е 9 години.
Што покажуваат резултатите за истражување во ЕУ, а што во Македонија?
Државите на Европската Унија (ЕУ) се стремат парите за истражување и развој да стигнат до 3 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), а во Македонија овие бројки постојано опаѓаат. Во 2014 година, за истражување и иновации биле издвоени 0,5 отсто од БДП, за преку 2018-та, па до 2020 година таа бројка да падне на 0,3 отсто од БДП…
Во периодот на ова живеење кога светот се наоѓа на една карта за да обезбеди здрава храна и чиста вода за пиење, истражувачите од лабораторијата за прехранбената технологија при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ-Скопје, работат со опрема стара најмалку 13 години. Оправдани се реакциите на професорите, дека опремата е амортизирана многу брзо и затоа повеќе од потребно е нејзиното осовременување. Дел од неа добиле преку програмата „Темпус“, околу 2000 година. Професорите реагираат: Осовременување на апаратите е потребно што поскоро и затоа што тоа ќе значи можност за младите македонски научници да можат да се натпреваруваат со колегите во светот, но и да бидат конкурентни на странски пазари.
Останува заклучокот на македонските научници: Повеќе наука и иновации, повеќе пари во бизнисот.
Што работи Националниот совет за високо образование?
Со право се незадоволствата на професорите, кои истакнуваат дека дополнителен проблем на македонските истражувачи и иноватори е фактот што Националниот совет за високо образование и научни истражувачи и иноватори нема донесено нова НАЦИОНАЛНА ПРОГРАМА за научноистражувачка дејност. Но, затоа тука е: Европскиот институт за иновации и технологии (ЕИТ).
Овој институт е независно тело на Европската Унија (ЕУ) што ги поттикнува иновациите низ Европа со здружување организации од бизнисот, образованието и истражувањето. Токму ваква подршка доби Катедрата за индустриско инженерство и менаџмент при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ-Скопје, каде што веќе функционира новата лабораторија во која студентите веќе успеале да изведат неколку експерименти. На овој план ќе ги наведам: Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ-Скопје, отвори лабораторија за производство „ФЕИТ Фаб Лаб“ со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), како и работилници за вградливи микрокомпјутерски системи, Робомак, Технологија за тебе и програмата INNO-SAE во соработка со Центарот за трансфери на технологијата и иновации-ИНОФЕИТ. Лабораторијата за производство „ФЕИТ Фаб Лаб“, како што истакнуваат од менаџментот на факултетот, е чекор кон трансформација на ФЕИТ во истражувачката и претприемачки ориентирана воспитно-образовна институција подготвена на новото време. ФЕИТ посветува посебно внимание на развојот и квалитетот на своите студенти, а со „ФЕИТ Фаб Лаб“ се отвора и за поголем круг на млади луѓе како можност своите иновации да ги реализираат кај нас, истакнуваат од менаџментот на факултет.
Во соработка со студентите на повикот од Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ се развиени два прототипа, кои се презентирани на студентската програма „Innovations in Smart Anything Everywhere – INNO SAE“. Студентите од Фармацевтскиот факултет – УКИМ-Скопје, учествуваа со два развиени прототипа, и тоа:
1. Фармасет – уред со светлосна и звучна сигнализација наменет за надминување на проблемот со непридржување до терапијата со лекови.
2. Гастросенс – уред што ја детектира промената на pH-вредноста во желудникот и дава звучен сигнал при последователни промени на вредноста на pH како резултат на прекумерно внесување храна.
Во исто време, Машинскиот факултет при УКИМ-Скопје е носител на научноистражувачката дејност од областа на машинската струка и, како што истакнуваат, „претставува центар за развој на науката, научната мисла и примената на науката“. Факултетот остварува значителен придонес во научната сфера преку објавување научни трудови на конференции и во домашни и меѓународни списанија и реализација на домашни, билатерални и меѓународни научноистражувачки проекти. Досега факултетот учествувал во реализацијата на повеќе од 60 меѓународни проекти од различни програми, како на пример програмата Темпус, ФП6, ФП7, Хоризон, ИПА, Еразмус, RCF, НАТО, УНИДО, УНЕП, УНИЦЕФ и разни програми поддржани од меѓународните агенции за соработка како УСАИД, ГИЗ, АДА, СИДА, ЈИЦА и други.
Дополнително, свој придонес во оваа сфера Машинскиот факултет од Скопје обезбедува и со издавањето на научното списание „Машинско инженерство“. Првиот број на ова списание е издаден во далечната 1978 година и досега се издадени вкупно 62 изданија. Списанието има меѓународен уредувачки одбор и излегува двапати годишно, со политика за слободен пристап до трудовите што се рецензија на истите тие.
Во рамките на факултетот успешно функционираат и неколку центри, како на пример: Центарот за истражување, развој и континуирано образование – ЦИРКО, УНИДО Национален центар за почисто производство, Центарот за енергетска ефикасност, Центарот за климатски предизвици, Универзитетскиот центар за развој на нови бизниси (УКИМ-БСЦ) и многу значајниот Центар за кариера, кој им дава целосна поддршка на студентите во процесот на кариерен развој, остварување практика и вработување.
(Темата продолжува утре, под насловот „Што сметам дека треба да знаат надлежните образовни институции“)
Ѓорѓи Илиевски
(Авторот е виш просветен инспектор во пензија)
Јаневска реферираше пред јавноста за работата на Министерството за образование и наука во изминатата година
Образовниот систем во Македонија се наоѓа во динамичен период, обележан со најави за крупни реформски зафати, предизвици при уписот на ученици и интензивни политички дебати за насоката на неговиот развој. Во центарот на вниманието се новата министерка за образование и наука Весна Јаневска и нејзините првични потези, кои предизвикуваат реакции кај опозицијата и стручната јавност.
Министерката Јаневска вчера во просториите на Министерството одржа прес-конференција на која ја информира јавноста за резултатите од работењето во изминатата година.
– Образованието тргна од длабок минус, минимум квалитет и крајно незадоволителен. За жал, во изминатите седум години во образованието не беше направено ништо за тоа да се придвижи кон европскиот образовен простор. По една година имаме видливи резултати, кои ќе станат јасно видливи на крајот на мандатот на оваа влада – истакна министерката за образование и наука.
Целта е, како што кажа Јаневска, модернизација на образовниот систем преку негова дигитализација и воведување вештачка интелигенција во наставата за нашите ученици, нашите млади, да почнат да градат и да веруваат во вистински вредности, да се надградуваат себеси, да развиваат компетенции, вештини, способности и да ја сакаат државата, како и да може да излезат на пазарот на трудот дома и на глобално ниво.