Фреска од црквата „Свети Димитрија“ во Битола

Како би можел туристичкиот потенцијал да ја спаси македонската економија?

На сите континенти на планетата Земја постојат локации што ги привлекуваат луѓето што не живеат во тие предели да ги посетуваат местата по своја организација, аранжман, односно по лично планирање. Луѓето од секогаш имале потреба да патуваат, предизвикани од љубопитност, желба за авантура или од најобична досада.
Во 21 век технологијата е нераскинлив дел од животот на поголемиот дел од луѓето на Земјата, а човекот е сè подалеку од природата. Интересот да се посетат локации со недопрена природа, места што чуваат културно наследство и региони што располагаат со природни реткости отсекогаш ги привлекувале патниците, посетителите и туристите. Туризмот и патувањето се нераскинливи, па, така, и најобично патување може да се трансформира во туристичка посета. Човекот отсекогаш имал, ќе има, а во 21 век е засилена потребата да си создава услови за т.н. авантура, односно доживување и преживување искуства што благопријатно влијаат на неговата психа и целиот организам.
Како што напредува туристичката понуда и се зголемува овозможувањето на услови според највисоките норми и стандарди на пазарот така расте и побарувачката за туристички престој на егзотични и мистични места, буквално низ целиот свет. Побарувачката за културен, дури и духовен, односно спиритуален туризам влијае на зголемување на вредноста и на понудата на такви дестинации – овозможување организирани патувања, кои, иако не се дел од големата слика на туристичкиот пазар, со својата сложеност но и едноставност, затоа што најчесто се оформени според природниот човечки код за спознавање на непознатото, се вреднувани на скали различни од општата комерцијална побарувачка. Освен зголемената побарувачка за организирани патувања, расте и интересот за дигитални апликации преку кои патниците и туристите можат да си прават самостојни тури, па така, вредноста на различниот вид на туризам од комерцијалниот, кој е поврзан со човечката свест, зачувувањето на природата и почитувањето на културното наследство, постојано се зголемува, а локациите и регионите во кои има природни реткости, културни знаменитости и култни места добиваат на значење. Еволуцијата на туристот предизвикува и промени на пазарот, за што сведочат сè почестите различни и разновидни понуди за туристички патувања и посети.

Туристот на 21 век ретко е информиран за туристичкиот потенцијал на „папокот на светот“ (katеna mundi), древната Македонија. На територијата каде што се наоѓа денешната Република Македонија уште од дамнешни времиња поминувале, доаѓале, останувале разни патници намерници, буквално од сите краишта на светот. Патописците во своите написи ги поставиле основите на денешната туристичка географија како научна дисциплина. Трговците, во потрага по нови пазари за снабдување и продавање, практикувале бизнис-туризам уште пред нашата ера. Македонија била посетувана, е посетувана и допрва ќе го привлекува вниманието на многу патници и туристи од целиот свет. Географската положба, климатските услови, природните ресурси и културното наследство се концентрирани на една навидум мала територија, држава Македонија во која можат да се посетат места што се ретки не само во регионот туку и во целиот свет. Сè повеќе се забележува присуството на многу домашни, но и странски туристи на многуте искачувања на планини, пешачења во природа, посети на природни реткости и културни знаменитости, но и развој на „екстремниот“ туризам.
Истовремено, комерцијалната понуда со својата сложеност и недоволна промоција, односно недостиг од соодветно претставување и прикажување, заостанува зад вистинските побарувања од „свесните“ туристи. Македонија претставува потенцијална туристичка дестинација, која допрва треба да се зачувува, стабилизира и развива. Недостига вклученост на официјалните институции за директна комуникација со сопствениците на сместувачки капацитети, угостителски објекти, со туристички водичи и креатори на патувања за поттикнување модерна промоција на туристичкиот потенцијал на Македонија. Отсуствува и заштитата на објектите што се културно наследство, нивно одржливо управување, но и на природните ресурси, научни истражувања за природните реткости, пронаоѓање модели и начини преку кои би можел да се развие одржлив туризам во Република Македонија. Ангажирање локални и меѓународни експерти наместо инфлуенсери со сигурност би довело до стратешки развој на туризмот во државата.

