Кога Бугарија знае дека е геостратешки важна, дека ја има Европа на своја страна, ќе го искористи тоа најдобро што може и затоа не само што внесувањето на
Бугарите во Уставот нема да биде последен услов туку ќе следуваат еден куп други услови што Македонија ќе мора да ги исполнува ако сака да напредува
во евроинтеграциите. Несомнено финалето ќе биде прифаќање идентитетско обезличување
Македонија треба да биде на штрек по најавите за динамичен скок на воениот комплекс на својот источен сосед
Бугарија продолжува да биде миленичето на Европската Унија одржувајќи го сопственото влијание преку воено-наменската индустрија. Софија отворено им ја става на располагање споменатата индустрија на европските либерални елити и нивните планови за масовна милитаризација на Европа. Значи не е прашањето дека „Бугарија ќе се вооружува и би планирала експанзија кон Македонија… тоа е заблуда“. Туку дека Софија им се става целосно на располагање на Брисел и на Европската комисија во контекст на новиот милитаристички концепт, па така, за возврат, Софија очекува нови бриселски концесии за горливото „македонско прашање“ и застанување на ЕК целосно на страната на Софија.
Низ таква призма може да се набљудува неодамнешната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Софија, која во придружба на бугарскиот премиер Росен Жељазков беше во обиколка на погоните на „ВМЗ Сопот“, најголемата фабрика за оружје во Бугарија.
– Ова е токму таков проект што сакаме да го видиме. Ќе донесе добри работни места во регионот. До илјада нови работни места ќе дојдат тука во Сопот благодарение на овие проекти, но ние го зголемуваме и нашето производство на муниција… Бугарија активно придонесува и за одбранбената безбедност на Украина и на Европската Унија. Придонесот на Бугарија и нејзината одбранбена индустрија се причина не само за национална туку и за европска гордост. Затоа, ви благодарам многу за тоа – порача Фон дер Лајен.
Посетата на претседателката на ЕК на бугарскиот државен производител на оружје доаѓа веднаш по најавата на германската одбранбена компанија „Рајнметал“ дека ќе изгради две нови фабрики во Бугарија, вклучително и проширување на објектите во Сопот, за да ја етаблира земјата како најголем производител на барут во Европа.
Со слична агенда, соработка во делот на производството на оружје, неодамна во посета на Германија беа ѝ бугарскиот претседател Румен Радев, како и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој објави дека Германија ќе гради голема фабрика за производство на барут вредна една милијарда евра. Радев, од своја страна, најави зголемување на германските вложувања во сектори како авионската индустрија, електрична мобилност, електроника, енергетика и интелигентни системи за безбедност и одржлив развој.
Дел од домашните аналитичари сметаат дека Бугарија се наметнува пред европските либерални елити како клучен играч на првата линија на фронтот на Европа кон Русија и дека капацитетите за производство на оружје ја прават исклучително важна за идните европски планови и проекции.
– Бугарија е во офанзива, ги отвора фабриките за производство на оружје за странските партнери, кои во согласност со европските планови за вооружување во тоа гледаат добра можност. Тоа се фабрики со големи капацитети градени уште од времето на блоковската војна, така што Бугарија станува важен играч во поширокиот регион и што е уште поважно, зад неа стои Германија, земјата чиј глас сѐ уште се слуша во ЕУ.
Од друга страна, без оглед на анахроните ставови кон Македонија и блокадата што ни ја наметна во евроинтеграциите, тешко е да се очекува дека Брисел во една ваква констелација ќе застане да ги брани нашите ставови и со каква било постапка ќе ѝ противречи на Софија. Едноставно тешко е да се очекува какво било омекнување на ставовите од Брисел, а уште помалку за очекување е дека Бугарија ќе се повлече од условувањата кон Македонија. Напротив, кога Бугарија знае дека е геостратешки важна, дека ја има Европа на своја страна, тоа ќе го искористи најдобро што може и затоа не само што внесувањето на Бугарите во Уставот нема да биде последен услов туку ќе следуваат еден куп други услови, кои Македонија ќе мора да ги исполнува ако сака да напредува во евроинтеграциите. Несомнено финалето ќе биде прифаќање идентитетско обезличување. Да нема никој илузии, нема попусто Европа да ја претвора Бугарија во една голема фабрика за оружје ако Софија за возврат не ја добива сета европска поддршка, без оглед на тоа какви барања и да има. Едноставно Македонија не треба да се надева на какво било омекнување на бугарскиот став, напротив, сега тој ќе станува само поригиден – заклучуваат аналитичарите.