Фото: Пиксабеј

Официјална Атина вешто избегнува педантно процесирање на три големи скандали што ја потресоа државата во изминатите две години, а Бугарија останува при врвот на листата земји членки на Советот на Европа според бројот на неспроведени одлуки на Европскиот суд за човекови права. Вакви „негативни примери пар екселанс“ има безброј и континуирано во овие две наши соседни „европски“ земји. Но географската припадност на овие две земји во Европа по автоматизам не ги чини нив „европски“ и по стандардите. И сега ако нашите европски соседи се во еден битен дел со нефункционални системи, тогаш што ни преостанува нам кога Брисел ни наметнува најтесна соработка со ЕУ-соседите, а очигледно модел за преземање пример за функционална држава и институции сигурно не може да ни бидат ни Атина ни Софија…

Грција и Бугарија внатрешно ја еродираат ЕУ со спроведување селективна правда и неказнивост како континуирана системска практика

Грција претрпе низа скандали што придонесуваат за чувството дека се соочува со значително отсуство на правда и дека оние што се на власт не сакаат да ја поправат ситуацијата или, уште полошо, сносат вина за неа. Во земјата позната како лулка на демократијата, токму затоа се стекнува и впечаток дека демократијата еродира. Ваквата состојба ја забележа и бриселскиот портал „Политико“, кој ја опиша Грција како „земјата што дозволува луѓето да ѝ избегаат на правдата“. Бугарија, пак, останува при врвот на листата земји членки на Советот на Европа (СЕ) според бројот на неспроведени одлуки на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), што дополнително потврдува дека официјална Софија целосно го игнорира меѓународното право, а со тоа ги прекршува обврските што ги презела како членка на СЕ и воопшто како членка на Европската Унија. Земајќи ги предвид ваквите околности се јавува голем сомнеж дека Македонија може да очекува правичност од соседите во меѓусебните односи, кога тие не спроведуваат правда ниту во домашни рамки за сопствените граѓани.

Три скандали ја разнишаа вербата на Грците во власта и во институциите

Три големи скандали ја тестираа вербата на Грците во нивното судство и власт во изминатите неколку години. Два од нив се поврзани со сообраќајни несреќи – со железничката несреќа во февруари 2023 година кај Лариса, во која имаше 57 загинати во судир помеѓу два воза, и со бродоломот во близината на брегот на Пелопонез минатото лето, во кој се претпоставува дека се удавиле стотици азиски и африкански мигранти. Третиот скандал наречен „Предаторгејт“ потекнува од 2022 година и опфаќа прислушување политичари, новинари и судии, извоз на сомнителен шпионски софтвер во автократски режими и оставки на високи функционери. Минатата недела, обвинител од врховниот суд ги ослободи политичарите, полицијата и разузнавачките служби во земјата од одговорност за незаконско постапување во тој случај.
– Постои чувство на систематски и усогласен напор за минимизирање на одредени инциденти – истакна омбудсманот на Грција, Андреас Потакис, додавајќи дека ваквата ситуација раѓа „сомнежи за обид за прикривање“ и за небрежност во која „би можело да биде вклучено и политичкото водство“.
Поединечно, случаите можат да изгледаат како тип несреќни инциденти со кои би можела да се соочи секоја власт, но начинот на нивно справување отвори вознемирувачки прашања. Опозициските партии, групите и организациите што ги претставуваат жртвите и независните истражители укажуваат на прикривање. Згора, се јавуваат тврдења дека клучни сведоци биле опструирани, правните документи игнорирани, а жртвите тргнати настрана, како што наведува „Политико“, додавајќи оти собраниските истраги направиле малку, освен што дополнително ги „заматиле“ случаите.
– Со давањето лажен впечаток на добро функционална демократија, со парламентарните истражни комисии, кои не се во можност ефективно да ја спроведат својата работа, она што всушност понекогаш се случува е еднакво на директно политичко мешање и неутрализирање на членовите на независните надзорни тела – рече Вас Панајотопулос, кој известува од Грција за „Репортери без граници“ (РСФ), непрофитна организација што ги брани слободите на печатот.
Во јуни минатата година, пак, во близината на грчкото крајбрежје се преврте брод од Либија со околу 750 мигранти, од кои104 беа спасени. Се претпоставува дека другите ги загубиле животите. Една година подоцна меѓународните организации забележуваат дека улогата на грчките власти во инцидентот допрва треба да биде соодветно истражена. Особено откако преживеаните ја обвинија грчката крајбрежна стража дека постапила несоодветно, што властите остро го демантираат.