Демографските процеси и миграцијата придонесоа за отворање нови можности на туристичкиот пазар, па така веќе може да се избира помеѓу напуштени села и региони со посебни природни карактеристики за изградба на туристички центри, со цел иден развој на Македонија како туристичка дестинација, со соодветна „база“ на податоци, логистика и ресурси за секој регион. Зачувувањето на поврзаноста помеѓу локалното население и културното наследство може да придонесе за ефикасна употреба на туристичкиот потенцијал со кој располагаме. Она што секогаш е на цена кај искусните туристи е културниот туризам поврзан со традицијата на локалното население на туристичката дестинација, неговите обичаи, видови на храна, начин на живеење, прославување, духовност, религиозни објекти, археолошки локалитети и така натаму. Македонија изобилува со потенцијални дестинации за најмодерен вид на туризам – враќање кон природата и древното знаење, вредности што сѐ повеќе „добиваат на цена“ во третата деценија од 21 век, наместо луксуз и „модерни дестинации“. Најмодерно е токму она што Македонија може да го понуди на светскиот туристички пазар.
Со својата релативно мала површина, посебните природни карактеристики и географска поставеност, Република Македонија може да прерасне во држава во која не само што ќе се произведува здрава храна и разумно ќе се употребуваат природните ресурси туку и ќе се развие туризам, кој ќе претставува спој на најсовремените технологии, најновите достигнувања на економските науки и човечката свест, изразена преку „свесните туристи“ и „свесните домаќини“. Македонија ја посетуваат секаков вид на туристи, но забележливо е сè поголемо присуство на посетители од сите краишта на светот што се во потрага по македонската традиција, културните знаменитости, природните реткости, автентичната храна и прекрасните македонски пејзажи. Туристите со развиена свест за значењето на чувањето на планетата Земја, како и одржувањето во живот на културните вредности на различните народи, се во постојана потрага по нови искуства преку кои ќе се запознаат со автентични приказни, убави региони и автохтона храна и пијалаци. Република Македонија има огромен потенцијал за развој на туризам што би бил различен од комерцијалниот, што ќе придонесе не само за развој на економијата туку и за ширење на културата и традициите на македонскиот народ. Нема посетител од друга земја што бил во Македонија, а да не бил воодушевен од духот на Македонија, кој им овозможува на сите посетители да научат нешто за древната таинствена земја. Сите посетители ги паметат специјалитетите од македонската кујна што ги вкусиле при посетите на Македонија.

Македонците допрва треба да го спознаат потенцијалот на својата земја за туристички развој и разумно да го употребат, а со тоа да станат пример и за другите. Затоа што интересот од различни земји се зголемува постојано, а побарувачката за посета на локации какви што има во Македонија не престанува да расте. Патниците во третата деценија од 21 век го бараат токму она што го нуди Македонија – одлична авантура, фантастична храна, прекрасна природа и светска култура. Сите што патуваат и се во потрага по локации каде што ќе уживаат во природата и/или одблизу ќе се запознаваат со културното наследство од старите цивилизации, сакаат да ја посетат Македонија – земјата на Големата Мајка и Сонцето, скриениот рај на Европа. Па, зошто да не ја запознаеме сопствената татковина малку повеќе, да ѕирнеме во мистичната Македонија – музејот под отворено небо.


Никола Ристевски – долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство

„Mystical Macedonia: An Open Air Musem“ е книга со собрани текстови и фотографии од Македонија, објавена на Амазон од м-р Никола Ристевски во 2022 година. Книгата е достапна на платформата како дигитално Kindle издание, но и во печатена форма – со мек и тврд повез. Текстовите и фотографиите во „Mystical Macedonia“ се собрани од проектите на продукцијата „Аристон“, која во текот на своето постоење, под водство на Ристевски од 2020 до 2024 година, има продуцирано неколку кратки филма, документарни филмови и серии за Македонија, на македонски и англиски јазик.
Ристевски е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство, како на неговиот роден крај – Овче Поле, така и на цела Македонија. Во изминатата деценија има објавено повеќе книги, зборници и документарни филмови за Свети Николе, Овче Поле, Кратово, Охрид, Александар Македонски, Крал Марко и македонските природни убавини и непроценливо културно наследство. Го има промовирано Овчеполието во над 40 појавувања на национални телевизии во емисии од различни формати, во многу репортажи на интернет-портали, интервјуа во весници и радиоемисии. Ристевски е промотор на Македонија и на меѓународна сцена.
Во 2014 година заедно со д-р Домагој Николиќ од Хрватска ги иницираше првите неинвазивни археоакустични истражувања во државата, на геоглифот и античкиот локалитет Билазора во општината Свети Николе, за кои беа објавени три научни труда во меѓународната научна литература. Истражувањата беа споменати дури и во книга од еден од најпопуларните истражувачи на алтернативната историја на денешнината, Греам Ханкок, а снимки од геоглифот во 2018 година беа лиценцирани и на Хистори ченл.
Минатата година беше иницијатор, организатор и модератор на доделувањето на наградата Почесен доктор на науки на Крис Павловски од Канада, еден од најуспешните бизнисмени со македонско потекло во светот, во Универзитетот „Европа Прима“ во Скопје. Во јуни 2024 ја претставуваше Македонија на семинар за документарни филмови во Кина. Годинава Ристевски беше гостин на една од најпознатите емисии на Балканот – „На работ на науката“ (Na Rubu Znanosti), со водителот Крешимир Мишак на Хрватската народна телевизија, насловена како „Мистична Македонија“, која освен огромната гледаност за време на премиерата и репризата, има неверојатни прегледи и на Јутјуб (над 130.000 за помалку од еден месец откако е објавена).
Со оваа колумна го најавуваме фељтонот „Мистична Македонија – музеј под отворено небо“ во „Нова Македонија“, како и целогодишна кампања за промоција на туристичкиот потенцијал на државата. П.Р.

Никола Ристевски