Грција го отфрли европскиот апел за дејствување против поранешни министри

Ноќта на 22 февруари 2023 година, во директен судир на возови во Лариса загинаа 57 луѓе, од кои многумина беа студенти. Како што се крена прашина за најсмртоносната железничка катастрофа во грчката историја, се појави подлабока загриженост во врска со функционирањето на државата. Критичарите на грчката власт зборуваат за прикривање, особено за лошо менаџирање на највисоко ниво, но и за корупција во железницата. Беше поведена парламентарна истрага, но наместо да се фокусира на несреќата, таа се насочи кон историјата на грчкиот железнички систем.
Владата, во меѓувреме, го отфрли досието на европското обвинителство во кое се повикува на дејствување против двајца поранешни министри за транспорт – Христос Спирцис од СИРИЗА, кој беше осомничен за прекршување на должноста, односно Константинос Караманлис од Нова демократија, кој беше осомничен за злоупотреба на средства.
Врз основа на грчкиот закон, само парламентот на земјата може да го испита наводното несоодветно однесување на поранешните министри. Од друга страна, обвинителството на ЕУ вели дека прописот е спротивен на правото на Унијата и го отвори ова прашање до Европската комисија. Како одговор, грчкиот премиер Мицотакис ја обвини европската обвинителка Лаура Ковеси за мешање во тековен случај и за пречекорување на нејзините овластувања. Во неодамнешно интервју за „Политико“, Мицотакис го бранеше грчкиот правосуден систем велејќи „отсекогаш сум верувал дека треба да имаме верба во грчкиот правосуден систем“.
Според истражувањето спроведено за институтот „Етерон“ по повод 50-годишнината од враќањето на демократијата во Грција, само 29 отсто од грчките жители имаат доверба во судството во земјата. Грците сфаќаат и дека општествените стандарди пропаѓаат, што се забележува и од вербалните напади врз новинари од страна на високи функционери, што станаа секојдневие, подривањето на независните тела и зачестувањето на полициската бруталност, додека граѓанското општество и медиумскиот плурализам се под закана. П.Р.


Грчките функционери и служби ослободени од обвиненијата за „Предаторгејт“

Грчкиот шпионски скандал „Предаторгејт“ изби во летото 2022 година кога Никос Андрулакис, лидер на опозициската партија ПАСОК, откри нелегален шпионски софтвер на неговиот телефон, во обид за прислушување. Потоа беше откриено дека тој исто така бил следен од државната разузнавачка агенција. Оттогаш, сагата наликува на шпионски трилер во кој високоинвазивниот шпионски софтвер, „Предатор“, беше откриен на десетици телефони на министри, воени началници, новинари и деловни луѓе. Тоа вклучуваше и нелегален извоз на софтверот во диктаторските режими. Две години подоцна, судските власти ги ослободија сите државни функционери и државни служби од обвиненијата за незаконско постапување, што опозициските партии го нарекоа „ден на срамот“.


Бугарија не ги спроведува пресудите на ЕЧСП
ЕУ ја критикува Софија, но и натаму ѝ прогледува низ прсти

Бугарија упорно одбива да спроведе 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕЧСП) во врска со регистрацијата на македонските здруженија во оваа земја. Тие се дел од околу 170-те пресуди што Бугарија не ги извршува, со што постојано е меѓу десетте членки на Советот на Европа што имаат најмногу неспроведени судски одлуки. Токму затоа, ваквата ситуација будно ја следи Комитетот на министрите во Советот на Европа.
Беше предвидено овој комитет во два наврата годинава да ги разгледа прашањата за правата и положбата на припадниците на македонскиот народ во Бугарија. Прво ги разгледа во март, а повторно ќе се разгледуваат и месецов. Во последната одлука на ова европско тело јасно беа посочени критики до официјална Софија за нејзината досегашна неактивност во насока на подобрување на човековите и малцинските права на тамошните Македонци. Бугарските власти беа повикани и да ги засилат своите напори за да постигнат видлив напредок во спроведување на пресудите во полза на организациите и друштвата на Македонците во Бугарија. Властите од Софија во јуни требаше да достават детална информација до Комитетот на министрите на Советот на Европа за тоа што ќе преземат во врска со пресудите на ЕЧСП за регистрацијата на здруженијата на Македонците во оваа земја.
Неспроведувањето на пресудите на ЕСЧП од страна на Бугарија беше нагласено од парламентарното собрание на СЕ и од Европскиот парламент при расправата за Бугарија. Но токму меѓународната заедница има вина за ваквото однесување на Софија, бидејќи ја толерира и не презема никакви контрамерки, покрај барањата за спроведување на пресудите и констатирање прекршување на меѓународното право. На овој начин доаѓа до израз и нефункционирањето на меѓународното право.
Згора, бугарските судови ја сметаат за неуставна регистрацијата на македонските здруженија и партии во Бугарија, додека истовремено бараат Македонија да го смени својот устав и да ги впише Бугарите во него. Ваквите условувања од Бугарија станаа и пречка за македонските евроинтеграции, но таа како членка на ЕУ има можност да поставува и неразумни услови, па јасно е дека не треба да се очекува правичност кон Македонија.
Забележана е и неможноста на Бугарија за справување со корупцијата и за реформирање на судството, со што останува негативната перцепција за отсуство на владеењето на правото и за функционирањето на правната држава, како дома така и во меѓународни рамки.